Ќе се унифицира големината на малиот мозок на градските власти

26.03.2015 12:07
Ќе се унифицира големината на малиот мозок на градските власти

Скопје, 26 март 2015

Нема повеќе различно димензионирани мали мозоци на вработените во Град Скопје, Општина Чаир, Министерството за култура и Министерството за економија. Ваквата идеја доаѓа по најавата за унифицирање на големината и ликот на излозите во скопската чаршија.

Иницијативата доаѓа од Министерството за економија и раководителите на програмата за развој на туризмот. Според надлежните од оваа институција, целта е подобро да се уреди местото од каде доаѓаат последните генијални идеи за изгледот на градот.

„Малиот мозок е клучното место за развојот на туризмот. Тука се раѓаат извонредните идеи кои несомнено ќе доведат до експлозивен пораст на бројот на странски туристи. Затоа, сакаме на сите инволвирани во овој процес да им ја унифицираме големината на малиот мозок, со цел да добиваме подеднакво генијални идеи“, велат од Министерството за економија.

Наскоро треба да биде распишан тендер за набавка на калапи кои ќе ја воедначат големината на малите мозоци, а ќе се формира и специјална Комисија за проверка на генијалноста на идеите.

„Пред да се лансира некоја идеја, мора да задоволува одредени критериуми и да има доволен индекс на генијалност. Верувам дека тоа е гарант за успешноста на идеите“, вели Перо Агломеров, надлежен за спроведување на идејата за вкалапување на мозоците.

Неофицијално, покрај унифицираниот изглед на излозите во чаршијата и големината на малиот мозок на вработените во Град Скопје, се разгледува идејата за изедначување на големината на сите камења во чаршијата, крилата на ластовичкте и гулабите што ја надлетуваат, а градоначалникот Коце Трајановски најави и изградба на пешачки кружни текови пред најпрометните дуќани, со цел да се избегне метежот меѓу туристите кои шетаат и разгледуваат низ чаршијата.