Комуналните претпријатија имале судски печати и си удирале тужби кога сакаат!?

01.04.2015 09:27
Комуналните претпријатија имале судски печати и си удирале тужби кога сакаат!?

Во Македонија, како ретко во која земја во светот, во пракса, сметките за струја, за вода, за парно греење, никогаш не застаруваат, реагираат извршителите. Тие посочуваат дека иако реално има рокови, со тоа што роковите престануваат да течат кога тужбената постапката се поведува, сега во пракса се соочуваат да мора да извршуваат тужби за неплатени сметки кои се поведени уште пред 20 години! Извршителите, но и поранешни извршни судии, велат дека на овој начин граѓаните се жртвуваат, им се земаат огромни пари за камати, иако голем дел од овие тужби, во изминатите години, никогаш и не стигнале до тужените, затоа што судовите немале таков капацитет за да ги процесираат.

Од 2012 година наплатата на тужените сметки преминува кај извршителите. Кај нив преминаа околу 600.000 предмети, а и покрај укажувањата на извршителите дека „нешто смрди“ во целата оваа работа, тие секојдневно извршуваат стари долгови.

-Порано, комуналните претпријатија, со некаква регулатива добиле судски печати кои се удираат на тужбите, односно на платниот налог. Ова се провлекуваше уште од поранешна Југославија. Со тоа што ќе се удреше печат на платен налог, практично почнуваше тужбената постапка. Но, она што загрижува, е како е можно во цел период од 10, 15 или 20 години, да нема ниту една постапка од извршен орган. Од друга страна, кога веќе комуналните претпријатија ги имале печатите, кој може да гарантира дека тие не удирале печати и не ставале стари датуми непосредно пред да се предадат овие предмети кај нотарите и извршителите? - прашува извршителот Гордан Станковиќ.

Од ЕВН велат дека до сега, како правен наследник на правата (и тужбите) на старото ЕСМ, немаат примено ниту еден приговор од страна на странките или од извршителите на законски спроведената постапка за присилна наплата која се имплементирала пред надлежните приватни извршители.

-Секој предмет кој се извршува од надлежен Извршител мора да содржи печат од надлежниот суд, како и потпис од одговорниот судија (од основниот суд Скопје 2), како потврда на правосилноста и извршноста на пресудата, а кое го проверува и утврдува самиот Извршител како негова законска должност - велат од ЕВН.

Според поранешен извршен судија пак, судските печати во бивша Југославија, комуналните претпријатија ги добиле без регулатива. Тоа било „службена тајна“, а компаниите имале дури и факсимил на извршен судија, но чисто да ја извршат техничката работа.

-Печатот не значеше дека наплатата е автоматска. Требаше да се направи уредна достава, граѓаните си имаат право на жалба, а ако не го направат тоа предметите требаше да одат на извршување кај судиите. Но, кога комуналните сметки од судовите се предадоа во надлежност на нотарите и извршителите на површина излегоа стотици илјади предмети на кои имаше печати со стари датуми, а тие печати значеа дека постапката е почната, односно дека предметите не се застарени. Имаше многу мали износи, од по 40-50 денари, а тие со камати стануваaт и по стотина евра - вели поранешниот извршен судија.

Проблемот со печатите влегол и во записникот на седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедницата што се одржала на 22 април 2009 година, кога се разгледувал предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување.

„Голем проблем претставува фактот дека ЕВН (дел од поранешното ЕСМ), но и другите комунални претпријатија биле препуштени самите на себе да ја спроведуваат извршната постапка 20 години наназад. Ако порано оправданието било барано во тоа дека станувало збор за јавни претпријатија, факт е дека комуналните претпријатија веќе преминаа во приватна сопственост – некои од нив и на странски лица, што го прави недозволиво натамошното делегирање на судската надлежност кај истите“, пишува во записникот.

Кои се роковите на застарување?

Според Законот за облигациони односи постојат два рока - едниот е за тужба и другиот е рокот во кој може да се изврши присилната наплата. За месечните сметки, рокот за покренување тужба е една година.

-Ова значи дека ЕВН или Водовод не може да ве тужи во јануари 2014 година за неплатена сметка во февруари 2013 година - објаснува извршителот Гордан Станковиќ.

Рокот во кој може да се изврши присилната наплата е 10 години од правосилноста на судската пресуда.

-Она што обично се поставува како прашање во јавноста е како тогаш може да стигнуваат за наплата сметки стари и по 10 или 20 години? Тоа е затоа што во оној момент кога ќе се поведе постапката има прекин, односно рокот не тече - објаснува Станковиќ.

Извор: Слободен печат
Слики: Jin Nü

ОкоБоли главаВицФото