Зелката има кошули триста!

01.04.2015 09:53
Зелката има кошули триста!

ПЕСНА ЗА КОЊОТ

Тој имаше танки нозе
кои, гледани со двоглед,
беа триж побрзи
од нашиот поглед.

Го наттрчуваше ветрот,
го прескокаше мракот,
само ако му кажеш
до каде и како...

И прескокна, мина многу
незгоди и згоди:
полиња и шуми,
виножита, води...

Ама кога и себеси
да се мине реши,
нешто во трката
заборави, згреши...

И којзнае до кај стигна,
но сигурно сфатил
дека нема со што
назад да се врати...

Потем само го слушавме
во ноќите долзи,
неговото 'ржење
по нашите солзи.

 

ВИЛИНО КОЊЧЕ

Не памети ни години, ни зима,
ниту вчерашни спомени има,
ниту староста сака да ја сретне...
Само ќе пламне, ќе брчне, ќе претне,
ќе рипне, воздухот ќе го скине,
ко темјанушка низ него ќе мине,
ќе поигра над водата малце,
како над шарено огледалце
и ќе се види и во денот иден
кај што не треба повеќе да биде
и, ко што пламна, ќе угасне исто
тоа еднодневно пламенче чисто...

ЕХО

Еднаш викнав од високо
и гласот два-трипати
одзад ридот и шумата
назад ми се врати.

И заедно со гласот
оттаму се врати
и ветрот кој водата
во реката ја мати.

И ја видов тогаш
онаа танка црта
од наглувата земја
и семињата што 'ртат.

И видов како огнот
и барутот земна,
притаено, скришум,
во заседа се демнат.

И видов јасените
колку јасно дишат
кога сонце навалено
на врвот им се ниша.

И видов како шеќерчиња
јаготката збира
и како сама малината
преточува шира.

И видов колку, каде
во гласот мој е блиску
она што е високо
и она што е ниско.

И видов како може
сегде да се стаса,
но не видов како, како
ми се врати гласот.

 

ЕСЕНСКИ ИГРИ

Говедата рикаат,
овците блеат,
селаните викаат
од истото место
и лани кај што беа...

И мајка ми талалика,
ко грлица клика,
од врати ни вика:
нè лаже со пешници,
со медени срдешници,
со шеќерче бело,
со јаболко зрело...

Но подобро дождот
да ни удри трешници,
подобро вејверицата
да ни украде лешници,
отколку бранче да ја зело
убавата слика во јазот
што го прескокна ждребето
на враќање в село...

ЗЕЛКАТА

Зелката има
кошули триста,
секоја бела,
секоја чиста.

Сите кошули
сама ги шие;
слечи ѝ една
в друга се крие.

Никоја од нив
не ѝ е тесна,
зад сека крцка
по една песна

што ја препишува
од нашта нива,
која потајно
в неа се слива.

И, сливајќи се,
цела се утка,
ко во бел букет,
ко в снежна грутка.

(Од збирката за деца Шарам барам)

Слики: Aleksander и Walerij Traugotowie

Сроден прилог: Петре М. Андреевски - Ветар во магла

ОкоБоли главаВицФото