Ловец на (филмски) бисери

27.03.2015 11:48
Ловец на (филмски) бисери

Режисерот и сценарист Ингмар Бергман на светот му остави мноштво филмови, театарски претстави, книги. За своето творештво доби бројни номинации и три Оскари за најдобар странски филм („Девствен извор“, „Низ мрачното стакло“, „Фани и Александер“). Покрај другите награди, тука се најдоа и пофалните зборови на неговите колеги Андреј Тарковски, Вуди Ален, Стенли Кјубрик, Френсис Форд Копола, Стивен Спилберг, Педро Алмодовар...

Ингмар Бергман е роден на 14 јули 1918 година во Упсала, израснал во Стокхолм, Шведска. Првите денови лебдел помеѓу животот и смртта, затоа што мајка му не можела да го храни заради добиената шпанска грозница. Благодарение на баба му која го однела во село кај една доилка, успеал некако да зајакне, а потоа го вратиле во семејството. Според сопствено признание чувствувал некаква „кучешка љуобов“ кон мајка си, затоа што го милувала и му раскажувала бајки.

Кога како четиригодишник добил сестра, сфатил дека повеќе не е во центарот на вниманието, па плачел, беснеел, се валкал на подот, се преправал дека е болен. Од постариот брат добил предлог да го „удави натрапникот“: за среќа планот не успеал, затоа што од столиците кои ги принел до колевката се превртел на подот. Бидејќи лековерно ги слушал и останатите совети, голтал црви, „летал“ со помош на чадор, богохулел, крадел ситни пари од капутот на татка си... И што се случувало тогаш?

Таткото, лутерански свештеник, го казнувал остро: го тепал со прачка, го тепал со ремен по гол задник, го затворал во ормар „каде злобното суштество ги гризе ножните прсти“, му ги кубел зулуфите, го терал да спие без да вечера... Малиот Бергман не знаел дали повеќе го болат ударите и модринките или понижувањето! По казната морал да му ја бакне раката на татка си и да го замоли да му ги „прости гревовите“. Во желбата за некој поубав свет, сè почесто фантазирал гласно: во прво одделение во основно училиште на другарот му рекол дека домашните го продале во циркус и дека се обучува за акробат. А, кога приказната се прочула, родителите го однеле кај доктор „како случај за набљудување“!

Страв од казна

Момчето наоѓало засолниште и поголема слобода во куќата и летниковецот кај баба му, каде престојувал за време на распустот. Во домот исполнет со старински мебел, прекрасни часовници и уметнички дела, имал смислени денови. „Филозофирал“ со баба му, читал гласно, одел во кино, цртал стрипови. Секој стрип се состоел од педесетина сликички, а работата ја продолжувале наизменично. Кога меѓу старите отфрлени играчки ќе најдел куклен театар, почнувал да прави претстави. По малку се огледувал на пријателката на баба му, која доаѓала на гости и многу вешто ја изведувала кинеската игра со сенки. Во исто време сонувал да набави справа за прикажување „живи слики“, која ја видел кај другарот.

Се воодушевил кога за Божиќ меѓу подароците забележал кутија со назив „латерна магика“, но кога се покажало дека среќниот добитник е неговиот брат, гласно заплакал. Истрчал во својата соба каде беснеел, пцуел и ковал планови да побегне од куќата. Се смирил дури на полноќ, а потоа го разбудил брата си и му понудил „замена“ – сто играчки оловни војници за кино проекторот!

По склучувањето на договорот, ја поставил „латерна магика“ на кутија за шеќер и целиот возбуден ја завртел рачката: на ѕидот се појавил лик на девојка која лежела, одела, трчала... Му се причинило како да ѝ вдахнува живот! Во наредните години со еден роднина ја усовршувал својата драгоценост и уфрлал нови филмски ленти во должина од три метри. Некои слики ги цртал самиот, а знаењето за вклопување на ликовите во позадината ги стекнувал гледајќи филмови во кино.

Во дванаесеттата година на прв поглед се заљубил во русокосо, витко девојче кое дошло на имотот покрај летниковецот на баба му. Кога забележал дека чувствата се заемни, заклучил дека личат на Ромео и Јулија. Долго разговарал со девојчето: ѝ се доверил дека веќе не верува во бога и дека во иднина ќе снима филмови. Не ѝ одолеал на фантазијата, па изјавил дека татко му е познат глумец кој настапува во радио емисии. Во друштво на саканата одел на пливање и риболов, но се плашел случајно да не ја допре.

Бидејќи љубовта ја доживувал како нешто чисто и возвишено, на задевањето од другарите одговарал со тепачка. Откривањето на сексуалноста во наредните години му внело голем немир: заради чувството на грев, се плашел да не биде казнет погрубо од вообичаеното. „Па, да, грешев, секогаш може да се најде некој скриен престап, кој потоа го гризе духот“.

Со врсниците од училиште не се сложувал претерано, затоа што нивните теми се вртеле околу фудбалот и натпреварите. Повеќе се „дружел“ со јунаците од книгите на Достоевски, Балзак, Свифт, Стриндберг. Но, кога на шеснаесет години заминал на размена на ученици во Германија, припадниците на Хитлерјугенд (младината на Хитлер) го дочекале со раширени раце. Тогаш првпат слушнал дека постои „виша раса“, додека на прашањето за „ниската“ не добил одговор. За време на прославата на партијата во Вајмар, со масата воодушевено го поздравувал „лидерот“ и ја кревал раката во нацистички поздрав. Се сеќавал: „Главечки ме фрлија пред агресијата, која во голем дел ѝ одговараше на мојата сопствена“. Кога подоцна дознал за ужасите од концентрационите логори, најпрвин почувствувал неверување, а потоа само презир. Донел одлука никогаш повеќе да не се меша во политиката, со оправданието: „Ме заблесна надворешниот сјај. Не ја видов темнината.“

И жена и љубовница

Во исто време кога во 1937 година ги почнал студиите по уметност и книжевност во Стокхолм, Бергман ја подготвувал првата аматерска театарска претстава. Веќе живеел со една глумица, но тој податок го криел од родителите. Кога вистината излегла на виделина, во домот избила голема караница, проследена со тепачка. Бидејќи му го возвратил ударот на татко му, засекогаш го напуштил домот. Наскоро се вработил како суфлер во театар, а потоа станал писател на сценарија и помошник режисер.

Кога бил снимен филмот Мачење според неговата приказна, го прогласиле за „момче кое ветува“. Во 1944 година добил понуда да го спаси театарот во Хелсинборг од пропаст, што ја прифатил со задоволство. Веднаш заминал да ја купи својата прва шапка, за да изгледа посериозно! Без оглед на тоа што се соочил со бројни проблеми (нечистотија, истрошени реквизити, болви, глувци), се чувствувал како во рај.

Кога нештата ги довел во ред, со избрана актерска дружина и премиерни претстави, успеал да ја наполни салата. Меѓутоа, се нервирал затоа што критичарите упорно го напаѓале заради новитети. Се прашувал како не сфаќале дека без духовен провев, театарот не може да дише и да живее?

Внесувал промени и на личен план: го раскинал првиот брак со танчерката Елза, со која имал ќерка, и се оженил со привлечната соработничка Елен. Во вториот брак добил четири деца, но не ја занемарувал режисерската работа. По преминувањето во театарот во Гетеборг, кој важел за прв во земјата, добил совет од управникот да ги исправи грешките и да напредува, за да не остане „мал провинциски гениј“.

Иако, му се лутел заради тие зборови, почнал да црта сцени, разбирливо, за да ги надгледува глумците додека ги изведуваат претставите. Кога во 1949 година се заљубил во новинарката Гун, почнал нова врска, со чувство дека ги „издава жената и децата“. По две години, кога добил син, веќе имал шест деца (подоцна уште три), кои морал да ги издржува. На негова серќа, снимањето филмови почнало, освен исполнување на соништата, да му носи и подобра заработувачка.

Со избрана, проверена екипа, нижел филмови: Затвор (1949), Лето со Моника (1953), Насмевки од летните ноќи (1955), Диви јагоди (1957), Девствен извор (1960), Низ мрачно стакло (1961), Зимско светло (1962), Тишина (1963)... Во текот на снимањето сакал „мир, ред и другарство“. Додека на лицата на глумците ги фаќал среќата, тагата, пригушената омраза, стравот, каењето, се чувствувал како ловец на бисери. Во целта да се претвори во „магично око“, му помагал Свен Никвист, снимател со кој се разбирал совршено. Бергман не се откажувал ни од работата во театрите во Малме и Стокхолм, затоа што создавањето претстави и понатаму го маѓепсувало. Театарот го споредувал со „верна жена“, а филмот со „возбудлива, страствена љубовница“.

Тајната на островот Фаро

Заради својата раздразлива природа и бројните обврски, во кои ги вброил и предавањата во актерската школа, го нарушил здравјето. Стомакот толку го измачувал што во 1955 година паднал на вкупно педесет и шест килограми. Кога се обратил кај лекарите, го задржале в болница, под сомнеж дека се работи за најлошото. За среќа, се покажало дека душевните тешкотии ги предизвикуваат телесните, па бил пуштен со совет да се смири и поздраво да се храни. Бидејќи во текот на снимањето на еден филм ја забележал убавината на островот Фаро, во средината на шеесеттите години на тоа место изградил куќа. Во новиот дом се одморал, читал книги, медитирал, но и правел планови со зборовите: „Моето постоење е бесмислено без работа!“

По забавувањето со актерките Харијет и Биби Андерсон, се оженил со пијанистката Каби. Заради честите патувања се гледале малку, па и тој брак бил раскинат. Кога по петти пат застанал пред олтарот со Ингрид, му се причинило дека одлуката е доживотна. Иако зборувал дека светот на жените го прави „неговиот универзум“, се доверил дека заради врските кои се темелеле на физичка привлечност, длабоко во душата останувал осамен. Не одолеал ни на заљубеноста во норвешката глумица Лив Улман која станала единствената мајка на негово дете со која не се венчал.

Со Лив Улман најпрвин го снимил филмот Персона (1966), кој го издвоил како едно од своите најдобри дела. Наредните остварувања Крици и шепотења (1972) и Сцени од брачниот живот (1973) му донеле светска слава. Бидејќи стариот амбар покрај куќата најпрвин го преуредил во студио, а потоа во кино сала, на дофат имал сè што сакал. Во 1975 година ги повикал децата и мештаните од селото, покрај неговите соработници, да присуствуваат на претпремиерата на Волшебната фрула. Сакал да им се оддолжи што му помагаат да ја сочува приватноста и ги упатуваат љубопитните туристи на погрешна страна.

Пингвин во бегство

Во 1976 година полицијата го привела заради обвинение од данончната контрола дека давал лажни податоци во пријавата. Инаку, Бергман тој дел од работата му го доверил на својот адвокат, па без читање ги потпишувал документите. Тешко ги поднесувал вестите на телевизија и на насловните страници од весниците, кои го означувале како крадец и измамник. Од здодевните новинари се повлекол во еден стан кој му служел како тајно скривалиште. Таму во очај седел одредено време, а потоа го обземало чудно чувство на празнина. Кога од полусон ги отворил очите, на неколку метри оддалеченост го здогледал сопствениот лик кој гласно вреска! Престрашен од доживувањето на подвоеноста, посакал да се убие.

Сопругата која го нашла повикала лекари, кои ја сфатиле сериозноста на проблемот. Режисерот бил сместен во Психијатриска болница, каде под лекови сосема се смирил. Меѓутоа, знаел дека во таа опиеност ќе се изгуби создавачката моќ, па предложил да се врати на островот Фаро, со строго придржување до терапијата. Демоните на немирот ги успивал со таблети, но кога еднаш во соседството здогледал полициски автомобил, доживеал напад. Целиот во паника истрчал дома, ги затворил вратата и прозорците, а потоа ја наполнил пушката со куршуми и чекал. Поминувале часови и часови, додека најпосле не сфатил што му се случило. Кога обвинителот го отфрлил обвинението и го укинал кривичното гонење, сепак одлучил да ја напушти земјата.

Во педесет и осмата година тргнал од почеток, со зборовите: „Или ќе успеам или ќе умрам!“. За да не изгледа дека избегнува да плати данок, парите ги оставил на сметка, со овластување по пресуда да се исплати сумата што наводно ја должи. Случајот е решен со објаснувањето дека се најдени некакви неправилности, но „како кога сопственикот на автомобил би го обвиниле за кражба на сопственото возило “. Бидејќи се доселил во Минхен, во театар ја режирал „Игра на соништата“ на Стриндберг, а потоа и други дела.

Некогаш добивал аплауз, некојаш и извик „уа“! Набрзо сфатил дека негодувањето не се однесува на претставата, туку на неговото одбивање да се однесува според утврдените правила на игра во општеството. Бидејќи размислувал за преселба во САД, снимил неколку филмови на англиски јазик. Меѓутоа, си признал себеси дека личи на пингвинот од цртаните филмови на Волт Дизни, кој стигнал на посакуваното Јужно море и потоа страдал за Антарктикот. Без оглед на заклетвата дека веќе нема да снима во Шведска, во саканата земја се вратил заради филмот Фани и Александер (1982), а потоа и други остварувања.

Ингмар Бергман умрел во сон на 30 јули 2007 година во својата куќа на островот Фаро. Во староста престанал да се плаши од смртта, која ја прифатил како „гаснење на светлоста“. Замислувал дека на другиот свет повторно ќе се сретне со својата последна сопруга, но потоа, како во младоста, зборувал: „Од Некој ќе се претворам во Ништо“. Не можел да ја отфрли сликата на Смртта, која во неговиот филм Седмиот печат без милост го сече дрвото на животот за кое се фатил глумецот „лакрдијаш“. Времето покажа дека се измамил, со помош на плодовите од својот труд успеа да го освои вечниот живот. За тоа сведочат обожавателите на неговите филмови кои и денес повторуваат: „Бергман умре, да живее Бегрман!“

Извор: http://politikin-zabavnik.rs

Слични содржини

Култура / Филм

ОкоБоли главаВицФото