Најголема закана за Европа е нејзината инертност

04.04.2015 13:01
Најголема закана за Европа е нејзината инертност

Славој Жижек не сака да го нарекуваат „професор“. Се шегува дека кога луѓето го нарекуваат со таа титула, се врти да види каде се наоѓа тој професор. Навистина, ретко предавал на универзитетите. Со својата неверојатно плодна творечка активност, со книгите, есеите, статиите и колумните, Жижек станa светски влијателен интелектуалец. Неговите предавања и гостувања ширум светот му донесоа репутација на еден од најпознатите современи мислители и културни теоретичари во светот. И покрај влијанието, тешко е да се одредат неговите политички и филозофски гледишта. Роден е во главниот град на Словенија, Љубљана, каде живее и денес. Бил член на Комунистичката партија до 1988. Неговиот однос со официјалните партиски канали бил комплициран бидејќи неговите идеи не се сметале за ортодоксно марксистички во доволна мера, и на универзитетот во својот роден град никогаш не добил професорска катедра. Сепак, помеѓу 1981 и 1985 имал можност да ја студира психоанализата на Жак Лакан. И покрај својот екстремно критички став кон политичкиот либерализам, за кој смета дека му недостасува суштина и сила, непосредно пред распадот на Југославија бил претседателски кандидат на словенечките либерал-демократи.

Размислувањето на Жижек, одредено од германскиот идеализам, Хегел и Маркс, се фокусира на развојот на слободниот субјект и начинот на кој тој е заробен од променливоста на идеологијата и идентитетот. Од Латинска Америка па до Азија Жижек е ценет пред сè поради својата критика на глобалниот капитализам и е клучна интелектуална фигура на левичарските протестни движења. Шокот поради терористичките напади во Париз го инспирираше да напише филозофско-полемички есеј за исламот и модернизмот. Во него го апострофира јазот меѓу толеранцијата на западниот свет и фундаменталистичката омраза на радикалнот ислам и апелира до Запад да инсистира на наследството на Просветителството и неговите универзални вредности. Тврди дека вистинската сувереност е можна единствено преку обновување на Левицата.

Господине Жижек, финансиско-економската криза покажа колку системот на слободниот пазар е ранлив. Како свој предизвик го поставивте испитувањето на противречноста на современиот капитализам. Дали предвидувате нова револуција?

Не, за жал.

Но сепак би сакале тоа да се случи? Дали сте сè уште комунист?

Многумина ме сметаат за луд марксист кој го чека крајот на времето. Можеби сум многу ексцентричен, но не сум лудак. Јас сум комунист кој бара решение за излез од очајната ситуација во Европа. Пред шест месеци бев во Јужна Кореја за да зборувам за кризата на светскиот капитализам, вообичаено, знаете, бла, бла, бла. А потоа публиката почна да се смее, велејќи ми: За што зборувате? Само погледнете нè - Кина, Јужна Кореја, Сингапур, Виетнам - економски ни оди многу добро. Значи, кој западнал во криза? Станува збор за вас во Западна Европа, поточно - некои делови од Западна Европа.

Па, тоа не е баш така едноставно.

Сепак, во тоа има некоја вистина. Зошто ние Европејците имаме чувство дека нашата несреќна ситуација е широко распространета криза? Мислам дека она што ние го чувствуваме не го поставува прашањето за или против капитализмот, туку за иднината на западната демократија. Нешто мрачно се наѕира на хоризонтот и првиот ветер од бурата дојде до нас.

Сакате да кажете дека економската криза може да доведе до политичка криза?

Кина, Сингапур, Индија, или нам поблиската Турција, не се претскажувања за светла иднина. Моето уверување е дека капитализмот се развива во правец во кој ќе функционира подобро без сосема развиена демократија. Подемот на таканаречениот азиски капитализам изминативе 10 години најпосле отвора некои прашања и поттикнува сомнеж. Што ако авторитарниот капитализам по моделот на Кина е индикатор дека либералната демократија, онака како што ние ја сфаќаме, веќе не е предуслов ниту гарант на економскиот развој, туку негова пречка?

Демократијата не постои за да му го трасира патот на капитализмот. Таа е брана против сите латентни опасности на капитализмот, што ја прави демократијата сè повеќе незаменлива.

Во тој случај, би морало да постои нешто повеќе од принципот на слободни избори. Слободата на изборот може да го одведе општеството во кој било правец. Во таа смисла, јас сум ленинист. Ленин често иронично се прашувал: Слобода - да, но за кого? За што?

Слобода на самоопределувањето. И пред сè, слобода на говорот и мислењето како дел од тоа.

Сјајно! Не сум сталинист кој ги негира граѓанските слободи со тврдење дека линијата на партијата е единствената вистинита, стварна слобода. Во личната и приватната сфера слободата на избор се зголемува дури и во Кина. Кога го велам тоа, мислам на сексуалната слобода, слободата на патувањето, слободата на трговијата и слободата да се збогатите. Но, се прашувам дали е тоа доволно и дали можеби таквиот вид лична слобода на избор не е нешто што содржи стапица. Напредокот во личната слобода на изборот е маска за губењето на социјалната слобода. Класичната држава на благосостојба е уништена. Ја губиме свеста за тоа каде нè водат социјалните процеси и во каков вид општество сакаме да живееме. Мораме да го редефинираме полето на можностите во кое можеме да ги живееме нашите индивидуални слободи.

Со други зборови, ни недостасува сериозна системска дебата. Видовме една за време на студентските протести во 1968 година, но таа не постигна никакви резултати, освен либерализација на граѓанските слободи. Во споредба со копнежот за индивидуална слобода, нè демне ли тоталитарното искушение во мобилизацијата на колективната желба да се надмине постоечкиот систем?

20 век е завршен. Тоталитарниот режим долгорочно не е одржлив. Доколку сакаме да ја задржиме сликата која на Запад ја имаме за себе, мораме да го ревидираме прашањето на ширење на демократските слободи и процесот на самоеманципација. Европа тука е најзагрозена. Јас сум евроцентричен левичар. Во левичарските кругови стана помодно да се критикува евроцентризмот во име на мултикултурализмот. Но јас сум убеден дека Европа ни е попотребна од кога било! Само замислете го светот без Европа. Би имале само два пола - САД со нивниот брутален неолиберализам и таканаречениот азиски капитализам, со авторитарна политичка структура. Помеѓу нив би постоела уште Путиновата Русија, со нејзините експанзионистички аспирации. Би го изгубиле највредниот дел од европското наследство, каде демократијата и слободата подразбираат колективен ангажман, без кој еднаквоста и правдата се невозможни.

Тоа е наследството на Просветителството, трансформација од самонаметната незрелост до автономно самоопределување.

Точно! Не спаѓам во најблиските пријатели на Јирген Хабермас, но во тој дел сосема се согласувам со него. Повеќе од кога било порано, мораме да се држиме до проектот ЕВРОПСКО ПРОСВЕТИТЕЛСТВО. Тое е единствениот начин да ги промениме контурите на она што се чини можно и изводливо.

Сакате да кажете дека не треба да очекуваме премногу од либералната демократија?

Да. Мораме да одиме подалеку од либералната демократија. Вообичаено демократијата функционира вака: на повеќето гласачи им се чини дека уживаат во можноста за самоопределување, но во стварноста прават како што ќе им се каже. Така би можело да се заклучи дека омилениот избор на германскиот гласач е влада која ја прави големата коалиција. Во страв дека ќе донесат вистински радикална, несекојдневна одлука, луѓето се однесуваат како да одлучуваат слободно по своја волја, врз основа на околностите, практичните ограничувања и претходно утврдените услови. Но, наместо само вешто да ги анализирате работите и да им се прилагодувате, понекогаш е неопходно да го промените полето на значење. Создавањето на општа волја, Русоовата volonté générale, не се одвива на тој начин. Конституирањето на оваа волја стана приватизирано и крајно аполитично. Таквото опкружување му годи на капитализмот зашто либерално-демократската слобода и индивидуалниот хедонизам ги мобилизираат луѓето за сопствени цели, претворајќи ги во воркохоличари.

Во што гледате алтернатива?

Нема враќање на комунизмот. Во одредена смисла, сталинизмот беше полош од фашизмот, особено имајќи предвид дека врховниот идеал на комунизмот, самоослободувањето на луѓето, е идеал на Просветителството. Но тоа е исто така трагедија на дијалектиката на Просветителството. Сталинизмот за мене сè уште е загатка. Фашизмот апсолутно немал просветителски амбиции, тој спроведувал исклучително конзервативна модернизација користејќи злосторнички средства. Во извесна смисла, Хитлер не бил доволно радикален или насилен.

Што? Веројатно не ги мислите тоа сериозно?

Она што се обидувам да го кажам е дека фашизмот можеби претставувал реакција на баналното самозадоволство на буржоазијата, но и самиот останал заробен во буржоаското општество фиксирајќи го неговото самозадоволство. Го делам гледиштето на Валтер Бенјамин дека секој подем на фашизмот е производ на неуспешна револуција. Успехот на фашизмот е неуспех на левицата и тоа докажува дека постоел револуционерен потенцијал кој левицата не знаела да го искористи.

Каква е состојбата со основните вредности на либерализмот: слободата, еднаквоста и правдата? Дали либералната демократија е доволно силна за да се заштити од ирационални напади?

Се сомневам дека е во состојба да одговори на предизвиците. Светскиот капиталистички систем се приближува до својата нулта точка. Четирите јавачи на апокалипсата се климатската катастрофа, очигледните последици од биогенетскиот инженеринг, недостатокот од саморегулација на финансискиот пазар и растечкиот број на исклучени луѓе. Колку повеќе пазарот се глобализира, толку силата на социјалниот апартхејд е поголема.

Опасностите се препознаени и за нив се дискутира на широко. Сепак, дали мислите дека немоќно одиме кон бездна?

Недостигот на алтернатива не значи дека едноставно треба да заглавиме на статус кво. Доколку постоечкиот систем продолжи да се репродуцира, тогаш одиме кон негова имплозија. Единственото што може да ја спаси либералната демократија е обновената левица. Ако левицата ја пропушти оваа шанса, опасноста од фашизам или нов авторитаризам ќе порасне.

Овие трендови се воочуваат уште денес - во религискиот фундаментализам, десничарскиот популизам и агресивниот национализам.

Тоа е точно, и одговорот на тоа не може да биде вообичаената толеранција и разбирање. Не! На тој начин, либерализмот малку по малку се подрива самиот себе. Имаме право да одредиме граници. Во Европа премногу се чувствуваме виновни, нашата мултикултурна толеранција е преработена лоша совест, комплекс на вина кој може да предизвика исчезнување на Европа. Најголема закана за Европа е нејзината инертност, повлекувањето во културата на апатија и општа релативизација. Во таа смисла сум догматик. Не сакам да се сомневам во сè или да преиспитувам сè. Либералниот догматизам се заснова на она што Хегел го нарекувал морална основа. Тоа е причината поради која начелно сум против секоја форма на политичка коректност која се обидува да контролира нешто што би требало да е дел од моралната основа со општествените и законските забрани.

Зарем секоја култура нема сопствен праг на поднесување на нетолеранцијата?

Постојат нешта кои е невозможно да ги толерирате. l’impossible-à-supporter, како што вели Жак Лакан. Што ако некој магазин отворено почне да се шегува со Холокаустот? Што е со шегите кои се сексистички и расистички? Левите либертаријанци или либертаријанското гледиште за иронијата и хуморот воопшто одат во спротивна насока - кон зголемена чувствителност за беспомошноста на другите. Знаете, непристојните шеги се добар испит за прагот на толеранција помеѓу различните групи.

Во искушение сум да прашам, сериозно?

Во поранешна Југославија, секоја република имаше шеги на сметка на другите. На пример, Црногорците беа сметани за мрзливи. Во Црна Гора земјотресите не се реткост. И зошто Црногорецот го држи својот пенис во секоја дупка или пукнатина? Чека да наиде следниот земјотрес, зашто е премногу мрзлив за да мастурбира. Или земете ги вицовите на сметка на Евреите - тие можат да бидат прекрасни како вид шега на своја сметка. Го знаете ли овој? Еврејска жена со полски корени - за кои се смета дека се прилично сериозни по природа - наведната ги чисти плочките. Кога мажот ѝ, враќајќи се од работа, ја затекнува во таа положба, ѝ приоѓа од зад грб, ѝ го крева здолништето и ја зема отпозади. Откако завршува, ја прашува дали и таа доживеала оргазам. Не, вели таа. Имам уште три плочки до крајот. Без вакви непристојни размени ние немаме стварен контакт едни со други, туку само студено почитување.

Не би верувал премногу во валидноста на таквите текстови.

Секако, постојат граници. Тоа може да стане горлив проблем доколку две етнички групи живеат заедно во непосредна близина и доколку имаат непомирливи начини на живот, така што ваквите работи се доживуваат како критика на сметка на својата вера или како напад на својот идентитет.

Постои ли таква опасност во неодамна популаризираната изјава дека исламот е дел од Европа?

Толеранцијата овде не може да биде опција. Она што ни треба е нешто што Германците го нарекуват Leitkultur, развиена водечка кутура која го регулира начинот на поткултурна интеракција. Мултикултурализмот, со обостраното почитување на чувствата на другиот, не функционира кога ќе се најдете во фаза „impossible-à-supporter“. Посветениот муслиман ја смета за невозможна толеранцијата кон нашите бласфемични слики и соблазнив хумор, што е составен дел од нашата слобода. Но, ни Запад со своите слободарски практики, не може да ги толерира присилните бракови и сегрегацијата на жените која е дел од муслиманскиот начин на живот. Затоа јас, како левичар, сметам дека ни е неопходна наша сопствена раководечка култура.

Но што би можело тоа да биде? Како би требало да изгледа таа раководечка култура? Дури и универзалната примена на човековите права понекогаш се доведува во прашање во име на културните разлики.

Водечката европска култура е универзалноста на Просветителството во чии рамки поединецот се гледа самиот себеси преку оваа универзалност. Тоа значи дека треба да се испразни од сопствените специфичности и да ги игнорира своите партикуларни, социјални, религиозни или етнички гледишта. Не е доволно да се толерираме едни со други. Мораме да изградиме способност да го доживееме сопствениот културен идентитет како нешто контингентно, нешто случајно, нешто што може да се промени.

Универзалниот поединец е апстракција. Тој не постои во стварниот живот. Во стварноста, секој припаѓа на некоја група или заедница.

Универзалните поединци и тоа како се стварни во нашиот живот. Независно од јаболкото, крушата и грозјето, би требало да постои место за овошјето како такво. Ја сакам убавината на оваа платонистичка идеја. Луѓето припаѓаат на специфични групи, но истовремено тие се дел од универзална димензија. Не останувам ист во текот на целиот живот, но сепак останувам јас. Заедниците исто така не се затворени. Човек може да напушти една и да се се придружи на друга. Нашиот идентитет е сочинет од неколку идентитети кои можат да постојат сукцесивно и паралелно.

Деновите се менуваат, но не и јас, се вели во песната на Гијом Аполинер.

Во христијански контекст: Светиот дух е во сите нас - сите го делиме независно од нашиот идентитет кој е поврзан со конкретна заедница. Јас сум атеист, но ја признавам еманципаторската срж на христијанската наука: остави ги своите татко и мајка и појди со мене, вели Христос. Остави ја својата заедница зад себе за да го најдеш својот пат до универзалната човечност.

Еманципацијата е чин на насилство - разделување и искоренување. Исламот не им дозволува на луѓето да ја напуштат заедницата на верници.

Не постои слобода, барем не во универзална смисла, без тој момент на насилство. Разделбата со корените е прилично насилен процес, но таа сила, која не мора да биде физичка, има во себе нешто искупувачко. Ве потсетувам, не станува збор за тоа да го уништиме она што нè прави посебни. Ние сме врзани за нашите особености. Но, мораме да ја препознаеме случајноста на нашата посебност, таа контингенција која сама по себе не е важна. Универзалноста е отвореност за радикална контингенција.

Какво е политичкото значење на тоа?

Иранскиот револуционерен водач Хомеини еднаш рече: ние не се плашиме од западното оружје или економскиот империјализам. Она од што се плашиме е моралната расипаност на Западот. Екстремен случај на ваквиот отпор е исламската држава или дури Боко Харам. Колку чуден феномен! Социјално и политичко движење чија главна цел е да ги лиши жените од образование и да ги држи во заден план. Старото мото од 1960-тите, дека сè што е сексуално истовремено е и политичко, овде добива ново значење: зачувувањето на строгата сексуална хиерархија станува најважен политички императив. Зарем слична работа во нешто послаба форма не видовме од страна на Русија за време на Евровизија, кога победи брадестата Кончита Вурст? Рускиот националист Жириновски минатиот мај рече: „Во Европа повеќе не постојат мажи и жени, само она.“ Дури и нашата Католичка црква крева слична паника искажувајќи отпор кон истополовите бракови.

Дали неограничениот хедонизам на поединецот е единствената работа која можеме да ја спротивставиме на ваквиот фундаментализам?

Не, поради две причини. Првата е таа што нашиот вистински непријател не е религијата. Живко Кустиќ, хрватски католички свештеник, националист, изјави дека католицизмот е симбол дека луѓето не се спремни да се откажат од своето национално и културно наследство - „целото Хрватство“. Оваа изјава ни кажува дека тоа не е прашање на вера и вистина, туку политичко-културен проект. Станува збор за тоа колку јавна контрола ќе оствари нашата страна, која количина на хегемонија ќе ја допуштиме. Затоа Кустиќ благонаклоно го цитира италијанскиот комунист кој за себе вели: „Јас сум католик атеист“. Исто така, поради таа причина норвешкиот масовен убиец Андерс Брејвик, кој не е религиозна личност, го спомнува христијанското наследство како темел на европскиот идентитет. Втората причина, уште поважна, е таа што неограничениот хедонизам на поединецот совршено се вклопува во денешниот капитализам во смисла дека глобалните социјални и економски процеси сè повеќе и повеќе стануваат непропустливи. Индивидуалниот хедонизам и фундаментализам меѓусебно се поттикнуваат. Целисходната борба против фундаментализмот подразбира нов колективен проект на радикални промени. И во тоа нема ништо од хедонистичката тривијалност.

Кој одредува што е контингентно, а што е супстанцијално? За ортодоксниот муслиман, марамата е суштинска, а не нешто споредно.

Тука се крие жариштето на проблемот. Девојката, жената, мора сама да одлучи за тоа. За да биде во можност да го направи тоа, мора да биде ослободена од притисокот на семејството и заедницата. И тоа е ситуација во која еманципаторското насилство е применливо: единствената можност за независност е раскинувањето со корените, оттргнувањето на поединецот од притисокот на заедницата да ѝ се потчини. Затоа еден од моите херои е Малколм Икс. Икс се залагал за вакво искоренување. Тоа не го одвело подлабоко во потрага по своите африкански корени. Напротив, тој го гледал тоа како можност за остварување на нова универзална слобода.

Вие го одобрувате ова насилство?

Го прифаќам насилството зашто тоа е цената на вистинската контингенција и самоослободување. Тоа е како садомазохистичка сексуална игра. Оние кои учествуваат во неа можат да се препуштат на разни перверзии. Во кој било момент секој има право да каже: „Престани, тоа е тоа, овде завршувам и си заминувам“. Прогресот во либералната демократија почива на постојано проширување на универзалните видици и, на тој начин, исто така и на диверзификација на слободата на избор помеѓу потенцијалните одлуки. Но, контингенцијата не значи тривијалност.

Дали неуморното проширување на границите на јавната слобода е работа на интелектуалците како вас? Тоа повеќе потсетува на отвореното општество на Карл Попер отколку на Марксовата пролетерска револуција?

Боже мој, сè само не Попер! Во таа смисла, сè уште сум марксист зашто ми е важна инфраструктурата на слободата инхерентна на ситуациите. Специјалистите - идиоти во изворно значење на зборот - водат сметка за решенија на конкретни проблеми. Интелектуалците се грижат за поставување прашања на нов начин и размислувања за општествените услови за остварување на лични граѓански слободи. Во својот есеј „Што е Просветителството“, Кант разликува приватен и јавен ум. Денес ова е поактуелно од кога било. Според Кант, јавен ум значи слободно мислење независно од која било политичка или религиозна присила, додека умот во служба на државата би бил приватен. Нашата борба денес, а тоа го вклучува и Викиликс, е зачувување на јавниот простор жив.

Значи, како можеме да развиеме еманципаторска солидарност помеѓу групите кои се културно различни?

Мојот одговор е дека треба да се бориме. Обичната универзалност не е доволна. Културниот судир не би требало да се надмине преку чувството на глобална хуманост, туку попрво преку целосна солидарност со сите кои се борат во некоја култура. Нашата борба за слобода би требало да биде здружена со борбата против кастинскиот систем во Индија и работничкиот отпор во Кина. Сè зависи од ова: борбата за Палестина и против антисемитизмот, Викиликс и Пуси Рајот - сето тоа се делови од иста борба. Ако не, тогаш сите можеме само да се убиеме.

Господине Жижек, ви благодариме за разговорот.

Слики: Julio Larraz
Разговорот го водеше: Роман Лајк
Извор: Spiegel

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото