Провизија

06.04.2015 09:20
Провизија

Терминот „провизија“ не смее да се меша со термините „визија“, „дивизија“, „провизорност“ (иако со некои од нив има ист корен), па дури ни со терминот „рабат“, иако може да изгледа дека имаат слично значење. Рабатот, имено, е одбитокот (попустот) што произведувачот му го одобрува на трговецот како надомест за неговата работа, додека провизијата е награда за посредување, за извршена (договорена) работа, најчесто за овозможување продажба.

Се разбира, никако не смее да се помеша со „донација“. Донацијата е подарок што се дава без никакви условувања. Најчесто станува збор за подароци кои претходно веќе требало да бидат набавени и наплатени од буџетот на тој што ја добива донацијата. Ако станува збор за државата како примател на подарокот (на пример, некој медицински апарат во некоја детска клиника) тогаш станува збор за заштеда во државниот буџет, односно за супституција на парите од вашите даноци, која најчесто се прави за да бидат самите донатори ослободени од плаќање на сопствените даноци. Мотивите на донацијата можат да бидат најразлични: од создавање на соодветен имиџ на донаторот (неговата хумана страна, истакнување на неговата општествена одговорност) па сè до споменатото ослободување од даночните обврски и обезбедениот маркетинг што го осигурува примателот на донацијата (јавни настапи, свечено врачување на донацијата итн.), додека мотивот на провизијата е само еден – зголемување на личниот буџет, односно лично богатење. Во таа смисла, донацијата речиси никогаш не е тајна, а најмалку државна тајна, додека провизијата е речиси секогаш тајна, а во одредени случаи и државна тајна.

Во ред, поради стратешки интереси некогаш донацијата може да биде државна тајна. На пример, државата Израел донира воена опрема на некоја друга држава (на пример, Македонија) за поефикасна борба против исламскиот тероризам. Спецификацијата на подарокот (опремата) може да биде тајна, но фактот дека е таа донирана никако не смее да биде тајна, зашто таквиот однос создава простор за низа манипулации (двојно трошење на парите, на пример).

Натаму, донацијата речиси никогаш не се дава во готови пари, а провизијата речиси никогаш не се дава во подароци. Се разбира, и тука постојат исклучоци. На пример, државата Израел донира пари во готово на некоја држава (на пример, Македонија) за опрема и специфична обука на специјалните полициски единици за борба против исламскиот тероризам (исламскиот тероризам го наведуваме толку често, зашто не можеме да замислиме друг мотив или интерес поради кој Израел би ја засилувал македонската полиција, иако Македонија, токму во израелските анализи не е критична точка за појава на овој тип тероризам), но повторно начинот на обуката може да биде таен, ама донацијата никако.

Во жестоката пазарна борба на доминантниот неолиберализам, провизијата често е легално (иако не е легитимно) средство за овозможување на подобра позиција на вашиот производ на пазарот, па таа многу често е вкалкулирана во цената на производот, особено ако се работи за робусните и неспецифични производи (авиони, на пример), но таа никогаш, ама баш никогаш не се применува во трговијата во која се плаќа со државни пари, бидејќи во тој случај, провизијата би требало да се врати во буџетот односно кај сопственикот на парите, а тоа веќе не се нарекува провизија, туку попуст, во најмала рака. Ако веќе постојат и држави во кои државните службеници ја (зло)употребуваат својата позиција за земање провизија, тогаш тие држави се оценети како држави со висок степен на корупција, односно како коруптивни држави. Во меѓународните извештаи Македонија е некако така и оценета. Сега гледаме и зошто.

Провизија доаѓа од латинскиот збор provisio и е во значење на предвидување (pro+visio), но и на внимателност. Во случајот со наводната провизија за Сашо Мијалков, во македонскиот јазик постојат посоодветни зборови. На пример, мито. Мито е од старословенско потекло (myto) и по дефиниција значи: „пари или друг вид награда што се дава скришум, а наменета му е на оној кој е во можност да ја искористи својата положба и нешто да одлучи, да направи во полза на давателот, вообичаено надвор од законот и од етиката“. Или рушвет, што е тоа истото, само што во нашиот јазик овој збор влегол преку турскиот.

Слики: Christian Rex van Minnen

Слични содржини

Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења

ОкоБоли главаВицФото