Томас Транстромер (1931-2015): Моите песни се место за средба

29.03.2015 14:50
Томас Транстромер (1931-2015): Моите песни се место за средба

Томас Транстромер е роден на 15 април 1931 во Стокхолм. Завршил студии по психологија и во повеќе шведски градови работел како социјален психолог, занимавајќи се со воспитување на младите престапници и физички хендикепираните. Од 1967 трајно се населува во Вастерас, индустриски град осумдесет километри оддалечен од Стокхолм. Со сопругата Моника имаат две ќерки. Почина на 26 март 2015 во Стокхолм.

Транстромер објавил петнаесетина збирки поезија: 17 песни (1954), Тајни на пат (1958), Полудовршено небо (1962), Звуци и шини (1966), Виденија во темница (1970), Патеки (1973), Балтик (1974), Вистинити препреки (1978), Див пазар (1983), За живите и мртвите (1989), „Гондола на тагата (1996), Затвор (2001), Големата енигма (2004). Во 1993 ја објавува книгата мемоари „Сеќавањата ме гледаат“, а во 2001 собраната преписка со Роберт Блај „Авионска пошта“.

Заедничка карактеритика на сите поетски збирки на Транстромер е дека се објавувани во релативно правилни временски интервали (четири години), главно кај ист издавач (Бониер) и дека не се големи по обем (од десет до дваесет песни). Секоја негова песна е дел од своевидна Мендеелева табличка, збир на уникатни „поетски елементи“ кои не трпат редукција, како ни умножување. Така, двете џебни изданија од неговите собрани песни (1984 и 1990) ги содржат сите песни напишани до 1990 и тоа во нивната изворна верзија.

Во 1990 година Транстромер доживува мозочен удар, а тоа ја парализира неговата десна страна. Тој речиси го губи говорот. Оттогаш пишувањето ќе му биде отежнато и ќе објави само неколку книги поезија и мемоари. Затоа повеќе ќе се насочи кон кратките форми, како што е хаикуто, које ќе го засили неговиот фокус и концентрација во поетскиот израз.

Поезијата на Транстромер е амалгам од мистика и јазикот кој никогаш не запаѓа во неодреденост или мистификација. Неговото занимавање со феноменот на природата се одликува со сестраност на познавање на материјата и неверојатна прецизност на деталите. По тоа е близок на шведската книжевна традиција на славниот ботаничар од XVIII век Карл Лине или, поблизок до Август Стриндберг и Хари Мартинсон.

Иако се занимава со музика, меѓу другото и како пијанист (неколку негови песни се посветени на компонирањето и композиторите како што се Бетовен, Шуберт, Лист, Хајдн, Вагнер, Григ и други), тежиштето на оваа поезија, пишувана во слободен стих, не е во музикалноста туку во светот на визуелното. Песните се пребогати со силни слики, метафори, епифании, баш како и со чувствување на просторот, дистанцата или типично нордиската осаменост и песимизам. Кај Транстромер е видливо и влијанието од францускиот надреализам.

Веќе по објавувањето на третата збирка на Транстромер, гласниот шведски критишар Бенгт Холмквист забележал дека овие песни не изобилуваат со нови идеи, зафати на возбудлива проблематика или жестоко ангажирање за одредена „работа“, дека не сведочат дури ни за некој силен, нагол или жив темперамент, но дека тие според сè се крајно промислена и совршена уметност, дека станува збор за водечки поет на генерациите кои доаѓаат. Нобеловецот Јосиф Бродски напишал за Транстромер: „Поет од првостепена важност, со чудесна интелигенција. Ми позајмил повеќе од една метафора.“

Често интервјуираниот Транстромер за својата поезија вели: „Моите песни се место за средба. Тие настојуваат одеднаш да ги поврзат видовите стварност кои секојдневнот јазик и конвенционалниот изглед ги држат одвоени. Големите и малите детали од пејзажот се среќаваат, одделени во културата, и луѓето се здружуваат во уметничкото дело... Песните се активна медитација, тие треба да нè разбудат, а не да нè заспијат.“

На оние кои му префрлаат дека е конзервативен, дека не е политички ангажиран, Транстромер им одговара: „Јас моите социјални залагања, мојот политички ангажман, секојдневно го исполнувам на моето работно место. Колку што можам, им помагам на хендикепираните луѓе да се социјализираат. Значи, моите политички и социјални потреби ги задоволувам на работното место, во непосреден контакт со луѓето,. Но, сосема ги разбирам оние кои по цел ден пишуваат или се занимаваат со некои други интелектуални дејности, па потоа се свртуваат кон политиката. Нивното политичко битие не е задоволено. Јас немам потреба од какви било политички демонстрации, зашто мојот однос кон политичкото и социјалното е дел од мојата должност, дел од мојот повик“.

Денес Транстромер се смета за најдобриот и најпризнатиот шведски поет. Транстромер е миленик како на критичарите, така и на книжевната публика. Покрај бројните есеи посветени на поезијата на Транстромер, објавени се и цели студии. Ќе наведеме три од нив: Шел Еспмарк: Формула на патувањето (1983); Јохан Банкнер: Поимот на времето во поезијата на Томас Транстромер (1985); Стефан Бергетен: Изобилно утешна загатка (1989). Повеќе светски книжевни списанија посветувале цели тематски броеви за неговата поезија.

 

Песните на Транстромер се преведени на десетици јазици. Самостојни збирки се појавиле во превод на англиски, француски, германски, полски, унгарски, дански, норвешки, српски, хрватски, македонски... Тој е најпреведуван повоен европски поет во Америка. Застапен е и во славната едиција на „Пингвин“. Меѓу неговите преведувачи се и Чеслав Милош, Роберт Блај, Меј Свенсон, Робин Фултон, Жак Утен, Јанош Пилински, Семјуел Чартерс и др.

Транстромер е добитник на бројни значајни награди: Петрарка (Западна Германија, 1981), Наградата Бониер (1983), Пилот - која по важност во Шведска доаѓа веднаш по Нобеловата награда (1988), Награда на нордискиот совет (1990), Нојштатовата меѓународна награда за книжевност (Оклахома, 1990) и Европската награда за книжевност на КОВ (Југославија, 1991). Во 2003 година ја добива наградата Златен венец на Струшките вечери на поезијата, а во 2011 и Нобеловата награда за книжевност.

Престојувал во Југославија во два наврата. Првиот пат уште во далечната 1955, кога на Балканот се задржал цел месец, а инспириран од патувањето ги напишал песните „Формули на патувањето“ и „Црни планини“. Кон крајот на седумдесеттите учествувал на Струшките вечери на поезијата. За ова југословенско поетско искуство му пишува во 1956 година на својот пријател Јоран Палме: „Се чувствував невино како ученик, оставен одеднаш само во соба со преубава жена, совршено неупатен како да започне. Или како детектив на почеток од истрага. Тука има и човек што ора. Тоа нешто значи. Зошто веќе половина година ме следи таа слика на човек што ора? Не, безмалку има цела година. Што би можело тоа да значи? Отприлика пред еден месец, најпосле сфатив што е. Тоа е во Југославија. Најпрво мислев дека тоа е шведски есенски пејзаж - светлото ме мамеше. Не, тоа е Југославија, околу пладне, и сонцето блеска. Тоа е нешто во врска со војната. Во најмала рака во позадина на сето тоа има маса мртви луѓе - тие подоцна исчезнуваат, но што тука навистина се случува? Ништо епско, обична ситница, можеби пет стихови. Сепак, страшно важно за мене...“


Писмо на Транстромер до Струшките вечери на поезијата (2003)

Чувствувам дека ми се укажува огромна чест со изборот да ја понесам наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2003 година и со нетрпение очекувам пак да ја видам Струга. Македонија и Струга во мене будат ведри спомени уште од 1979-та година.

За првпат тогаш ја поведов мојата сопруга Моника на еден поетски фестивал, а сега, кога погледнуваме наназад во животот, тие денови ни се враќаат преполни со содржина. Учесниците беа млади (барем така се сеќаваме!), полни со ентузијазам, заинтересирани за песните на колегите, а разговорите траеја до доцна во ноќта. Навистина сеќавањето го освежува животот.

Кога веќе му заблагодарувам на Одборот за доделување на „Златниот венец“, би сакал истовремено да се заблагодарам и за преводот на македонски јазик. Ние што доаѓаме од мали јазични подрачја знаеме колку сме зависни од меѓусебното преведување при што мотивот не е во некаква економска добивка туку во квалитетите на текстот или, можеби наједноставно искажано, во љубовта кон прочитаните песни.

Благодарам од сè срце!

Томас Транстромер

 

Транстромер свири на пијано во црквата Света Софија во Охрид (2003)

ПРЕМИН НА ДЕНОНОЌИЕ

Мирно стражари шумската мравка, гледа во ништото.
И ништо не се слуша освен капките од темните
разлистени крошни и ноќниот џагор длабоко во кањонот на
летото.

Елата стои како стрелка од часовник,
трнлива. Мравката се жари во планинската сенка.
Крикна птица! И конечно. Полека се затркала товарот на
облаците.

АЛЕГРО

Го свирам Хајдн по еден црн ден
и чувствувам едноставна топлина во рацете.

Тангентите сакаат. Меки чекани удираат.
Звукот е зелен, жив и смирен.

Звукот вели дека има слобода
и дека некој не му плаќа данок на царот.

Ги пикам рацете во моите хајдн-џебови
и имитирам некој што смирено го гледа светот.

Го кревам хајдн-знамето – тоа значи:
„Не се предаваме. Но сакаме мир.„

Музиката е стаклена куќа на падината
кај што камењата летаат, се тркалаат.

А камењата се тркалаат попреку низ сé
но секое стакло останува цело.

ОД МАРТ -79

Изморен од сите што доаѓаат со зборови, зборови но без јазик
отпатував на островот покриен со снег.
Дивината нема зборови.
неиспишаните страници се шират на сите страни!
Наидувам на траг од копита на срна во снегот.
Јазик но без зборови.

ШУБЕРТИЈАНА

I
Во вечерниот мрак на една височинка вон Њујорк,
кај што може само со еден поглед да се опфатат
домовите на осум милиони луѓе.
Џиновскиот град таму е долг светкав нанос, спирална
галаксија отстрана.
Внатре во галаксијата се служат филџани кафе преку шанкот,
излозите просат од минувачите, купишта чевли што не
оставаат никакви траги.
Противпожарните скали се качуваат, врати од лифтови се
лизгаат една до друга, зад врати со полициски брави
непрекинат бран од гласови.
Пресвиткани дремат во вагоните во метрото, катакомби во
лет.
Знам исто така – без никаква статстика – дека токму сега се
свири Шуберт во некоја соба и дека за некој овие тонови
пореални се од сé друго.


II
Бескрајниот шир на човечкиот мозок е стуткан до обем од
тупаница.
Во април ластовицата се враќа во своето ланско гнездо под
олукот на токму тој амбар и во токму таа населба.
Таа лета од Трансвал, го минува Екваторот, лета шест недели
преку два континента и се упатува токму кон таа
незабележлива мала точка во земјината маса.
А тој што ги фаќа сигналите од сосема обичен живот во
неколку најобични акорди од пет жици тој што може да
натера река да тече низ иглени уши е дебел млад господин
од Виена, пријателите го нарекуваат „Габа“, спие со
очилата и доаѓа точно на време до катедрата наутро.
Со тоа се придвижуваат прекрасните стоноги на нотното
писмо.

III
Петте гудала свират. Одам дома низ млаки шуми а почвата се
ниша под мене
се собира како неродена, заспива, се тркала без тежина во
иднината, чувстува наеднаш дека растенијата имаат мисли.


IV
Какво ли доверие треба да имаме за да можеме да го
преживееме секојдневниот ден а да не потонеме низ земјата!
Имај доверие во снежните маси што се фаќаат цврсто на
планинската падина над селото.
Имај доверие во ветувањата за чување тајна и смеата на
слогата, имај доверие дека телеграмите за несреќни случаи
не се однесуваат на нас и дека ненадејниот удар со секира
однатре нема да дојде.
Имај доверие во оските на тркалата што нé носат по автопатот
сред тристапати зголемениот рој пчели од челик.
Но всушност ништо од ова не го заслужува нашето доверие.
Петте гудала велат дека можеме да имаме доверие во нешто
друго и нé следат едно време патем дотаму.
Како кога светлото ќе се згасне на скалите а раката ја следи –
со доверие – слепата ограда што се снаоѓа во мракот.


V
Се туркаме пред пијаното и свириме со четири раце во ЕФ-
мол, двајца кочијаши во ист екипаж, изгледа малку смешно.
Се чини како рацете да помрднуваат ѕвонливи тегови напред
назад небаре сме ги допреле теговите во обид да ја
помрднеме ужасната рамнотежа на лостот од кантарот:
радоста и страдањето тежат сосема исто.
Ани рече „музикава е така херојска“, и вистина е.
Но оние што погледнуваат љубоморно на претприемчивите
луѓе, оние што длабоко во себе се презираат што не се убијци
не се чувствуваат дома тука.
А многуте што купуваат и продаваат луѓе и веруваат дека сé
може да се купи не се чувствуваат дома тука.
Ова не е нивна музика. Долгата мелодија што останува
еднаква во сите промени, понекогаш светкава и слаба,
понекогаш нерамна и јака, трага од полжав и челична жица.
Тврдоглаво потпевнување што нé следи токму сега угоре од
длабочината.

РОМАНСКИ СВОДОВИ

Внатре во оргомната романска црква се туркаат туристи во
полумракот.
Свод зинат зад свод и никаква прегледност.
Неколку пламења трепереа.
Еден ангел без лице ме прегрна и ми шепна низ сето тело:
- Не срами се што си човек, биди горд!
Во тебе се отвора свод зад свод во бескрај.
Никогаш нема да бидеш готов, сѐ е како што треба. –
Ослепев од солзи и ме истуркаа на зовриената од сонце пјаца
заедно со Мистер и Мисис Џонс, Господин Танака и
Сињора Сабатини
а внатре во нив се отвора свод зад свод во бескрај.

ЦАРСТВО НА НЕСИГУРНОСТ

Шефицата на бирото се наведнува и впишува крстови
а нејзините обетки се нишаат како Дамоклов меч.

Како што шарена пеперутка станува невидлива врз земјата
демонот се соединува со отворените весници.

Власта ја презел шлем што никој не го носи.
Мајката желка бега летајќи под вода.

Препев на македонски: Миодраг Станковски

Извори: Писмо бр. 25/26, 1991, Земун; Струшки вечери на поезијата; Lyrikline

Транстромер на Окно: Haikudikter (Хаику песни)

ОкоБоли главаВицФото