За Петар Хаџи Бошков (1928 - 2015)

24.03.2015 16:34
За Петар Хаџи Бошков (1928 - 2015)

...велат, телото нема органи... велат, органите немаат тело... велат, сè е привид на материјата... велат, сè е само производ на копнежот да му дадеме форма на светот кој ни се измолкнува... светот, кој е безобликовен, а кој сака да нè вообличи... не знам... не знам што велат и дали изреченото има онолку значења и наличја колку што има луѓе со поединечни светогледи и приказни... но знам дека овде, меѓу нас, вака заслепени, разгневени, обесчувствени и обесмислени, постоеше еден тивок, умен човек, кој ни помагаше да ги согледаме нашите облици, кој ни даваше можност да се соочиме: дека телото на светот може да биде достојно, вито, комплексно, многудимензионално и повеќезначно... тивко создаваше многугласија кои му припаѓаа на оглувениот и занемениот свет... велат, Петар Хаџи Бошков бил македонскиот Хенри Мур... велам, Петар Хаџи Бошков е човек чии раце и визии им дадоа на луѓето можност да погледнат подалеку од својот лик, од своето тело... сегашноста, драг уметнику, има побитни работи од твоите скулптури... сегашноста е развревена и нема време од злосторот да го види спасот кој ти ни го нудеше низ својата визија за историјата, за човекот... сегашноста немаше време за твојот јазик... ти, драг уметнику, согледа дека кулата вавилонска е тука... среќен си што си замина... сигурна сум дека те болеше секој удар во каменот и бронзата кој го задуши нашиот град, кој ја удави нашата современост... сега биди спокоен и продолжи да го обликуваш нашето тело... ако работите воопшто некако се поврзани, можеби ти ќе можеш да го заздравиш овој облик, нашето заболено тело...

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Скулптура на сликата: Петар Хаџи Бошков

ОкоБоли главаВицФото