Израел и Нетанјаху си се заслужуваат

20.03.2015 11:07
Израел и Нетанјаху си се заслужуваат

По објавувањето на прелиминарните резултати од овие избори, првата помисла ми беше: ќе мораме да го смениме овој народ. Не ни се потребни избори за нова власт; потребни ни се општи избори за нов народ на Израел - и тоа веднаш. На оваа земја тоа итно ѝ треба. Овој народ нема да го издржи четвртиот мандат на Бенјамин Нетанјаху, иако во вторник му ја довери задачата да формира нова влада.

Ако после шест години застој, сеење страв и паника, омраза и безнадежност - ова е изборот на граѓаните, тогаш тие се тешко заболени. Ако после сè што е разоткриено последниве шест месеци, после сè што е напишано и речено, израелскиот феникс уште еднаш се крена од пепелта така што граѓаните на Израел го избраа да ги води уште четири години - ова општество е скршено, веројатно бесповратно.

Нетанјаху ги заслужува граѓаните на Израел и тие го заслужуваат него. Патот по кој оваа земја ќе оди е зацртан со резултатите на овие избори. Огромен број Израелци очигледно изгубиле секаква врска со реалноста, што е резултат на долгогодишното перење на мозоците. Израелците гласаа за човек кој ќе предизвика санкции на Америка против Израел, за човек од кој на целиот свет одамна му се смачи. Гласаа за човек кој призна дека нè насамарил сите со својот говор на Универзитетот Бар-лан; тој сега ја симнува маската и засекогаш се откажува од тие зборови. Израелците му кажаа „да“ на човекот кој ѝ рече „не“ на палестинската држава. Драги гласачи на Ликуд, на што по ѓаволите рековте „да“? За уште 50 години окупација и остракизам? Дали тоа е она што навистина го сакате?

Во вторник беа поставени темелите за нова држава на апартхејдот. Ако Нетанјаху успее да ја направи следната влада по сопствена желба, тогаш решението со две држави конечно пропаѓа и почнува битката за бинационална држава. Ако Нетанјаху стане следниот премиер, тогаш Израел нема да го напушти само мировниот процес, туку и оваа стварност. Одбиј, драг свету, ние понатаму патуваме сами. Не се мешај, ние сонуваме понатаму, народот е со Нетанјаху. Нека Палестинците ја греат клупата во меѓународниот суд во Хаг, нека навалат нашите непријатели, нека Газа се спреми за следниот суров израелски напад.

Сè уште не е сè изгубено. Новиот премиер ќе го круниса Моше Калон и главешините на останатите помали партии. Во време на пишувањето на овој текст Калон сè уште не ги објави своите намери. Топката е во дворот на тие партии; тие ќе одлучуваат дали Нетанјаху останува во игра. Повеќето од нив го презираат, но неизвесно е дали ќе имаат храброст да постапат против мнозинската волја на јавноста. Тоа ќе биде тест на нивниот интегритет. Моше Калон и Арие Дери, дали навистина мислите дека Нетанјаху е подобар лидер од Исак Херцог за општеството на социјална правда кое наводно го сакате? Дали пристојниот и храбар претседател на нашата држава Реувен Ривлин верува дека Нетанјаху ќе биде подобар премиер од Херцог? Крајниот исход е секогаш отворен - но фактот дека лицата како Нетанјаху и партиите како Ликуд останаа водечка сила во земјата не влева надеж.

Нетанјаху само што не го престигна Давид Бен-Гурион кој најдолго владееше со Израел. Затоа списокот на неговите неподопштини е долг. Но тој е избраник на народот, или неговото мнозинство. А резултатите од изборите мораат да се почитуваат, иако станува речиси невозможно да се надевате на какво било подобрување. Единствена утеха е дека новиот мандат на Нетанјаху ќе предизвика реакции на меѓународната заедница. Тоа е сè што ни остана.

Извор: Haaretz, 18.03.2015.

ОкоБоли главаВицФото