И неутралноста нè доведе до овде!

29.03.2015 12:43
И неутралноста нè доведе до овде!

Многу луѓе, особено странци и посебно откако ќе го видат центарот на Скопје, прашуваат како сме успеале да стигнеме до овде? Зарем никој не се побуни, велат, зарем не забележавте дека е лудак оној што стои зад ова уште на самиот почеток? Уште кога сакал да постави вакви фонтани, или стави бродови во Вардар, или кога ги набави двокатните автобуси?

Многу е лесно целата заслуга за СК014 да се препише на ВМРО и да се рече дека сме си имале работа со банда политички насилници кои газеле сè пред нив и немале никакви скрупули во реализацијата на нивните планови. Дека не сме можеле никако да го спречиме, дека возот ќе нè прегазел итн… Но, да не заборавиме дека посебна заслуга во изградбата на „новото Скопје“ имаат и оние кои удираа шлаканици и на двете страни. Оние што ги помагаа пораките на ВМРО дека СДСМ се крие зад студенти-архитекти, дека соросоидите од љубомора и странски пари ја кочат преродбата што требало да ни го разубави градот, баш тие беа насекаде околу нас.

Се сеќавам дека вечерта после тепањето на плоштадот од 28.03.2009., по некоја случајност, седевме на иста маса со Трендо во една скопска кафеана. Бев шокиран од неговите гледања на работите. Нè обвинуваше дека сме играле по нотите на Бранко, дека, според него, ќерките на Ѓунер и Грчев не можат да држат автентичен протест, дека овие луѓе покажале што можат да направат од градот и сега било ред другиве да покажат што знаат и умеат.

Неколку дена подоцна, Еднооки, тогаш единствената хумористична ТВ емисија, го претставија тепањето на плоштадот како тепачка меѓу вмровци и сдсмовци, а концептите на судирот низ конфликтот на Мирослав Грчев и Вангел Божиновски како што може да се види овде:


Во изминативе шест години изгубив многу пријатели заради мојата опсесија со злосторството врз градот наречено СК014. На почетокот не ми се веруваше дека луѓето кои долго и добро (мислев дека) ги познавав, би можеле да помислат дека не верувам искрено во мојата борба или дека сум нечиј платеник кој само сака да предизвикува проблеми. Тоа го претставуваа како неутралност и дистанцирање од конфликтот. Но, денес повеќето од нив веќе не се неутрални. Не само по прашањето на СК014, туку и по генералните политички прашања. Неутралци има сè помалку, ама сè уште ги има.

Да бев злобен ќе кажев дека токму „неутралците” се вистинските полтрони и платеници. Тоа се оние луѓе што не можат да му погледнат во очи на ѕверот и да му кажат што мислат за него и за неговите дела. Понекогаш заговорнички мислам дека играат улога на „трето мислење” само за да го изрелативизираат второто, а со тоа да го помогнат првото. Тоа никогаш нема да го дознаеме. Но, едно е сигурно: без нивното (не)учество во политиката, на Скопје немаше да му се случи ова.

Ги има сè помалку, па се надевам дека нема да одиграат слична улога во процесите што ни се случуваат оваа пролет.

Нека ни е проклет 28.03.2009. Да не ни се повтори!

Извор: Либертас, 28.03.2015.

Слики: David Lyle

Слични содржини

Јавни Простори / Став
Јавни Простори / Култура
Активизам / Јавни Простори
Јавни Простори / Став

ОкоБоли главаВицФото