Разговори со студентите од архитектонските школи (6)

03.04.2015 11:18
Разговори со студентите од архитектонските школи (6)

14.

Изучувањето на фолклорот е само еден од сегментите на важната наука која во полна мера се разви дури неодамна, со појавата на новите технички средства за собирање информации: фотографските, кинематографските и звучните записи. Таа наука е етнографијата, а нејзината граѓа се автентичните документи. Звучните или визуелните записи на тие автентични документи, зачувани во фонотеките или видеотеките, сега ни даваат јасен увид во начинот на живот на другите народи, давајќи ни изобилство од информации за до неодамна непристапните култури. Таа изворна граѓа нè враќа во некое далечно минато, воедно овозможувајќи ни да ја изучиме го разбереме непосредно, да му се восхитуваме или да жалиме по него. Во изминатите времиња ликовите како природниот човек на Жан Жак Русо, или Волтеровиот Хјурон, можеа да ни дадат само приближна претстава за минатото. Меѓутоа, денес е доволно со подземна железница да отидете до Палатата Шајо (Palais de Chaillot), па да се затекнете меѓу нив, да ги видите, слушнете, изненадите во секојдневните работи, да ги запознаете нивните обреди и верувања. Освен тоа, на истото место се собрани и изложени бројни предмети од нивните домови, а фотографската документација, скромна или обемна, ја дополнува сликата за нивните обичаи и опкружувањето во кое живеат. Ја гледаме локацијата, со нејзината флора и фауна, предметите користени во домот или во храмот, оружјето кое го користеле во војна.

Не можете ни да замислите од какво значење за нашата генерација беше откривањето на тие толку различни, нам туѓи цивилизации. Најголемото и најнепосредно влијание од тие откритија се гледаше во областа на уметноста. Љубовта и страста кон археологијата која во последно време се распламти благодарение на техничките можности на печатењето (нашето време се нарекува и „време на хартијата“), го наруши начелото на контигвитет на кое по природата на нештата бевме условени. Сопственото опкружување (најчесто) имавме можност да го запознаеме во опсег од триесетина километри; знаењето го стекнувавме непосредно од татковците, и така тоа одеше од генерација на генерација. По инвазијата на варварите и исчезнувањето на античките цивилизации, до револуции и идеи доаѓало само кога се откривало некое ново извориште на информации: за време на крстоносните војни, падот на Константинопол, откривањето на Америка... Многу време помина откако сме биле жестоко потресени на сличен начин. Благодарение на самозадоволниот академизам, сликарството и скулптурата достигнаа ненасетено ниво на невкус. И наеднаш етнографијата, таа модерна наука, ни даде можност да го промениме погледот на свет. На водечките уметности, сликарството и вајарството, вдахнат им е нов живот, а промената до која дојде во нив најдобро ја опишува чудниот поим: кубизам. Во повоените години, архитектурата и самата беше излжена на тие плодотворни влијанија. Но работата на вистинските урбанистички програми сè уште е во зачеток: уште ги нема, или не се јасно формулирани. Задачата која ни претстои е од фундаментално значење, зашто одново нè соочува со прашањето на свеста, па со тоа и на подмирувањето на старите долгови.

Сигурен сум дека и сами гледате дека природата, свеста и уметноста се неделива целина која нè повикува на учење. Во таа целина мораме да проникнеме.

15.

Настојувајќи да ви ја приближам архитектурата, ниту расудувањето не ме води нужно до она највисоко место кое е извор на сето вдахновение - намерата. Сите конкретни или апстрактни методи на кои почива пирамидата на архитектурата се подредени на намерата; примената на техниката, изборот на материјалите, програмските решенија итн. - целиот тој вложен труд ќе се проценува исклучиво според квалитетот на вашите намери. Можеби и ќе успеете од својата куќа да направите чудесна палата низ која одѕвонува смеа, доколку претходно, водејќи сметка за најситните архитектонски детали, не сте заборавиле дека таа палата за која сонувате е пред сè куќа, обична и секојдневна куќа наменета за живеење.

Во текот на целата моја кариера, независно од евтините и скромните материјали кои ги имав на располагање и независно од програмите кои како да потекнуваа од перото на Диоген, бев окупиран со настојување да направам палата од својата куќа. Секогаш преовладуваше чувството за доличност и достоинство!

16.

Во оваа област на мислење, секој архитект кој и за миг ќе го изгуби вниманието, го демнат стапици и амбиси. Достоинството по кое трагаме не се состои во празна речитост. Тоа произлегува од чистотата.

Но, во чистотата има нешто што плаши. Затоа нашата кукавичка култура, во желба да ги заштити албинистичките очи од тој неиздржлив блесок, се опкружува себеси со патина и сивило. Луѓето денес не знаат за моќта на боите од дорските столбови или од средновековниот период, не знаат за сјајот и блесокот на златото, огледалата, свилата, брокатот и филцот од времето на Луј XIV и Луј XV. Според мислењето на нашите дежурни малограѓани, на силата, крепоста и радоста на некогашните владетели ѝ недостасувала рафинираност.

Револуцијата на свеста, до која денес доаѓа по преголемо одложување, неминовно ќе се одрази и врз нашата облека. Жените тука веќе го презедоа кормилото: модните стилови стануваат сè похрабри, повоочливи, поекспресивни. Погледнете ги само овие девојки од 1942 година: нивните фризури сведочат за здравјето и оптимизмот. Тие имаат облици на кацига од злато или абонос. Во времето на Луј XIV, или за време на ренесансата, вие момчињата би носеле коса по примерот на архангелите, би биле силни како Марс и убави како Аполон. Но, девојките ве претекнаа!

Нашата облека е во краен расчекор со нашите потреби, зашто се откажавме од боите кои се знаци на живот. Уште од 1910, верував во окрепувачкото и прочистувачко својство на белилото; искуството ме научи дека совршенството на белината најдобро може да се истакне ако е опкружено со живи бои. Воочувајќи можност за „отворен план“ во армираниот бетон (нестеснет со ѕидови), се определив за архитектонската полихромија за подобро да го дефинирам просторот и му дадов разноликост која ќе одговара на состојбите на душата, а со тоа воедно и ќе го поддржи струењето на животот. Користењето на повеќе бои придонесува за буење на животот.

Добро слушнавте: буење на животот. Бидејќи како тема веќе ги имавме становите, можам да додадам дека тој живот ќе буи само таму каде што ќе најде архитектонски еквивалент на новите простори на слободата какви што веќе ни донесоа книгите, радиото, грамофонските плочи, весниците и списанијата. Просторните и временските хоризонти на општеството бескрајно се проширија, а нашиот сензибилитет стана поистенчен, како клавијатура на која ѝ се придодадени многу нови клавиши. Не сакам да пресудувам - ни самиот не знам дали на таа новостекната слобода треба да се радуваме или да се жалиме. Па сепак, нашиот интелектуален интерес сега несомнено мора да биде поинаков, баш како и изборот на нашите сопатници - при што мислам на предметите кои нè опкружуваат во секојдневниот живот, предметите со кои постојано општиме, блиските предмети кои понекогаш можат да попримат поетско значење. Можеби ќе посакаме да ги собереме, сметајќи ги за современи, иако тие не се тоа. Анахронизмот овде не се проценува со временски мерила; тој се согледува преку јазот меѓу нештата кои се со сосема разнороден дух. Она што на дадено ниво на сензибилитет е современо, тоа е средба на сродни души. Оттука, предметите кои потекнуваат од разни места и разни времиња можат да полагаат право на братско заедништво; затоа и книгите нè пленат со својата поттикнувачка и самовилска иконографија. На овие предмети, на делата на вештите човечки раце, треба да се придодадат и оние на кои самата природа им подарила значење. Предметите кои со својот облик, големина, квалитет и трајност се во состојба да предизвикаат поетска реакција кај нас заслужуваат да најдат место во нашиот дом. Таков е, на пример, некој камен измазнет од брановите на океанот или скршена цигла чиишто рабови ги измазниле брановите на некоја река или езеро; тоа можат да бидат коски, фосили, корења од дрво или речиси сосема скаменети алги, цели школки, мазни како порцелан или избраздени со грчки и хиндуистички шари, па дури и оние скршените, кои ни ја изложуваат на увид својата восхитувачка спирална структура. Тоа може да бидат семки, кремења, кристали, парчиња камен или дрво - со други зборови, безброј предмети кои зборуваат со јазикот на природата, кои можете да ги милувате со прстите или да ги гледате со очите... безброј сопатници кои го повикуваат сеќавањето...

Со нивно посредство воспоставуваме пријателски контакт со природата. Во одредени прилики сум ги користел како тема на моите слики и мурали. Ми служеа за подобро да истакнам некои особености: машки или женски, билни или минерални, пуполки или цветови (зори и пладниња), сите можни нијанси (призмата со нејзините седум отворени бои или темните тонови на земјата, каменот и дрвото), сите геометриски форми (сфери, конуси, цилиндри, и нивните различни пресеци). Ние, мажите и жените, живееме и се движиме во овој свет на кој реагираме со прилагодени и изострени сетила, градејќи ги духовните творби на сопствениот ум. Бидејќи не сме пасивни и негрижливи суштества, активно соработуваме во сè што се случува - учествуваме, проценуваме и донесуваме судови. Задоволни од насоката која ја одбравме, во „непосреден контакт сме“ со Природата која ни дава чувство на сила и чистота, единство и разноликост.

Би сакал со молив да ги скицирам тие опипливи настани, тие сведоштва на органскиот живот, тие појави кои, иако се ограничени од природните и космичките закони, се толку речити: камењата, кристалите, билките или нивните рудиментарни форми - применувајќи ја така добиената поука дури и на дождовните облаци и на ерозијата на земјата, таа важна геолошка појава, па и на оние глетки откриени од авионите (нашите професионални помагала) кои ни покажаа дека природата - нашето прибежиште - е вечно бојно поле на елементите што се судираат. Така би се ослободиле од празното изучување на античката гипсена скулптура кое ѝ го одзеде целиот сјај на уметноста на стара Грција и Рим, исто онака како што веронауката успеа да го лиши Евангелието од сите чари.

Се плашиме од живите бои, баш како што се плашиме од важните архитектонски решенија. Вашите учители и сами го признаваат тоа: не е направен одлучен исчекор. Пред некој ден, директорот на една од вашите најголеми школи, Академијата за убави уметности, изјави: „Почнуваме да градиме згради од бетон, но и понатаму мислиме во камен“. Оваа забелешка на господин Турнон (Tournon) ни покажува дека периодот од четириесет години по Огист Пере не бил доволен. Наведовме искрено признание на лице официјално одговорно за наставата по архитектура во Франција, земја во која е измислен армираниот бетон. Но, дали учителот, откако новинарот го заврши интервјуто, им нагласи на своите студенти што никако не би смееле да прават, укажувајќи им на примерот на станбената зграда во улицата Нинжесер-е-Коли (Nungesser-et-Coli), изградена од бетон, и тоа токму така како при нејзината зграда да се мислело „во бетон“? Раскиновата (Ruskin) светилка на вистината очигледно се угасила!

Спрегата на техниката и чувството, тие предуслови за архитектурата, е исклучително непостојана. Учителите кои ја надгледуваат вашата настава пред сè би морале да ви отворат врати кон нови, бескрајни хоризонти. Дипломата, како круна на вашите студии, ви дава само едно право - да го пречекорите тој праг. Дури кога ќе ги завршите студиите, ве чекаат вистинските потешкотии. Ќе се занимавате со професија во која делата се просудуваат според инвентивноста, истенченоста и квалитетот - својства кои се одраз на нечиј карактер. На секој чекор ќе се соочувате со човечката суета и алчност - со други зборови, со неволји. Ќе бидете единствени господари на својата судбина, зашто во иднина ќе бидете сами. Дипломата не ви дава никакво право на учество во распределбата на државниот колач.

Јасно е дека овде зборувам во контекст на темата со која се занимаваме денес: архитектурата. Надвор од неа, ќе ви биде релативно лесно „да направите добри зделки“ и „да успеете во животот“.

(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел
Кон петтиот дел

Извор: Entretien avec les étudiants des écoles d'architecture, 1957.

На сликите: Црквата Нотр Дам во Роншамп (1954)

ОкоБоли главаВицФото