Симпатичниот работник

24.03.2015 02:44
Симпатичниот работник

Филмот „На доковите на Њујорк“ на Казан е добар пример за мистификација. Станува збор за, како што е сигурно добро познато, убавиот, безобразен, и донекаде суровиот пристанишен работник (Марлон Брандо) чија совест се буди по малку благодарение на Љубовта и Црквата (која настапува во облик на борбен поп во спелмански стил). Бидејќи ова будење коинцидира со отстранување на синдикатот кој мамел и злоупотребувал, а се чини дека ги поттикнува пристанишните работници да им пружат отпор на неколкуте нивни експлоататори, некои се запрашаа дали е тоа храбар, „левичарски“ филм, кој треба да ѝ укаже на американската публика на проблемот на работниците.

Меѓутоа, повторно станува збор за вакцинирање со вистина, а веќе укажав на сосема модерниот механизам во врска со другите американски филмови: на мала група гангстери се „натоварува“ експлоататорската функција на големите работодавачи, па кога тоа мало зло ќе признае и истисне како мало и грдо мозолче, вистинското зло се избегнува, никогаш не се именува, и така тоа се егзорцира.

Доволно е објективно да се опишат „улогите“ во филмот на Казан за да се установи недвосмислено неговата мистификациска моќ: пролетаријатот овде го сочинува група млитавци, кои го виткаат грбот под ропството кое го гледаат, но немаат храброст да го оспорат, (капиталистичката) Држава се поистоветува со апсолутната Правда, единствено од неа може да се бара поддршка против злосторството и експлоатацијата: работникот се спасува ако допре до Државата, до нејзината полиција и истражните комисии. Што се однесува до Црквата, под маската на самодопадливата модерност, таа е обична посредничка сила помеѓу темелната беда на работниците и татковската моќ на Државата-работодавец. Впрочем, на крајот малата иритација на правдата и совеста брзо се разрешува во големата стабилност на поредокот кој прави добри дела, а во кој работниците работат, работодавците ги скрстуваат рацете, а свештениците ги благословуваат и едните и другите додека ги извршуваат своите праведни задачи.

Токму самиот крај го издава филмот, во мигот кога многумина помислуваат дека Казан лукаво го потпишува своето напредништво: во последната секвенца го гледаме Брандо кој со натчовечки напор успева да стапи пред работодавецот кој го чека како добар и совесен работник. А неговиот патрон е видливо искарикиран. Некој вели: гледате како Казан перфидно ги исмева капиталистите.

 

Овде повеќе од кога било треба да се примени методот на демистификација кој го предложи Брехт, и да се испитаат последиците од потребата да бидеме на страна на главниот лик од почетокот на филмот. Очигледно е дека Брандо за нас е позитивен херој, кого, и покрај неговите мани, цела маса го поддржува со сето срце, во склад со феноменот на учество од кое не сакаат да видат ништо друго надвор. Кога херојот, уште поголем затоа што ја вратил својата совест и својата храброст, ранет и при крајот на силите, но сеедно истраен, ќе тргне кон газдата кој ќе му даде работа, на нашата приврзаност повеќе ѝ нема граници, ние без размислување учествуваме во неговото мачеништво. Но, болното вознесување на Брандо, всушност наведува на пасивно признавање на вечниот патронат: она што за нас се оркестрира, и покрај сите карикатури, е враќањето и поредокот; со Брандо, со пристанишните работници, со сите работници на Америка, ние, со чувство на победа и олеснување, му се фрламе на шефот во раце, и така повеќе нема никаква корист од насликувањето на неговите мани: одамна наседнавме, упаднавме во заедничката судбина со пристанишниот работник, кој ја открива смислата на социјалната правда само за да ја положи смерно пред нозете на американскиот капитал.

Како што гледаме, таа сцена објективно е епизода на мистификација според нејзината партиципативна природа. Издресирани да го сакаме Брандо од почетокот, не можеме да го критикуваме во ниту еден момент, дури ни да увидиме дека е објективно глупав. Знаеме дека токму против опасноста на таквите механизми Брехт го предложил својот метод на дистанцирање од улогата. Брехт би барал од Брандо да ја покаже својата наивност, да нè натера да сфатиме дека, покрај сета симпатија која можеме да ја негуваме кон неговата несреќа, уште поважно е да ги увидиме нејзините причини и решенија. Грешката на Казан можеме да ја сумираме ако кажеме дека не беше битно да нè наведе да им судиме на капиталистите, колку на самиот Брандо, зашто треба да очекуваме каде-каде повеќе од побуната на жртвите отколку од карикатурата на нивните крвници.

Извор: Roland Barthes, Mythologies, Éditions du Seuil, 1957
На сликите: Сцени од филмот „На доковите на Њујорк“ (1954)

ОкоБоли главаВицФото