Избери го своето просветлување

26.03.2015 10:21
Избери го своето просветлување

Некогаш одамна, пред „просветлувањето“ да биде поврзано само со медитацијата и јогата, постоело Просветителството: филозофска револуција од 17 и 18 век која го обликувала модерниот запад. Пред просветителите да го откријат природното право, повеќето луѓе немале никакви права, слободата на говорот била многу ограничена, а владетелите не одговарале пред судот на јавноста. Идеалите на Просветителството денес се општо прифатени: толеранцијата и еднаквоста, разумот и науката, образованата и ангажираната јавност. Но, нејзините принципи со тек на време се одвоиле од нејзината пракса.

Просветителството е она што историчарите го нарекуваат „голем наратив“ (слободно додадете злобна насмевка). Колку морале да бидат будалести тие костимирани сонувачи, кога верувале во стекнувањето знаење, достоинството на секој поединец и правото да се мисли, говори и моли по свој избор. И колку сме навистина паметни ние, додека за такви прашања воопшто не се грижиме скролајќи по своите екрани? Што би рекол Г.К. Честертон: „Сè е важно - освен сè“.

Звучи иронично, но идејата за постојан прогрес му ја должиме на наследството на Просветителството. Пред модерното време, напредокот се одвивал по волја на севишниот бог, а кралевите и клерот биле носители на моралниот авторитет. За да го разбереме, треба да се договориме што е тоа Просветителство. Сите се согласуваат дека тоа се случило, но мислењата се разидуваат ако се постават прашањата кога, зошто и каде. Тоа тежнеело кон наука заснована на разумот и откривање на универзалните принципи на кои почива светот. Но, нашиот поглед на свет стана локален. По 1989 година и смртта на марксизмот, еден од најголемите наративи на Просветителството, историчарите го поделија на помали целини, како што архитектите ги делат становите. Затоа ни се чини дека имало повеќе „просветлувања“. Француските дендија кои луцидно расправаат за Разумот и укинувањето на црквата. Зацрвенетите Британци кои од кларе преминуваат на кафе и ја разгледуваат употребата на „невидливата рака“ на Адам Смит. Практичните Американци кои во дивината го откриваат природното право. Германците кои ја соблекуваат облеката и се зближуваат со природата. Евреите кои стануваат облечени и се зближуваат со Германците. Сите се просветлуваат, но секој на свој начин.

Со или без голите Германци, тоа не е сè. Просветителството е широк феномен - самиот збор често го користиме како синоним за „модерен живот“ - но неговите резултати зависат од локалните варијации. Тоа е како односот помеѓу климата и временските прилики: нивната разновидност ја потврдува постојаноста на климатските услови, но нивниот однос е секогаш нестабилен. Виченцо Фероне, автор на книгата „Просветителство: историја на една идеја“ (Enlightenment: History of an Idea), го нарекува просветителството „кентаур“, невозможна комбинација. Станува збор за низа апстрактни филозофски идеали, но и проживеано историско искуство исполнето со секојдневни разочарувања и неправилности. Знаеме како кентаурот би требало да изгледа, но никогаш не сме го виделе во реалниот живот.

„Човек секогаш треба да се стреми подалеку својот дострел“, напишал Браунинг, „бидејќи, зошто инаку би служело небото?“ Просветителството била првата модерна „теорија на сè“. Укинување на империите, робовите и свештениците; дајте ни нации, слободни умови и слободна јавност. Апсолутното спознавање на светот води кон напредок на општеството. Така накратко гласела теоријата. Во пракса, некои од локалните верзии биле застрашувачки, затоа што теоретичарите на просветителството биле уверени дека сè знаат најдобро. Тоа било движење на интелектуалците кои често го прилагодувале самите на себе. Биле горди на својата непоткуплива моралност, но, баш како и средновековните свештеници чијашто моќ ја презеле, го гледале светот од висината на својата привилегирана положба. Волтер ја критикувал црквата, но ја сметал религијата за добро средство за контрола на плебсот: подобро е малиот човек да се фати за вера отколку за оружје. Русо ги презирал авторитетите, но го поддржувал просветлениот апсолутизам кој „ги присилува луѓето да бидат слободни“.

Гете велел: „Денес нема сомнеж дека светската историја повремено треба да се пишува од почеток“. Историски гледано, менаџерскиот елитизам се испостави како сигурен пат до пеколот. Денешните технократи трчаат по фантазмагоријата на совршенството, наводно за наше добро. Лоренс Лесиг ни предлага да ги напуштиме осумнаесеттовековните идеали за интелектуалната сопственост и уставот; можеби Гугл би можел да ја спонзорира Втората уставна конвенција? Кес Санстајн смета дека луѓето не се во состојба сами да донесуваат одлуки и дека владите треба да нè „турнат“ кон „здрави“ избори. Зошто постојано би јаделе колачи, кога може да нè присилат на слободата на избор на шведска маса? На овие одбивни идеи би дошол и еден Русо, кога би работел во маркетинг денес. Тие се одраз на сè поголемиот јаз помеѓу владејачката класа и класата на потчинетите, помеѓу постојаните и привремените, богатите и сиромашните.

Големината на Просветителството не е толку во неговите идеали, колку во нашите напори да ги разбереме. Во тоа е и неговата трагедија. Историјата се одвива на ничија земја помеѓу теоријата и праксата. Но ничија земја - економска, социјална и политичка - е лошо место за живот на модерниот запад. Просветителството никогаш автоматски не ја подразбирало демократијата. Патот од идеалите на природата до политиката на природното право често се заглавувал во таа кал на ничија земја на реалната историја. Во интелектуална смисла, Просветителството отсекогаш било елитно. А во бизнисот, комерцијалната реалност на односите наттежнува над прашањата на етиката.

Идеалите на научното истражување и слободната размена на идеи преживеаја, но по цена на слабеење на просветителското наследство кое ја обликуваше демократската национална држава на граѓанска толеранција, вистинската слобода на говорот и ангажираната и образована јавност. На слободниот пазар на америкаанската духовност, „просветлувањето“ се сведе на потење на тренинг по јога, каде bodhi е лична, а никогаш политичка работа. Образованата средна класа станува луксуз кој повеќе не можеме да си го дозволиме. Ако ништо не пропаѓа толку колку успехот, тогаш просветителството пропадна грандиозно.

„Создади свој систем или другиот ќе те пороби“, рекол Вилијам Блејк, полн со романтичарски сомнеж во разумот и планираното општество. Кога визионерите ќе почнат да планираат во наше име, наша обврска е да им се спротивставиме. Ако на елитите им ја препуштиме интелектуалната работа на донесување одлуки, или се предадеме на лебот и игрите на дигиталната забава, немаме право да се жалиме од резултатите. Пред времето на Просветителството, луѓето мрмореле под суровите владетели и живееле во неслобода. Просветителството понудило алтернатива, но тоа секогаш мора одново да се афирмира: со дејствување во јавноста, интелектуален ангажман и гласање на избори. Ќе имаме свое просветлување или некој друг ќе го наметне своето.

Извор: The Atlantic
Слики: Kim Nguyen

Слични содржини

Општество / Наука / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Јавни Простори / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото