Неселективно објавување нови бомби и опозициско окрупнување

20.03.2015 10:23
Неселективно објавување нови бомби и опозициско окрупнување

Во Македонија не постои политичка култура ниту историски преседан на разрешување на политички конфликти без надворешно посредство. Истовремено, сѐ уште нема критична маса на луѓе кои би застанеле зад еден силен јавен, граѓански притисок кој би предизвикал промена преку антивладини протести. Институционална (правна) разврска е невозможна во услови кога е јасно дека институциите се целосно контролирани од партијата на власт. Оттука, сметам дека ситуацијата е нерешлива без сериозна и робустна дипломатска интервенција и арбитрација на меѓународната заедница, слична на онаа од 2001 година.

ВМРО е сѐ уште апсолутен владетел, но и владетел во голема неволја со оглед на видовите злоупотреби кои секојдневно се објавуваат преку „бомбите“. Првата колатерана жртва од објавувањеето на бомбите за Владата е ефективниот губиток на ПР и пропагандата, потпора преку која до пред само еден месец моќно се контролираа јавните перцепции. Повеќе од 75% од граѓаните ги следат бомбите – а бидејќи во нив се водат разговори на македонски јазик (чија автентичност не е оспорена од никого) – скоро на сите им е јасна содржината. Пропагандата сега веќе има ограничен ефект, бидејќи и за најспособните пропагандисти е скоро невозможно да се спинува содржината на прислушкуваните разговори.

Владата нема да попушти на краток рок, пред сѐ во тактички цели – бидејќи по бомбите, долгорочното останување на власт на оваа иста политичка гарнитура е веќе неплаузибилно, и тоа сметам дека им е јасно скоро на сите страни. Од друга страна, СДСМ е довчера слаба опозиција, која на голема врата се враќа со обвинувања (поткрепени со снимки) за тешки криминали и злоупотреби без преседан во демократските земји на Европа.

Динамиката на конфликтот е таква што ВМРО смета дека може да наметне излезно решение, и покрај бомбите – користејќи го фактот дека целосно ги контролира институциите и медиумите, а како што видовме има моќ да влијае неограничено на сите лостови на власта. Одржувајќи внатрешна сплотеност (колку и да е таа привидна или под закана), ВМРО смета дека ќе зачува доволно моќ да диктира решение кое на сегашното раководство ќе му овозможи целосна контрола на текот разрешницата, по принцип на „soft landing“ за сегашното високо раководство на партијата и владата.

Опозицијата треба да игра токму на обратното сценарио – на решение кое ќе биде целосен „hard landing“. Тоа може да го прави единствено со неселективно и интензивно објавување на нови бомби, вклучително и на „безбедносно-сензитивните“. Паралелно, опозицијата мора да се посвети на сопствено окрупнување преку претставување на широка надетничка, отворено прогресивна и радикално подемократска понуда за пост-груевистичка Македонија, која би мобилизирала поголем број граѓани од сите етнички, религиски и социјални групи во Македонија.

Сметам дека за степенот до кој секоја од страните ќе ја диктира разрешницата ќе пресече меѓународната заедница преку начинот на кој ќе интервенира во следните 2-3 месеци – но таа интервенција ќе ја земе предвид „ситуацијата на терен“, односно степенот на успех на двете страни во однос на нивните краткорочни тактички цели.

Извор: zasedan.ie.mk

Слики: Небојша Гелевски