1018 hPa
82 %
16 °C
Скопје - Сре, 15.07.2026 05:59

Лилика Стрезоска можете често да ја видите наоколу на повеќето културни настани низ градот. Секогаш скриена зад фотоапаратот, вешто ги лови миговите од навидум обичното секојдневие на навидум обичните луѓе. Токму тие уловени пет минути од нечиј живот, ги протнува низ објективот и ги вади како чиста емоција во кондензирана форма, фатена од вистинскиот агол. Фото-приказните кои секојдневно ги краде од факултетските клупи, улиците и очите на многу, многу ликови од секојдневието, можете да ги следите на нејзината фејсбук фан-страница.
На нејзината прва самостојна изложба насловена како „5 минути“, отворена на 27 март во кафулето „Концепт 37“ во Скопје, на свои само 20 години, Лилика успеа да прикаже мошне зрел и амбициозен фото-проект создаван една година.
Спонтаноста во сетовите, толку карактеристична за неа, се задржала и во изложените прикази на актовите, кои сепак се помалку или повеќе плански вклопени во одредена сценографија.

На некои од фотографиите доминира сензуалната игра на светлината и сенките, игра која ги акцентира деталите и силуетите на женското тело. На други, пак, иако поминималистички и со прецизна распределба на експонатите и телата во просторот, може да се детектира одреден моментум на ентропија во поставеноста на композицијата или движењето на моделите.
Она што им е заедничко на речиси сите фотографии е граничната линија помеѓу духовните состојби, линија која се приклонува час кон женскиот немир, час кон атмосфера на лежерност и помиреност.

Девојките од фотографиите го доловуваат стремежот барем на кратко да му се сврти грб на остатокот од светот. Пет минути ослободеност од стегите на уштирканото секојдневие, турнато некаде зад вратата или прозорецот. Пет минути фатеност во поривот да се запали цигара, да се отпушти косата, да се испие уште по некоја чашка... Да се легне на подот и конечно да се издишат сите вишок бои додека се плива во црнобелото.
Иако не се гледаат лицата на моделите, скоро и да се насетуваат гребнатинките по нивните мисли, индуцирани од некои потенцијални случки од кои се обидуваат да се прочистат.
Минутка хистерија, минутка опуштеност. Пет минути излез од кожата на облеката и конвенционалното себство. Пет минути чиста естетика.







.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
