Лош гледач

27.03.2015 11:38
Лош гледач

Улогата на гледач ми се чинеше секогаш една од најпонижувачките.

Ете зошто, кога одам на театар, се трудам со сите средства да го привлечам вниманието на артистите.

Пред сè, влегувам со задоцнување. Кога редарката ќе ме донесе до моето место, намерно се преправам дека не можам да најдам ситни пари во џебот за да ѝ дадам бакшиш. На тој начин останувам простум колку што е можно подолго, надевајќи се дека мојата висока силуета ќе биде осветлена со некој зрак од сцената што ќе мине над стадото на другите гледачи што послушно си седнале веќе одамна на своите седишта.

Потоа добивам таков страшен напад на кашлица, што моите соседи збеснуваат и излегуваат од своето спокојство. Со тивок глас ме замолуваат да бидам повоздржан. Јас дрско им одговарам, тие ми возвраќаат со безобразие. Јас станувам зол и во воздухот почнува да се чувствува дека, излегувајќи од грлото сè уште раскинувано од гушење, моите жестои зборови ќе го напуштат шепотењето и ќе преминат во гласен викот. Конечно, се согласувам да се смирам. Но, малку подоцна, со навреден израз на лицето, почнувам со чевелот да го отчукувам тактот на подот, или дури и да потпевнувам.

Не станува збор за тоа дека претставата ми е здодевна. Јас ја следам гушејќи ја во себе желбата да уживам. Всушност, јас би сакал и врз мене да биде свртено вниманието.

Превод: Влада Урошевиќ
Слика: John Watkins Chapman

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото