До министерката Елизабета Канческа-Милевска

30.03.2015 00:46
До министерката Елизабета Канческа-Милевска

Принтскрин од постот на Јасмина Василева, актер од Кумановскиот театар

 

Почитувана министерке за култура!

Респектирајќи го вашето време и обврски, кои сигурен сум дека не ви дозволуваат да знаете што ни се случува нам од периферијата на Републиката, кои сме понастрана од вашиот видокруг и свет, кој се движи во радиус околу грандиозниот велелепен проект Скопје 2014, како покорен слуга ваш, чувствувам одговорност и должност да ве известам како е кај нас во забитот, како тоа ние кубуриме од ден за ден и што зборува чаршијата. Не би сакал ова да го сфатите како некоја неблагодарност, зашто навистина сме преблагодарни за нашиот леб насушен, што вие од ваша уста го одвојувате за да ни дадете нам од внатрешноста, туку едноставно, само рапортирам.

Имено, во Кумановскиот театар, госпоѓо министерке, на Светскиот ден на театарот, во лето господово 2015-то, немало струја, па актерите претставата ја играле на свеќи и светло од мобилни телефони. Ете, вака, госпоѓо министерке, живеат театрите од внатрешноста на Републиката и го прославуваат светскиот ден на театарот 27 март - на свеќа.

Низ чаршијата се слушаат и муабети за некаква компарација низ бројки и факти, за тоа, како Вие почитувана, ги распределувате нашите – народните пари, па велат вака, а јас ви пренесувам изворно:

„За Старо-новиот театар во Скопје, првично беше планирано да се потрошат 6 милиони евра, за потоа сумата да стаса до фантастични 40.000.000 евра, или со букви: четириeсет милиони евра.“

Со 40 милиони евра, колку што конечно се потрошија за старо-новиот, почитувана министерке, ќе се изградеа по еден театар во: Прилеп, Битола, Струмица, Охрид, Тетово и тоа современи и суперфункционални театри, како оној во Велес што, нели, во ваше време се изгради.

За ентериерот, позлатените орнаменти и осветлувањето во старо-новиот театар во Скопје, Вие моја министерке, потрошивте неверојатни 11, 5 милиони евра.

Со 11,5 милиони евра, за евтини жолти шлакутници и минатовековни илуминации, госпоѓо министерке, ќе се направеше комплетна реконструкција и реновирање на сите постојни театри во Македонија и пак ќе ви останеше за задоволување на кичерајскиот ви апетит.

Министерке, ќе се соочите ли некогаш со вашите 'дела'? Ќе можете ли да си погледнете себеси во очи, некогаш?

Ирена Ристиќ, актерka. Фотографијата е на Ана Јакимска

За 192 скулптури изработени од гипс, поставени во и околу старо-новиот театар, потрошени се 272.000 евра, а за 40-те скулптури леани во бронза сте потрошиле 330.000 евра, или вкупно 600.000 евра за скулптури.

Знаете ли што ќе се направеше со тие пари фрлени на мртов гипс и сигурно веќе позеленета бронза?

Во Прилепски театар, максимален износ или буџет за цела година за претстави е околу 35.000 евра (2,5 милиони денари). Претставите што ги работеше Прилепскиот театар со Мартин Кочовски - „Тапани во ноќта“, „Кавкаскиот круг со креда“ и „Швејк во Втората светска војна“, кои изнасобраа купишта награди на Екс понто, на МЕСС и на други меѓународни фестивали, имаат буџет од околу 15.000 евра. Значи, со 600.000 евра растурени за гипс, стиропор и бронза во старо-новиот театар, режисерскиот феномен од Битола – виртуозот Мартин Кочовски, ќе направи 40 престижни претстави кои ќе одбележат една театарска ера во Македонија и ќе останат уште толку пари за тие претстави да гостуваат на сите фестивали што постојат во светот. Инаку, 40 претстави е земено во просек како цел животен опус на еден режисер. Ако го прашам Мартин што може да направи со 600.000 евра, сигурно ќе каже дека може да го воскресне Брехт.

Ви текнува ли на фамозната волшебна и огно-атомско-отпорна завеса во старо-новиот театар, за која потрошивте неверојатни 581.000 евра?

Со тие пари дадени за вашиот хир, ќе се покриеше буџетот за претстави во Прилепскиот театар, за наредните 20 години, а ќе имаше и пари за комплет да се реновира покривот на истрошената зграда на театарот во Прилеп. Една мала дегресија, ако дозволите: Во еден момент, додека ја гледавме претставата „Швејк во Втората светска војна“ во Прилепскиот театар Војдан Чернодрински, се слушаше како надвор врне. Надвор врне, а внатре во салата се слуша како да врне тука. И тоа се слушаше многу силно. Знаете ли зошто? Кога го реконструираа покривот на театарот, поради немање средства, се одлучило да се изврши покривање со лимени панели. И тоа не е сè – покриен е само делот каде што е сцената, другото е останато со стариот покрив и покривот прокиснува, а паѓа и малтер. Министерке, сте биле ли некогаш во тоалетот од театарот во Прилеп? Објектот станува опасен по живот за сите што се таму!

Театарот во Прилеп. фотографија од Радиo слободна Европа

Еве, видете, ова е влезот на театарот во Прилеп, каде влегуваат актерите.

Уште една компарација.

Знаете ли дека платното – дел од сценографијата, искористено во наменскиот партиски памфлет – претставата Вечна куќа, со која го отворавте старо-новиот, насликано од уметникот Виктор Егоров, сте го платиле 70.000 евра?

Со парите од тоа платно, кое остава некаков впечаток само ако сте во некој замаен патриотически транс, со тие пари дадени само за еден сценски детаљ, во Прилепскиот театар, ќе се направеа комплет 4 престижни претстави, како оние погоре спомнатите, а сигурно ќе останеа и доволно пари за јубилејната монографија на Факултетот за драмски уметности (ФДУ). Ви текнува ли, почитувана министерке, на онаа јубилејна монографија на ФДУ, каде за режисерот професор Унковски, кој работи таму 30 години, има напишано само една реченица и има закачено една сликичка? Ви текнува ли како помина повеќедимензионалната претстава „Нашиот клас“ од Tеатарот за деца и младинци, а во режија на Владимир Милчин, на Театарскиот фестивал Војдан Чернодрински во Прилеп (не доби ни една награда), а која од српскиот режисер Горан Цветковиќ е оценета, како една од четирите најдобри претстави во земјите на поранешна Југославија? Сè уште не можам да си поверувам на очите, како членот на жирито Братислав Димитров буквално излета од салата само зашто не можеше да го поднесе громогласниот аплауз и овациите на публиката. Се сеќавате ли на последната претстава за возрасни на уникатниот режисер Срѓан Јаниќијевиќ? Не се сеќавам ни јас.

Ви текнува ли воопшто нешто врзано со театарската уметност во Македонија, а тоа да не е Старо-новата зградурина и памфлетот „Вечна куќа“, моја почитувана госпоѓо министерке Елизабета Канческа-Милевска?“

Ова се само чаршиски муабети, госпоѓо министерке, немојте вие да ми се тревожите многу. Забораваат тие, ќе им помине за брзо. Македонија ВЕЧНА!

Засекогаш вашиот блог вазал – Рибаро!

Извор: ribaro.mk

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Јавни простори / Став
Јавни простори / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото