Зврлевски доби 30 дена да се изјасни за „бомбите“ на Заев

27.03.2015 10:23
Зврлевски доби 30 дена да се изјасни за „бомбите“ на Заев

Јавното обвинителство, како најповикана државна институција што цело време молчи и не кажува дали започнало предистражна постапка за сите досега објавени „бомби“ од лидерот на СДСМ, вчера од граѓанските организации здружени во Платформата за борба против корупцијата доби 30 дена да преземе мерки и да ги истражат сите криминални активности, кои јасно и недвосмислено можат да се слушнат од снимките што ги објавува Зоран Заев.

Претседателката на „Транспаренси интернешенел“ во Македонија и експерт за кривично право, Слаѓана Тасева, истакна дека Јавното обвинителство е должно не само да се произнесе по нивното барање, туку тоа треба да го стори во рок од 30 дена.

- Јавното обвинителство е должно да истражи сè од тоа што јавноста дозна од снимените материјали. Треба да испита сè во врска со низата незаконитости - нагласи Тасева.

„Објавените снимки треба да бидат предмет на истрага поради постоење основи за сомневање за незаконско прислушување, а со цел утврдување кој ги снимал разговорите и ја нарушил приватноста на граѓаните. Бараме содржината на снимките да биде посебно и внимателно истражена, затоа што разговорите укажуваат на можни незаконски активности. Без разлика кој е изворот на снимените разговори, содржината сугерира дека има корупција, вклучително и масовна злоупотреба на службената положба, дела што се казниви и кои се гонат по службена должност“, побараа граѓанските здруженија.

Во нивното барање тие ги повикуваат Јавното обвинителство, Судскиот совет и Државната комисија за спречување на корупција веднаш да започнат постапка.

- Обвинителството веднаш да поведе постапка за гонење непознати лица за неовластено и незаконско прислушување и да отвори постапка за сите наводни злоупотреби, незаконски постапувања, корупција и нарушување на човековите права, кои се наведуваат во објавените снимени разговори, а посебно да ги испита индициите од снимките дека МВР се ставило во функција на спречување политичко делување во време на избори, оти постоело прекршување на избирачкото право, незаконски се издавале лични карти, ресурси на МВР биле употребени како партиски штаб, имало манипулација со социјалната помош и бенефиции, УЈП селективно постапувала при контрола и казнување, а постоеле и притисоци и закани за губење на работното место за вработени во јавната администрација - истакна Мишо Поповиќ од „Цивилис“.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња