1016 hPa
75 %

3 °C
Скопје - Пон, 17.02.2025 04:59
‒Која е целта на дебатите што секоја недела ќе се одржуваат во клубот на Граѓани за европска Македонија?
Една од целите е ослободувањето. Интелектуално, емотивно, политичко... За народот да биде слободен прв предуслов е слободниот поединец. Колку повеќе се слободни поединците, толку послободен е народот. Затоа денес не ми изгледа соодветно повикувањето на „совеста на народот“ или на „интелектуалната совест“. Во моментов е важна совеста на поединецот. Само слободниот поединец денес може да проговори во одбрана на згазената граѓанска слобода. Сакаме да ги поттикнеме тој поединец и таа слобода.
Освен тоа, дебатите во ГЕМ клубот имаат и друга функција: развој на јавната сфера. Од самиот почеток ГЕМ се обидува да го прошири постојниот стеснет јавен простор; дури и повеќе од тоа, се обидуваме на граѓаните да им понудиме поинакво, многу послободно разбирање на јавниот простор. На јавната сфера ние не гледаме само како на општествена форма со која се ограничува политичкото, туку ја разбираме и како медиум на демократската политика. Нам ни треба развој на таква јавна сфера која не само што ќе го контролира политичкото туку на одреден начин и ќе го вообличува.
‒Која треба да биде улогата на интелектуалците во општеството?
Според мене, „интелектуалците“ (тоа можеби е застарен термин, но не смисливме нешто посоодветно) треба да бидат јавни аналитичари и критичари, пред сè во функција на јавноста и јавната полза. Тоа никако не значи во функција на мнозинството или на сопствената етничка група. Напротив, јавното добро подразбира исклучително изострена свест за разликите и за начините на нивно усогласување во заедницата.
‒Каква е ситуацијата кај нас, зошто интелектуалците молчат?
Кај нас денес и со јавноста и со државата владеат демагозите, комесарите на народните инстинкти. Многумина заспани духови сеуште не сакаат да го видат варваризирањето на општеството. Не сакаат да видат дека власта врши духовно и физичко опустошување на нашата иднина. Не сакаат да видат дека ни се враќа средновековието низ спојот меѓу револуционерното и реакционерното (спојот меѓу некогашните кодоши и егзекутори со сегашниве полетни национал‒социјалисти).
‒Што е воопшто „интелектуалец“?! Како изгледа тој во современа Република Македонија?
Осип Манделштам на едно место вели дека писателот е машавина од поп и папагал. Тој зборува француски ако неговиот господар е Французин, но ќе зборува персиски, ако го продадат во Персија: „Перо е будала“ или „Перо сака шеќер“. Папагалот не разликува ден од ноќ. Ако му здосади на господарот, тој ќе го прекрие со црна крпа. Затоа, кога ме прашувате „каде е македонскиот интелектуалец деновиве?“, одговорот се наметнува: под црната крпа. Во златниот кафез на десетиците безвредни универзитети што ги отвори владата во функција на понатамошно заглупавување на ионака доволно запуштените млади генерации, т.е. во функција на понатамошна тривијализација и брутализација на целокупниот општествен живот. Интелектуалците ги има и по медиумите и по партиите, најмногу во владеачката, се разбира. „Перо е будала“, гласно извикуваат кајшто треба, кајшто власта ќе покаже, а потоа смерно и тивко се прививаат крај раката што ја има моќта над црната крпа: „Перо сака шеќер“.
Иако, мора да се признае, не е од вчера бесчестието на македонските интелекти („интелектуалци“ е прекрупен збор за таа флотантна маса која може да отвори хидро‒метеоролошки завод ‒ толку е извештена во ловењето на ветровите и во следењето на водостоите). Се сеќава ли некој на четиристоте универзитетски потписи против употребата на албанскиот јазик во високото образование?! Се сеќава ли некој на идеите за поделба на Република Македонија кои доаѓаа, меѓу другото, и од влијателни кругови во МАНУ? Се сеќава ли некој дека половина МАНУ се топореше пред штандчето за потпис на младиот новоназначен бег (пардон,магистрант) Никола Груевски?
‒Велите, потребно е ослободување на поединецот во Македонија. Во каква интелектуална и политичка состојба се наоѓа тој, па му треба ослободување?
Тој поединец се наоѓа под чизмата на фундаменталистичкиот груевизам и исплашен е како бубашваба од палењето на светлото (во балканската крчма). Тој поединец чувствува дека е залудно да се обидуваш конструктивно да разговараш со фундаменталистите‒груевисти, оти во суштина груевизмот е пропаганда, исклучен е од реалноста, монолошки е, аутистичен и автократски. Груевизмот, всушност, е гротеска, кловнирање на македоноиди. Но, зад превезот на тоа масовно кловнирање ни се случува големо насилство, во прв ред вербално, но кое брзо прераснува во физичко; ни се случува редукција на јавниот говор до просташтво, до постојано етикетирање и барање непријатели, по сите основи и линии. А тие тенденции, грубоста, глупоста и глувоста за спротивното, нè ништат поефикасно од туѓите непризнавања. И како поединци и како нација.
‒Како го толкувате тоа што народот во земјава е се’ посиромашен, гладува, живее мизерно, но истовремено истиот тој народ заборава на тоа и се разжештува кога е во прашање одбрана на името, „античките корени“...?
Националистичкиот фундаментализам можеби е последица и на предаторскиот капитализам кој ги присилува луѓето на немилосрдна борба. Стравот за името и идентитетот во современа Македонија делумно ги камуфлира сите други големи егзистенцијални стравови на граѓаните. А власта наместо да го смирува стравот, таа дополнително го ирационализира тој страв и го шета навака-натака како со курзор, при што граѓанинот се чувствува збунет во потрагата по „изгубениот ковчег на идентитетот“, слично на оној очаен татко што ги брка коските на сопствениот син низ скопските „поместувачки“ гробишта во антологискиот расказ на Димитар Солев, „Кружно патување на сенката“.
Иако националистичкиот фундаментализам на груевизмот е површен и конструиран, тој затоа не е помалку опасен. Груевистите тргнаа да си играат со идентитетот и историјата, за ситни популистички партиски цели, но пред сè за да ѝ одговорат на Грција. Таа стратегија на груевизмот се покажа како наполно промашена. Во меѓувреме преродбениците толку се заиграа со спомениците, зградите, идентитетите, што сега е тешко враќањето назад. Работите отидоа толку далеку, што последиците од ден на ден се сè потешки.
Трета особина на тој груевистички фундаментализам е сосема отвореното поле за пљачкање на сопствениот народ, под превез на „патриотизмот“.
‒Како го коментирате тоа наместо да критикуваат со промовирање на свои ставови, експертите се повлекуваат откако претставник на власта ќе искоментира и ќе соопшти свој став околу некоја актуелна состојба во државата? Дали станува збор за тактика на сеење на страв?
Портокаловите преродбеници (иако однатре сосема зелени, сосема недозреани) од првиот момент владеат со помош на сеење страв. Психолошки тоа лесно се објаснува: зашто самите ужасно се исплашени. Целата генеза на успонот на Груевски е во знакот на стравот и параноите, сетете се на „ножот во грбот“ и талибанската борба за власт во ДПМНЕ... Ќе загинат од мечот што го подигнаа; стравот и пропагандата, нивните најсилни оружја, ќе бидат причина за нивниот пад.
Инаку, ми се чини дека од ден на ден има сè повеќе луѓе кои не отстапуваат пред заканите, просто зашто се доведени во безизлез, стерани по ќошиња. Ако половина народ денес живее полошо од пред четири години (а тогаш живееше ужасно, да потсетиме! Заради тој ужас портокаловите и дојдоа на власт), тешко дека со закани и санкции власта ќе може да го контролира незадоволството. Агресивноста на власта, мошне видлива деновиве, само ќе го забрза нејзиниот пад.
‒Но, сепак, сеуште секој четврти Македонец гласа за ВМРО ДПМНЕ?
Како што вели талентираниот писател Александар Хемон, гледајќи кон Босна и Херцеговина: „Со цел да ја заштитат сопствената добрина, луѓето гласаат за злосторници. Со цел да го заштитат сопствениот стеснет етички простор, луѓето остатокот од светот го препуштаат на пљачкаши и силеџии. (...) Нашите добри луѓе на секои избори ја бираат истата багра, ги бираат истие шапшали за кои е тешко да се ископа и ронка почит. Да ни се комшии тие бандити, со нив никогаш во животот кафе не ќе испиевме, но некако ги пуштаме да ја водат државата, да ни ги упропастуваат децата со својот јавашлук, со алчноста и измамите.“
‒Во контекст на широко затворени очи, ваш коментар за изјавата на Паско Кузман во документарецот „Име си е име“, каде што вели дека гробот на Александар Македонски е во Македонија, но не смееме да го откопаме за да не избие Трета светска војна?
Има една бесмртна финта на Гручо Маркс која продорно ми ја опишува суштината на нашиот сегашен политички миг: „Значи, иако човеков личи на идиот и работи како идиот, сето тоа не би требало да ве измами ‒ тој е идиот!“
Животов ни минува во безнадежните обиди да ги разбереме политичките идиоти околу нас. Тони и тони хартија се потрошени само за да се избегне логичниот заклучок на Гручо (не на Грујо). Ние секојдневно гледаме дека тие што нè водат работат како идиоти (а голем дел од нив, во ова време на перформативноста и шминката, згора на сè и изгледаат како идиоти), но не сакаме да го направиме последниот логичен чекор на нивното разобличување: штом на прв поглед делуваат толку идиотски, мора во заднината да постојат некои интелигентни намери... Но, не постојат! Тие се идиоти! Идиоти во собрание, во влада, по амбасади, на телевизија... Нема никаков план Б! Тоа што го гледате од нив ‒ тоа се тие!
‒Дали сте оптимист дека народот ќе се разбуди и ќе се отрезни од овој сон, во кој живее, илузијата која власта успешно со популистички методи успеа да ја наметне, кога ќе биде тоа? Кој е патот што води до таму?
Потребен е отпор. Потребни се најразлични форми на отпор. Политички, се разбира, но и разни други. Шега и пародија ‒ да, секако, но и создавање подобра уметност и култура од онаа на кичерските варвари што пустошат корумпирајќи и заплашувајќи. Можам да го разберам дури и игнорирањето на реалноста, посебно од страна на младите, оти реалноста во моментов е толку шугава што тешко може да се замисли поотровна атмосфера за живот; стакленото ѕвоно изгледа, на прв поглед, сосема прифатливо. Сето тоа се трудам да го разберам, зашто и самиот сум фатен во стапицата; животот, умот, вкусот, сензибилноста и суптилноста ни ги изедоа обидите да му се спротиставиме на растројството што постојано ни го продаваат како устројство. Од друга страна ‒ нема друго. Мора да се спротиставиме. Секој според својата мерка. Самите треба да бидеме токму мерката на она малку што преостанало од цивилизираноста во нашата средина.
Слики: Свирачиња
Извор: „Шпиц“, 01.10.10.