Во чест на југословенскиот дизајн

19.03.2015 13:59
Во чест на југословенскиот дизајн

Зоран Кардула е дипломиран електроинженер кој со графички дизајн се занимава веќе 15 години, работи како дизајнер во агенцијата „Публицис“ од Скопје, а паралелно е посветен и на сликарство и тоа повеќе од 25 години. Досега учествувал на различни конкурси, меѓу кои на конкурс за дизајн на накит за „Swarovski“ и „INYO“, каде бил и финалист. Минатиот ноември имаше изложба на постери на тема „Soviet Neo-Constructivist Propaganda“ во Минеаполис, САД.

Бидејќи е роден и пораснал во Југославија, неговиот последен проект е посветен на југословенскиот графички дизајн. Зоран вели дека сакал да направи нешто што ќе му ги врати старите убави сеќавања на земјата. Бидејќи Југославија беше позната по развиената индустрија и повеќе успешни брендови, тој решил да редизајнира некои од најпознатите логоа и постери.

„Се трудев да направам нешто модерно, софистицирано, но исто така нешто што ќе ги содржи најважните и најпрепознатливите елементи на брендот.“

За жал, голем број од фабриките повеќе не постојат, но некаква утеха за Кардула е можноста да ја запознае и меѓународната јавност со високоразвиениот графички дизајн на Југославија.

„Се надевам дека со овие посвети кај многумина ќе ги вратам убавите сеќавања на тие прекрасни времиња“, вели овој графички дизајнер.

Извор: Boredpanda

ОкоБоли главаВицФото