Ова зад ѕидините на „Идризово“ е слобода?!

21.03.2015 01:36
Ова зад ѕидините на „Идризово“ е слобода?!

(осум Фејсбук статуси, од 17 до 20 март 2015)

 

Слобода за сите затвореници!

Претворањето на правосудниот систем во бандитски куплерај ја вади без одлагање целата структура од правниот поредок, односно ги прави правниот поредок и правото невозможни. Во строга смисла снимките кои говорат за тешкиот пораз на правната држава ја известуваат јавноста дека општата држава ги има оставено луѓето како сираци прибидејќи, во меѓувреме, решила женската да се оддаде на проституција, алкохол и политичко-финансиска дрога! Сите што лежат по затворите или се осудени на друг начин изминативе десетина години имаат природно право да се чувствуваат оштетени или аболирани и можат да ги замолат чуварите да ги пуштат. Или можат да ги совладаат чуварите и да излезат на слобода. Ако ова зад ѕидините на "Идризово" воопшто може да се нарече слобода!

Касандриче!

Ако "женичето" од Министерството за внатрешни работи продолжи да експлодира секој втор ден, се плашам дека ќе почнеме да ја обожаваме како Касандра или некоја слична филмска личност која во петнаесеттата епизода открива дека си е мајка на самата себе, вонматерично доразвиен фетус што во жесток налет на депресија мајката го исфрлила од себе со помош на огромни количества водена пареа!

Бројче

Ми се јави... па... нема пет минути, Путин, бара човекот да го извлечеме од Украина, му викам, океј, бе, Владо, пушти ми го бројчето, немај гајле, а веднаш после него, еве ти ја Моника Белучи, ми вика: љубави, а бе можеш ли да замислиш што сè би можела да ти правам од Афелација, преку таквото ми е од Чинечита и Холивуд, можам, ѝ викам јас, како не би можел, него имаш ли ти, злато, бројче, или јас треба да ти го дадам!

Важно е да си говедо!

Ако е говедото Македонец тоа ќе го добие спорот против МВР пред Врховен суд. А ако Македонецот е говедо тој, односно таа, ќе биде шеф на овие што тој спор ќе го загубат. Во селекцијата на вмровската номенклатура Македонецот е синоним за вмровец, додека говедството е клучен вредносен критериум кој од власта се шири низ општеството и станува доминантен културен модел!

"Ало, ало (шупраиш)"

Седнав да пишувам сценарио за телевизиска серија која може да се вика "Ало, ало (шупраиш)", па ме интересира кој ги има правата врз снимките што ги пушта Зоран Заев? Дали е тоа партијата од улицата "Бихаќка" или е тоа, можеби, Заев лично! Во каков статус во однос на правата се Министерството за внатрешни работи односно "убавка", луѓето што ги снимале овие материјали и патриотите кои му ги предале снимките на Заев?! Конечно, какви се правата на главните актери, пред сè на Милето Национале во улогата на главен оперативен фактор?! Да, не би сакал да ја заборавиме и странската служба, со молба да бидам известен дали може нејзиниот хонорар да го платам од сусамот!

Во земјата на ограничените врсти!

Човек од судот вади документ од активен судски процес, го праќа на обработка кај една од заинтересираните страни, во тоа време министер, значи го менува статусот на документот во правниот процес и го решава случајот така како што сака тој односно министерот!
Кај го има тоа?!
Во Македонија!
Кој е тој човек!?
Претседател на Врховниот суд!
А министерот?
Миле Национале Јанакиески!
Каков е биодиверзитетот во таа прекрасна земја!?
Ограничен, односно доминираат строго ограничени видови!

Во Македонија нема две страни за дебата!

Полоша од режимот на чипираните идиоти на Груевски е баналноста на тоа што сите го означуваат како "двете страни". Особено во контекстот на политичките дебати, на политичките различности и конфликти, со други зборови, на политичката нормалност, па дури и пожелност! Но, ние со сигурност имаме работа само со една страна, со страната на злото и поништувањето, против Македонија, против нормалноста, против човечноста итн. И имаме нешто што се обидува да се формира и формулира како втора страна, односно како страна на спасот и ослободувањето Така, сега за сега, би можеле да ја дефинираме! Тоа, како што се гледа, не се некакви две страни за политичка дебата.

Првата работа што треба да ја разберат опозицијата, медиумите кои се во состојба колку толку да промислуваат на ова ниво и, се разбира, меѓународната заедница, е оваа работа! Таквото позиционирање ќе води во одредено радикализирање на ситуацијата, но тоа е неопходен услов за позитивна разврска! Не за негативна - за позитивна разврска!

Без смени во ВМРО-ДПМНЕ или во власта, нема дијалог ниту во Скопје ниту во Брисел!

НОВА дознава дека на крајот на овој месец се очекува средба помеѓу најблиските соработници на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ со европски пратеници во Брисел во Европскиот парламент (ЕП). Маја Коцијанчиќ, портпаролка на Јоханес Хан, најавила дека во ЕП се подготвува група која ќе се обиде да најде терен за разбирање помеѓу најголемите политички партии во Македонија, но не сакаше да даде повеќе детали, освен дека се очекува реализирање на таа иницијатива во наредните две недели.

Јас мислам дека СДСМ треба да ја одбие оваа иницијатива во формата во која е излезена во јавноста. Од принципиелни причини! Таа го изместува основниот проблем: од криминалниот однос на власта кон општите ресурси и кон основните принципи на модерното европско уредување, со драматични пројави на најневеројатното злосторничко здружување во политичката историја на Европа - кон односите меѓу главните политички сили од власта и од опозицијата! Пронаоѓањето терен за разбирање меѓу најголемите политички партии може да стане актуелно дури откако едната политичка партија ќе престане да биде злосторничка организација!

На средбата во Брисел СДСМ треба да појде само под два услова: претходна смена на комплетното раководство на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје или гаранции дека во Брисел ќе се договори комплетна смена на власта во Македонија! Со утврдување модалитети за демократската и правна регенерација на државата и општеството до следните избори! Без тие услови СДСМ треба да си седи дома, да работи на идејното и кадровско освежување и надоградување и да му сугерира на Брисел да ги прекине сите контакти со Злосторничкото здружување во Скопје! Тоа не се едноставни решенија, мислам и за Брисел и за СДСМ, но работата е во тоа што ситуацијата бара да се оди по патот кој е спротивен на дневниот опортунитет!

Слики: Свирачиња