Разговор со ѓаволот

30.03.2015 00:19
Разговор со ѓаволот

Јавните дебати, сфатени како аргументирана вербална расправа помеѓу нормални - нормално разумни - луѓе кои застапуваат различни, значи и спротивни, ставови за одредена тема, прекинаа веднаш откако оваа гарнитура лудаци (дијагнозата е нивна) дојде на власт и не треба да ги има, сè додека не ја напуштат белата барокна зграда на Илинденска.

Сега станува јасно зошто решиле да бегаат, како ѓавол од крст, и да го одбиваат секој предлог да се соочат, на отворена сцена, со политички опоненти, експерти, новинари, со кој било за кого тие процениле дека е различен, не мисли како нив или не е од нивна страна. Зaшто со години прифаќаа „дебата“ само со нивни докажани полтрони, шоумени и други платеници распоредени по главните телевизиски канали или да дадат интервју во весник само ако сами си ги напишат и прашањата и одговорите и насловот, ако сами ја одберат фотографијата, страницата и денот на објавување.

Сега, кога веќе не можат да се кријат и лажно да се претставуваат, откако целата јавност дозна кои се, какви се, што правеле и што се спремни да направат, сега сите што во изминативе девет години ги повикуваа на дуел, треба и мора да бегаат од нив. Зашто, на секој што ќе прифати разговор со вакви ѓаволи, ќе му треба натчовечки напори за воопшто да може да ги прифати како нормални луѓе.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња