Новоговорот на пропагандата

02.04.2015 10:31
Новоговорот на пропагандата

- Докторе, доаѓаат!

- Многу ли се?

- Да, многу повеќе отколку минатиот пат!

(Дијалог од реклама за проектот „Мој термин“ на Министерството за здравство на Република Македонија.)

 

Општо познато е дека најдобар начин за да ја уништиш економијата на една земја е да ги обезвредниш нејзините пари со пуштање во оптек на големо количество фалсификувани пари, на пример. Еден од најефективните начини да ја уништиш културната традиција на една нација е постојано да го доведуваш во прашање нејзиниот идентитет. Најдобриот начин да се обезвредни демократскиот капацитет на едно општество е да се корумпираат институциите и да се создава нов јазик, нови комуникациски и значенски кодови кои од илузијата треба да создадат нова стварност, откако граѓанството ќе го натераат да прифати дека е многу важно да помине низ политичките црвојадини (временски дупки) по кои ќе се најде во паралелниот универзум во кој црното е бело, криминалците се ангели, корупцијата и чесно одработена награда…

Следствено на доминантно технологизираното и медиумизираното време во кое живееме, комуникациите како технологија, комуникациските вештини како алатки и медиумите како сервиси, се најдобрите начини за да се прифатат идеите и предлозите дека е добро да се помине тунелот на црвојадините и дека светлината на крајот на тој тунел е светот на благосостојбата.

Со други зборови, да бидеме директни, зашто Македонија не знае за алегории, апофтегми, метафори, поучни приказни… зашто е на сцена масивна акција за промена на вредноста на зборовите и на значењата за да се промовира нова терминологија која треба да ја опслужува первертираната идеологија. Исто како што предвиде Џорџ Орвел што ќе се случи во „1984“кога зборува на „новоговорот“.

Процесот што се одвива пред нашите очи е подмолен и со скриени, фатални последици и тоа неопходно бара бескрупулозна акција за да се запре таквиот прогрес, исто како што така драматично, како што би била акцијата за елиминирање на фалсификуваните пари од пазарот и ставање на фалсификаторите зад решетки. На подолг престој. Никако не може да биде прифатлива релативизацијата дека „тоа се само зборови“, зашто зборовите се носачи на мислите, на помислите, а тие, како што гледаме деновиве, во голема мера управуваат со нашите и со животите на одделни поединци, наши сограѓани.

Но, да се вратиме на нашата политичка реалност и да направиме една анализа за разликите меѓу убедувањето и пропагандата и да укажеме на тоа како пропагандата влијае на формирањето на мислењето на поединците, на јавното мислење и на однесувањето на граѓаните.

НАЈЧЕСТО УПОТРЕБУВАНИ ТЕХНИКИ НА ПРОПАГАНДАТА

Пропагандата има цел да го замени начинот на кој луѓето размислуваат и чувствуваат за општеството во кое живеат и за преовладувачките вредности и приоритети. За да го постигне тоа, пропагандата ги користи следните тактики:

Зборови на одобрување – Зборови кои треба постојано да се употребуваат. По неколкупати во еден говор или медиумски настап во различен контекст. Оваа техника смета на тоа дека луѓето ќе се адаптираат и ќе ги прифатат овие зборови зашто штом толку се повторуваат, мора да се важни. Многу е важно овој речник да биде прифатен и од апологетите на пропагандистите и со тоа и тие да учествуваат во секојдневието на новоговорот.

Избор од најчестите зборови на одобрување: „посветеност“, „државата пред сѐ“, „бесплатно“, „субвенции“, „патриоти“, „преродба“, „проекти“, „вработувања“, „инвестиции“, „24/7“…

Зборови на неодобрување – Зборови кои треба да предизвикаат несогласување, емотивни реакции, жигосување, гнев. И овие зборови штом толку се повторуваат, мора да се важни и треба да се запаметат и да се лепат за политичките противници.

Избор од најчестите зборови на неодобрување: „предавници“, „соросоиди“, „платеници“, „лаги“, „интриги“, „агенти“, „закрват“, „странски служби“, „нарачатели“…

Повторување – Некои зборови, обвинувања, етикети, дискредитации, процеси… треба доволно често да се повторуваат за да станат „вистина“, односно да го инфицираат слушниот апарат на граѓаните за да отрпне на сензитивноста и на потребата да се посомнева. Не, нема потреба да се сомневате. Ние можеме да ве „убедиме“ во тоа.

Избор од најчесто повторуваните зборови, обвинувања, етикети, дискредитации, процеси… : „Лидерот на опозицијата купил ексклузивна вила на брегот на морето…“, „Странски служби во соработка со домашни платеници…“, „Поддршка за владата од Парламентарното собрание на Советот на Европа…“

Еуфемизми Употреба на поблаг збор или израз за нешто лошо, непријатно, грубо или непогодно за дадена ситуација е уште една од постапките на пропагандата често употребувана во новоговорот на политичарите на власта и на медиумите што ги поддржуваат.

Најчести еуфемизми: „конструкција“, „режија“, „сценарио“, „креирани разговори“, „сечени и монтирани“…

Негативни емоции, страв – Негативните емоции и стравот најчесто, создаваат плодотворен амбиент за манипулација со другите техники на пропагандата. Тој што го шири стравот, тој има и решенија за истиот страв.

Избор на најчести стравови: „ќе нè нема“, „меѓуетнички крвави судири“,

Цензура – Мислам дека не е потребно ништо повеќе да се напише освен МРТ (јавен радиодифузен сервис, промотор и заштитник на јавниот интерес според Законот и Статутот) > еднакво > цензура.

Настапи и поддршка од страна на популарни личности – Караван од познати личности од науката, културата, медиумите во кампања за поддршка на одредена кампања.

Избор за пример: ГДОМ

И тие пред нас го правеа тоа – Во англо-саксонската терминологија на пропагандата оваа техника е позната како Bandwagon. Тоа е оној момент кога во недостиг од аргументи, фокусот се префрла на постапките на претходниците од друга идеолошка провиниенција, односно на постапките на директните политички противници.

Избор на најчести „и тие пред нас тоа го правеа“: „Во нивно време тие поставија 600 судии…“, „За време на нивното владеење во аферата ТАТ настрадаа стотици граѓани…“, „Која влада не прислушкува…“, „

ПРОПАГАНДА ИЛИ УБЕДУВАЊЕ

И само неколку зборови за разликата меѓу пропагандата и убедувањето. Пропагандата е систематска, планирана стратегија за да се убеди некој да заземе одредена позиција или став. Убедувањето, за да се постигне оваа цел, доколку наведува на погрешно резонирање, а со тоа и до погрешни ставови, може да биде алатка на пропагандата.

За разлика од таа улога, убедувањето, доколку се потпира на цврсти докази и аргументи, во принцип е усогласување на ставови на поединецот визави аргументите на другиот. Пропагандата, пак, има институционална природа, силна идеолошка компонента и користи масовно „убедување“.

Го сведочиме тоа овие денови, нели?

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Benjamin Moravec