Силувањето како универзален модел на победничките војски во Втората светска војна

26.03.2015 02:11
Силувањето како универзален модел на победничките војски во Втората светска војна

Книгата „Кога дојдоа војниците“ на германската историчарка Миријам Гебхарт фрла ново светло на настаните од Втората светска војна и притоа крена голема прашина.

Имено, иако се знаеше дека за време на војната и по нејзиниот крај многу жени биле жртви на силување, досега за тоа беа обвинувани само припадниците на Црвената армија. Авторката во својата книга го урива митот за западните војници со беспрекорно однесување и наведува дека виновници за силувањата се и припадници на американската, британската и француската војска.

„Она што навистина ме запрепасти е дека и западните војници се однесувале по истата схема: силувањата главно им претходеле на грабежите. Војниците провалувале во куќите, прво ги земале драгоценостите, краделе велосипеди, на цивилите им ги земале часовниците од рацете и потоа се нафрлале врз жените, обично во групи. Според мене, речиси нема разлика помеѓу Црвената армија и американската војска“, вели авторката за Дојче Веле.

Во книгата таа зборува за 860.000 силувани Германки, иако досегашните проценки се движеа околу 2 милиони жртви. „Дознав колку има таканаречени 'деца на окупацијата', зашто податоците за нив се прецизни. Ние точно знаеме дека пет отсто од тие деца се зачнати во чин на насилство. Под претпоставка дека секое десетто силување довело до бременост и секоја десетта бременост е износена до крај, доаѓаме до следниот резултат: после секое стото силување е родено дете.“

Исто така, иако досега се сметаше дека се силувани само млади жени, Гебхарт говори дека жртви биле и постари жени, но и мажи и деца.

Мотивите на војниците за таквото нехумано однесување ги пронаоѓа во нивната ужаснатост од војната и страдањата, огорченоста од својата позиција, но и во исполнувањето на своевидните мачо фантазии произлезени од воената пропаганда која зборувала за „лесниот морал“ на Германките. Но, како срж на проблемот се истакнува структурата на моќта и насилството во односот меѓу половите.

За контроверзноста на темата Гебхарт вели: „Имаше една фаза во која беше политички незамисливо да се зборува за германски жртви. Прво, затоа што беше важно да се занимаваме со злосторствата на нацистите и германскта војска и од друга страна, поради политичката лојалност кон сојузниците: во Сојузна Република Германија кон западните сојузници, во ДДР кон Советскиот сојуз.“

На овој недоволно истражен дел од историјата академската заедница му пристапува сè покритички, заради разните примери од современите воени зони и практиките на терористичките и воените организации како Боко Хам и ИСИЛ.

Извор: voxfeminae.net