Индиго есен

03.04.2015 00:50
Индиго есен

Снегови и портокали

Мирис на портокал
во снежно утро
сокови врз усните
отрови од викендите
едни солзи забришувам
други рани отворам – да нема крај лудилото
низ кое сепак најдобро гледам
желбени жигови
во душава си втиснувам
ја тетовирам полека, посветено
мирис на портокал
сок во грлото
вкусна слика од детството
треба да се измисли ново име
за овие душевни состојби –
никогаш надвор од детството
со нема исправеност пред прагот на староста –
каде е средината
или просто не ја сакам, заклучувам
снег и портокали – свежини и одмивања
тело и душа во непрекинат циклус на повредување
никогаш залечени, никогаш целосни
витамини за исправање
снежни лавини за себеизмивање
подобро да не престане да сипе
не е убава сликата
на она што од нас ќе остане на крајот
подобро да нè засипе
мали совршени хумки за нови корени
за нови портокали

Гладна

Одам
талкам гладна
низ пусти предели
со мирис на крв во ноздрите
трага од нежно месо под шепите

гладна сум
по твоите зборови, по нашите разговори
гладна по моите стихови кои ми бегаат
како искинати летала низ облаци

каде меѓу расфрланиве коски
да најдам парче месо
парче вистина за сите наредни пустини
залак жар за сите неизбежни темници

уморна сум и празна
како дупка во буква
како простор меѓу зборови
ме допира зима во крзното

одминуваат празниците на младоста
одминува славењето на љубовта
и плачењето над вистинските избори
само гладот, таа единствена сигурна цел
останува

дојди на мојот лед
дојди да го стопиме

дојди, додека гладна сè уште талкам
и чувствувам топлина во шепите

 

Во деновите кога е добро

Денеска сме весели
распослани во вчерашните огледала
со бакнежи ги броиш моите белези
кај себе ги бараш
нови ми втиснуваш

врне дожд врз сликите
со нож од молк го сечам воздухот меѓу нас
дожд од денови што следат
смола од други бакнежи на усните
прашина од неизречени зборови

под колковите боли допирот
кој некогаш беше ти
на вратот ѓердан од твоите невидливи дланки
воздух околу мене

денеска сме добри
потхранети од треперливи мигови
замижуваме пред бездната
земи ме!
додека не те прекријат некои нови слики
и далечни шепоти

твоја несовршено совршена светлина


Танго (за вистината)

Искини ја пајажината околу мене
дојди со ножот
пресечи од кората на моето дрво
нека ми потечат соковите
да се стоплам од твоите шепоти

камен мал и бел сум
во твојот немирен поток
сè оставам и не гледам
носи ме
кон морето – кон вистината

капеш од моите очи
во дланки те собирам
со крвави усни те вкусувам
те враќам во себе –
само движи се слободен

срце од треперливи крилја
запретано во зовриено тело
се топам под твоите ѕвездести допири
распретај ми ја сржта – знам ќе ја обожуваш

раздроби ги спомените
дувни ги во златни прашинки
ќе се смееме под нив
низ порите ќе дишат во нас
делови од вечноста

стегни ме силно
нахрани ме со листови ружи и бакнежи


Ден, светол ден, тежок
 
Ден за солзи
за вадење на премолчените грутки
од грлата
ден за тупаници и ден
за простување
 
низ мирисот на расцутен багрем
те замислив во летна квечерина
низ далечни џагори
со повик кон соништата
 
светол ден – тежок
за неспокојните души
за талкање по улици
за барање низ музики
зад стиснати дланки пред големо бело платно
 
сончеви зраци преточени
во мразен здив
со ветување за враќање
во непреживеани слики
 
ден кога сивиот град
слави крај на притаеноста
кога сѐ се движи навидум кон подобро
па дури и сѐ ѝ се насмевнува на измамата
 
ден во кој ритуално
ги барам грутките под кожата
секогаш со страв и секогаш со олеснување
небаре сум се ослободила засекогаш
 
ден во кој од мене сѐ заминува
додека јас тивко шепотам разбирање



Со сето тоа
(Us & them)

Ним не им е јасна
мојата неможност за спокојство
тие не ја разбираат
мојата потреба за несовршенство
понекогаш само чувствувам дека зборовите
кои ги плеткам во мислите
ќе ми го покажат работ на разумот

тие нема да ја разберат мојата желба
за самоповредување
само за да ја имам привилегијата
за воскреснување

дувам во правот на дланката и
фантастично проклетство внесувам
во својот и во туѓите животи
и потоа се надевам на преживување од туѓата милост
сè додека нема да има веќе што да се прости

а знам – со таа боја во очите
со тивкиот здив на усните
со мекоста во допирот
и зборовите кои секогаш ја погодуваат целта
со умот кој е брз и често престојува под градите

со сето тоа:
никој нема да ти ја прости несовршеноста
никој нема да ти ги брише солзите
и секое разголување ќе те остава сè повалкана
затоа што никој не ти простил
што си посакала еднаш да слечеш сè од себе
и да се подадеш како капка во океанот


Сублимација на болката

Кршам дел од ребрата
на левата страна зад срцето
за да ја извајам повторно љубовта
чиста бела и силна

боли откинатото
болеше исфрлањето
не трпи насмевка, болката
на тресењето од плач е помилозлива

мислите ми се ребрести
сè гледам низ прави линии –
ролетни линии
клупа, две долги штици
сосема неудобен ребрест гол стол
неподатен за мекоста на телото
сета болка вжарена на едно место
тука те чувам денеска
тука си заокружен со модра боица

загризувам од црвениот миризлив плод
нежно крцка под забите,
со срцевината преминувам преку болното место
облога од мирис лето и боја
за нашата љубов

нека ме боли таму
нека трае, да не се скрши нешто друго
она во нас да не нè осакати –

нека ме печат зборовите
одживеј се повторно преку мене
јас ќе се родам повторно низ тебе
со гласен плач ќе ни простам
иако не сме ни малку виновни
за нашите немирни ѕвезди
раскрилени во светлината


Подземно сонце

ја насликав својата пурпурна боја
во маглив сон од небо, подземно сонце и смрт
ја извадив сета суштина од себе
за да излезам пред себе
да го прегрнам светот
честопати се прашувам каде спие
мојата некогашна срж
дали е мирна сега
дали е конечно ослободена од бремето
на времето

Ги затворам очите во ноќта

Во мене е мирно,
удобно, а сепак
мислам на ноќта која одамна
не ветува чудесни месечарења
пред зори
 
тивко
стих по стих ми истекува мислата
– барам место за рамката на твојата душа
со неколку зборови ти ја одземам ноќта
крадејќи ја возбудата од туѓите насмевки
во тунелот на моите дланки ти подавам
да го видиш вителот на светот
ѕвездите ги мешаат времињата
во ореоли од крилја околу нашите глави
тивко ти зборувам
далечна со километри, а блиска како мисла молитва
ги затворам очите во ноќта
ја прегрнувам
силата која ги руши сите познати димензии

Therapy?

Исфрли го ѓубрето
испразни ги полупразните козметички кутии врз себе
стави нешто и на модринките
со поглед обвини ги острите рабови на креветот
пушти музика
нешто што асоцира на шеткање во сончев парк
погледни во рекламата со photoshop монтирана насмевка
заклучи: не си ТИ таргетот
– не мисли –
не гризи усни до крв!
замките демнат насекаде
модринките потсетуваат
музиките здоболуваат
ништо не одговара на твојата душевна состојба
ѓубрето само се таложи
мобилниот ѕвони, нема како да се сокриеш
немаш ни мисла
а камоли стих да составиш
А знаеш:
само тоа помага
само таа терапија
е излез од твојата апатија


Извор: Индиго есен, Блесок, Скопје, 2014.
Слики: Samuli Heimonen

Горана Митровиќ е родена во ноември 1976 година во Скопје. Дипломирала на Архитектонскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 2004 година работи во своето архитектонско студио „Метрика“ во Скопје. Добитник е на неколку награди од областа на архитектурата. Пишува поезија дваесет години. Збирката песни „Индиго есен“ (2014) е нејзина прва книга.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото