И напаѓајте ги таквите каде и да ги сретнете

20.03.2015 12:40
И напаѓајте ги таквите каде и да ги сретнете

Куранот настанал во период од повеќе од 22 години - дел по дел и осврнувајќи се на различни настани и дадености во време на објавата (610-632). Затоа во него наоѓаме траги од речиси сите настани од тоа време: секојдневното и ритуалното, мирното и военото, правното и религиозното. Своите теми не ги обработува апстрактно, туку секогаш во конкретни и секогаш променливи контексти врз основа на минатите настани. Така е и со темата „слобода на религијата и насилството“.

Ќе го покажам тоа на два крајно контрадикторни ајети. Денес двата често се читаат поинаку отколку што тоа одговара на нивната изворна намера. Станува збор за познатиот стих за толераниција во сурата 109 - изворно како повик за дистанцирање од политеистите - и таканаречените скандалозни стихови во сурата 2, 191-193, кои изворно содржат аспекти на религиската слобода. Во познатиот стих за толеранција во сурата 109, 6 се вели: „Вам - вашата вера, а мене - мојата!“ Овој стих радо се цитира таму каде што исламот сака да се претстави како толерантна религија. Од многу џамиски проповедалници и од религиски ТВ станици во исламскиот свет овој стих се претставува како најгласен доказ дека исламот е религија која прва учи за религиската слобода и толеранција.

Она што се чини толерантно, не е

Поблиското гледање на овој стих покажува дека во него не станува збор за повик на толеранција, туку на истраен отпор кон непријателите. Историски гледано, изјавата „вам -вашата вера, а мене - мојата!“ не е никаква поука за толеранција. Стихот пред сè треба да се разбере во смисла на приговор: станува збор за бескомпромисен отпор против меканските пагани, како што тоа го потврдуваат и старите коментатори на Куранот.

Оваа сура припаѓа на најраните курански објави, како што тоа го потврдува исламската традиција и западното истражување на Куранот. Потекнува од времето во кое муслиманите ги трпеле најтешките маки и најсилната репресија. Тоа биле години во кои најверојатно поединци од младата исламска заедница под постојана и силна репресија го напуштале исламот или биле убивани. Затоа заедницата била упатена да прима утеха и во секој случај задолжително била потсетувана на својата задача на земјата. Така, во еден историски контекст, во кој муслиманите не биле владетели, туку угнетени, не можеле да бидат субјект на толеранција кон владејачките верници, туку само објекти на толеранција на паганските земјаци.

Но, од оваа толеранција ништо не се почувствувало, па затоа Пророкот како водач и пример за заедницата бил повикан радикално да побара реллигиска слобода за својата заедница: „Во името на Алах, Милостивиот, Сомилосниот! Кажи: 'О вие неверници, јас нема да им се клањам на оние на кои вие им се клањате, а ни вие нема да му се клањате на Оној на кого јас му се клањам; (...) вам - вашата вера, а мене - мојата!'“ (сура 109)

Многу е интересно како најважното место на религиските слободи во Куранот се губи со намерна реинтерпретација на овој извадок преку толеранцијата. Овој извадок зборува за отпор против угнетувањето и инсистирање на религиска слобода.

Она што се чини брутално, не е

Кај повнимателното историско разгледување на Куранот може да се заклучи дека местата во Куранот кои врз основа на нивната воена содржина, многу модерни муслимани најрадо ги игнорираат, содржат многу либерален став кон верската разноликост и различноста на мислењето. Во овие курански места се вбројуваат таканаречените скандалозни стихови кои настанале во последните години од објавувањето во Медина. Во сурата 2, 191-193 се вели: „И напаѓајте ги таквите (се мисли на паганските непријатели) каде и да ги сретнете и прогонете ги од онде од каде што тие ве прогонија (се мисли на Мека). А злоупотребувањето (фитна) е потешко од убивањето! И не се борете против нив кај Чесниот храм (кај Ќаба), додека тие не ве нападнат вас. Ако ве нападнат, тогаш убивајте ги! - таква нека биде казната за неверниците. А ако се откажат (од војна) - па, Алах навистина простува и е милозлив. И борете се против нив сè додека многубоштвото не исчезне и додека верата на Алах не може слободно да се исповеда. Па ако се откажат (се мисли на злоупотребувањето), тогаш непријателството престанува, единствено останува против насилниците.“

Клучен збор од оваа одломка е фитна: „И борете се против нив сè додека не престане фитната.“ Зборот изворно значи „репресија“, „тортура“ и „испит“. Филологот и исламски зналец Руди Парет ја интерпретира како „заведување“ и ја разбира како „обид да се наведат верниците на отпадништво од исламот“. Во многу коментари на Куранот фитна се интерпретира како „немир“ односно „побуна“, но и како „невера“, „идолатрија“ и „ерес“.

Затоа изворната изјава која се однесува на злоупотребувањето на муслиманите од страна на владејачките мекански пагани дополнително добило значење, со кое можело да се смета, дека немуслиманите и муслиманите кои поинаку мислат смеат да се злоупотребуваат и да се прогонуваат како „сејачи на немир“. Зашто, токму овие зборови го прават овој текст идеален за понатамошни реинтерпретации: „Борете се против нив, додека не исчезнат сејачите на немир“, „...додека не исчезнат незнабошците“, „...додека никој повеќе не мисли поинаку“ и така натаму.

Целта е слобода на мислењето

Одломката изворно не зборува за судирање со оние кои не веруваат или веруваат во нешто друго, туку за тогаш актуелните воени судири со паганите во Мека, кој вршеле насилство врз сè уште слабите муслимани за да ги доведат до отпадништво од верата. Вака гледајќи, не станува збор за ништо друго освен за одбрана од прогонот.

Репресијата според куранскиот светоглед е една од причините кои ја легитимираат војната, дури ја прават должност: „А злоупотребувањето (фитната) е потешко од убивањето!“ Да не заборавиме дека историски гледано муслиманите биле злоупотребувани во овој случај.

Но, од одломката можеме да дојдеме до општиот принцип - во кој не е важно кои се злоупотребуваните и во што веруваат. Овој општ принцип може да се види и во други одломки од Куранот. Ќе почнеме со сурата 42, 42: „А ќе одговараат оние кои ги угнетуваат луѓето и без каква било основа го нарушуваат редот на (својата) Земја; нив ги чекаат болни страдања.“ Слично говори и сурата 4, 47: „А зошто вие не би се бореле на патот на Алах за угнетените, за мажите и жените и децата кои извикуваат: Господару наш, избави нè од овој град, чиишто жители се насилници, и Ти одреди ни заштитник и Ти подај ни го оној кој ќе ни помогне!“

И тука е уште сурата 22,39 која тоа го формулира вака: „Им се дозволува одбрана на оние кои ќе бидат нападнати од други, затоа што им се врши насилство - а Алах, навистина е кадар да помогне.“

Целта на борбата според Куранот е апсолутна слобода на мислењето, а не присила за прифаќање на исламот. Сурата 10,99 вели: „Ако твојот Господар сака, на Земјата навистина сите би биле верници. Па зошто тогаш ти да ги тераш луѓето да бидат верници?“ Слично се вели и во 18,29: „И речи: Вистината доаѓа од Господарот ваш, па кој сака - нека верува, а кој сака - нека не верува!“

Со ова би требало да биде јасно дека Куранот не им наложува мисионерство на муслиманите во која било смисла на присила, а камо ли да бара света војна за да ги присили немуслиманите на ислам. Зашто, на крајот на краиштата, Куранот не покренува апсолутно барање за ислам. Повеќе ги критизира, како во сурата 2,111, тогашните Евреи и христијани заради нивното монополистичко однесување: „Тие велат дека во Џенет ќе влезат само Евреите, односно само христијаните. - Тоа се нивни пусти желби!...“

Омер Озсој е роден 1963 година во Турција, предава куранска егзегеза на Универзитетот во Франкфурт. Студирал исламска теологија и филозофија во Анкара и таму станал доцент, а потоа и професор. Од 2006 до 2012 држел катерда за исламска религија во Франкфурт, а од 2012 е професор по куранска егзегеза.

Извор: e-novine