Овие нешто крадат

18.03.2015 01:43
Овие нешто крадат

Една од првите големи преродбенички акции што ги презеде ВМРО-ДПМНЕ веднаш по доаѓањето на власт во 2006 година беше таканаречената бескомпромисна пресметка со урбаната мафија. Премиерот Никола Груевски - млад, сè уште недоволно изграден и со скромен, речиси занемарлив подземен габарит - застана пред министрите, наредени како кегли во куглана, и објави битка против сите што граделе или што овозможиле да се гради надвор од прописите, што подмитувале, тие што по своја желба ги менувале и деталните и генералните урбанистички планови. Борбата, со силна медиумска поддршка, почна, се одвиваше и заврши со штети - тешко видливи со голо око - на покривот на зградата наречена Кинески ѕид во Градскиот парк во Скопје.

Сега се гледа, дури и од авион, дека Владата не само што ја победила, туку и комплетно ја презела и ја надградила работата на мафијата, не само во урбанизмот. Криминалниот габарит на Груевски се зголемил слично како што партиската „жолта куќа“ стана бел облакодер. Како капо ди тути капи, тој ДУП-от и ГУП-от ги користел како тоалет-хартија, па планирал плацот од десетина илјади квадрати, што го зграбил во парк-шумата на Водно, да го потпре со вистински кинески ѕид висок седум метри. А за неговото урбано злосторство „Скопје 2014“ нема повизионерски зборови од неговите: „Тоа со динамит. Да не ја тупиме“.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото