„Скопје 2014“ наспрема Скопје

01.04.2015 10:08
„Скопје 2014“ наспрема Скопје

Напоредно со честите критики и мајтапи за „Скопје 2014“, како од домашните така и од странските компетентни луѓе (од другиве и сожалување), во Македонија се множат поплаки и пцости, чиј заеднички именител е: „Леле, што му направија на Скопје!“ Па, што му направија?

Чинам дека на Скопје, особено на неговото јадро, му е направена „пластична“ операција, небаре е гангстер на кој му се менува физичкиот идентитет за да избега од законот. Би рекол дека Скопје е жртва на „здружен злосторнички потфат“ под кодно име „Скопје 2014“. 

Признавам дека сум носталгичен спрема Скопје. Особено спрема неговото јадро, кое со години беше трпеливо обликувано по земјотресот, според замисла на врвните светски стручњаци, луцидни визионери. Со какво само воодушевување ја дочекав регулацијата на „силниот“ Вардар. Какви божествени хоризонти ни се отворија, какви убави глетки од едната на другата страна на реката.

Ама, новите „визионери“ и газди (и) на Скопје имале друг есап. Па во име на новиот идентитет на градот, неговото благо Вардар го задушија неколку стотици метри низводно од Камен мост (кој, ако не се лажам, прв почувствува „талибанска“ рака). На тој дел Вардар сега ми личи на поголем јаз, премостен со смешна градба за преминување на реката („Око“). Само Господ знае што уште може да им текне на „преродбениците“. Можеби и да го прекријат Вардар со пасарели - јавни гаражи?! 

Смешни ми се и оние силни згради што ги скрија неколкуте значајни, модерни градби, меѓу кои е и Македонска опера и балет – баш како да е резил за градот!

И мостот и градбите ми личат на објекти изградени за снимање филм со тема од дамнешното минато за да бидат урнати по снимањето. Скопје во кусо време се здоби со многу објекти кои заслужуваат ваква судбина. Особено спомениците.

Владимир Тодоровиќ, Елизабета Канческа-Милевска и, особено, Васе Доневски имале чест да бидат одбрани како „персонификација на потфатот“.

Со забрзаноста на неминовниот крах на „проектот“, брзо поминува восхитеноста со ролјата и славата. И за нив, како и за нивните налогодавци и инспиратори безбели ќе настапат „волнени времиња“. А во нив и утврдување на одговорноста за драматично економско исцрпување на земјата и на нејзините граѓани, но и за политичкото и безбедносното слабеење на државата! 

Е, тогаш, и на нивното опкружување, кое претходно им „ракоплескало“, ќе му текне да им забележи и да ги обвини за страшни гревови. Но, не исклучувам да дојдат прашања и од нивните деца. Нешто како во Германија по Втората светска војна, кога децата – згрозени од злосторствата на нацистичката солдатеска - ги прашувале своите татковци што правеле тие во војната.

Сето ова се однесува и на многубројните „војници“ во структурата на власта и институциите, независно од тоа дали им припаѓаат само на владејачките партии. Тие речиси беспоговорно извршувале што е барано од нив, не прашувајќи се колку е тоа во согласност со Уставот и законите. 

Ова мора да се има предвид поради леснотијата со која во општеството се лоцира одговорноста. Имено, општо е познато дека и за најголеми девијации, криминални и други дејства, со застрашувачки последици - до банкрот на државата, вината се лоцира кај субјектот со најголеми формални овластувања, односно со најголема реална моќ.

Иронија е не само најмоќниот да им биде заштитен чадор на „војниците“, туку нему да му се товарат безмалку сите колективно направени гревови. Поучен пример за ова е судбината на Иво Санадер, бивш премиер и супермоќен човек во Хрватска, на кого „од рака му јадеа“ стотици негови верни следбеници. 

Во судење на кое не му се гледа крај, Санадер се товари за повеќе кривични дела, со кои е немерливо уназадена државата – економски и морално. Пред суд се изведени и луѓе на важни позиции, преку кои од јавни и државни претпријатија се извлекувани огромни пари – за партијата ХДЗ и за Санадер лично.

Извесно е дека многуте вмешани во криминалот во режија на Санадер ќе се спасат од гонење. Не мал број токму од нив без срам велеа дека „не знаеле“ или „разбрале од весници“, иако по редот на нештата и по должноста што ја вршеле, знаеле речиси сè што правел Санадер и колку се потпирал на нив во своите матни работи. 

Меѓу ни е и Божидар Калмета, потпретседател на владата и еден од најмоќните луѓе во ХДЗ и државата. На прашање зошто не му се спротивставил на Санадер, тој простодушно рече пред судот: „Кој можел нему, онака голем, нешто да му забележи, да го праша...“

Иако најмоќниот човек во Македонија не е „грамаден“ како Иво Санадер, не се сомневам дека овде ќе се гледа сличен филм, бидејќи и матрицата е слична.

Драгољуб Марковски, Кутина, Хрватска

Извор: Утрински весник, 01.05.2013
Слики: Свирачиња

Слични содржини

Јавни простори / Култура
Јавни простори / Став
Активизам / Јавни простори
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото