Златна Зора, само обратно

20.03.2015 14:46
Златна Зора, само обратно

Ја гледавте ли вчерашната дебата на МТВ? ¾ театар, ¼ дебата би рекол дека беше тоа… Борјан Јовановски беше ставен да дебатира со тројца глумци со улоги – верзии низ просторот и времето. Латас глумеше синтеза на сегашниот Латас и оној од 90-тите. Го сака Груевски, ама го поштуе и Бранко (Шема и Савова биле бољи од Заев и Шекеринска). Васко Ефтов беше стариот добар Васко. Оној од студентските денови – кога на соговорниците им дозволувал да се доискажат, но сепак зајадлив. И конечно: Столе, водителот од вселената. Човекот кој ја заврши дебатата со „Гледате драги гледачи? На МРТВ има дебати, нема потреба да ја окупирате!“

Не знам колку е паметно да се учествува на овие дебати. Од една страна, треба да се искористи секоја прилика за да се пристапи кон гледачите на МТВ, оние кои немаат кабловска за да гледаат Алсат, 24Вести или Телма. Од друга страна, која е поентата да се натпреваруваш во така нефер околности? Борјан надвикан и надброен 3 спрема 1, беше ставен во позиција да биде адвокат на СДСМ и Заев и прашањата кои другите тројца ги имаа кон нив ги упатуваа кон него. Фино им рече на крај да си го поканат Заев во МТВ па да им одговори… (ги заќути инстантно пошто не смеат да го поканат или ќе завршат во ендек).

Она што е најсмешно е како се поддржуваа Васко Ефтов и Латас во тезите. Васко, како прво, не е импресиониран од скандалите со бомбите, иако ваков случај не е забележан во компаративната политика. Ни викиликс, ни Сноуден, ни норвешкиот случај, ни Никсон, нема вакви експлицитни докази за сторен криминал против уставот и законите. Во секој разговор имате по 4-5 кривични дела за кои не само што се потребни 4-5 оставки, туку и по 40-50 години затвор. Ама Васко не е задоволен. Требало соопштувачот да има некаков кредибилитет, а тој го немал, па затоа бардот на македонското интервјуирање не може да им верува на снимките. Бесценето :)

Латас е првиот актер во скандалот со бомбите кој тврди дека снимките биле монтирани, сечени, а не само „креирани”. Во 36 минутниот разговор со Мијалков му бил исечен делот каде го советувал Мијалков да му ја остават Струмица на Заев зашто немало смисла опозицијата да остане без ништо од локалните избори. И тоа си го разговараат уредникот на најголемата телевизија и директорот на ДБК. Ох, демократијо македонска…

Вчера опозицијата претстави дваесетина нови снимки со по 4-5 кривични дела во секоја од нив. Нормално, на провладините медиуми немаше ни секунда од новите снимки. Наместо тоа, моето име се врти втор ден по ред со лажни цитати за мој притисок врз новинарите на Сител. Во вчерашните вести моите акции се споредувани со оние на Златна Зора. Многумина ме прашуваат зошто не ги демантирам тие тврдења на Шител. Пријателите се смеат и знаат дека нема шанси да сум кажал такво нешто. Но, тие ме познаваат, а што е со другите?

Како се демантираат тврдења на Сител воопшто? Уште од првата реченица, ако сме доследни, треба да се испратат 4 деманти. Веднаш штом во 7 часот секој ден се чуе:
„Добар ден, јас сум новинарот Злате Љупчов, ги гледате вестите на Сител, ова се настаните на денот“.

Прво, денот не е добар – во Македонија секој ден е поцрн од претходниот. Второ, дотичниот не е новинар, туку читач на партиски соопштенија на ВМРО. Трето, тоа што го гледаме не се вести и четврто, тоа не се настаните на денот.

Како на Шител се демантираат зборови кои не би ги кажал никогаш?

„Свињо една, си дошол од Кавадарци тука да ми се правиш главен“

Како прво, луѓето кои ме познаваат знаат дека не сум зајадлив кон луѓето од внатрешноста и не мислам дека се ништо помалку вредни од нас скопјаните. Мојата сакана е родена и израсната во Штип и згора на тоа е вљубеник во свињите како домашни миленичиња. Така што, комбинацијата на навреди во однос на свињи и скопско-провинцијална зајадливост, воопшто не е мој стил. Од друга страна, пораките во однос на поврзаноста на новинарот со медиумите на власта и Белизе, воопшто не се спомнати. А би било добро, замислете, да слушнете на Сител:

„Братучедот на Шекеринска шири ксенофобија сред Скопје! Што има Никола Наумоски против странските инвестиции од Белизе?!”

Најсмешното од сево ова се споредбите со Златна Зора. Тие тепаат на прес-конференции, ние им се смееме на новинарите на Сител. Тие мразат различни по јазик, вероисповед, сексуална ориентација, ние ги почитуваме. Тие мразат сè што не е машко, ќелаво и етнички чисто, ние го правиме спротивното. Тие се вооружени со палки и ножеви, ние со хумор и досетки. Тие би ги убиле сите шпиони и би ги закопале под бетонска плоча… Ама ние сме ко Златна Зора.

Ние сме исти ко Златна Зора, само обратни!

Извор: Плусинфо, 20.03.2015.
Слики: Свирачиња