1021 hPa
76 %
8 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 16:01
Во сабота, на 4 април, со почеток од 20:00 часот во Автономниот Културно Социјален Центар во Скопје ќе биде поставена изложба на фотографии и цртежи на Вера Христовска.
Кон крајот на септември минатата година, скопската публика имаше можност да ги погледне одличните фотографии на Вера, изложни под насловот „Voyage“ во кафулето Концепт37.
Овој пат, во АКСЦ ќе бидат изложени околу 15 цртежи и 15 фотографии - дела кои се работени во текот на повеќе години и на повеќе локации, поради што се наметна насловот на изложбата: „Недовршена приказна“.
Атмосферата на изложбата ќе биде заокружена со музичка селекција на Димитар Додовски и Вера Христовска.
Цртежите се работени во бел, сув пастел на црна хартија. Оваа техника ја потсеќа авторката на детството и ја инспирира да го долови чувството на своевидна игра во секој од цртежите. Што се однесува пак до фотографиите, тие се моменти од нејзините многубројни патувања. Фотографиите на Вера се навистина квалитетни парчиња, продукти на нејзиното долгогодишно искуство во тој уметнички медиум. Поопширна селекција од нејзини фотографии можете да погледнете овде.
Инаку, Вера Христовска е родена во Германија, а живее во Битола каде што твори и експериментира со повеќе уметнички стилови, претежно графички дизајн и фотографија. Нејзините дела досега биле дел од бројни публикации како и изложби низ повеќе градови во Македонија и странство. На оние кои што го посетувале познатото битолско кафуле „Камарите“, Вера им е позната и како диџејка заслужна за многу журки во градот.