Јавето на мртвите

06.04.2015 09:47
Јавето на мртвите

ДЕНОТ НА МРТВИТЕ

Влеговме кроце ко гости што зазор грло им суши.
Небаре редно е, потем, почна подземна врева
утешно да нè страши: во сокта на таа трева
ќе ни се сретнат вторно нашите сакани души.

Надвива плач на жена надгробна плоча што гуши:
о каква љубов во жалта — мртвиот чиниш се крева;
за сите блиски и дални наплив в очи ни влева,
тоа што од нас ги дели во нас кревко се руши.

Бел ден е на сите мртви. За сè што по нив следи
сега им се кажува гласно. Сакаме тој долг да вреди
кога местава нивни ќе бидат и места наши.

Задуша: пијачка, јасје. Се честат мртвите сласно.
Исплакани и сити нè влече животот страсно:
Тоа е ден кога смртта најмалку нас нè плаши.

Речник
кроце - полека, бавно, внимателно
надвива - победи, совлада, надвладее
јасје - јадење


ИДЕЊЕТО НА МРТВИТЕ

Претешко си му на оној сениште на кој му свраќа,
ни молитва му помага ниту темјанот што кади.
Во крвта своја се вари. И некој душа му вади:
наоѓа кому сè должел, не знае кому му плаќа.

Има и такви што назад сал добра мисла ги враќа.
Тогаш пепелта цвета, но цветот од страв чади.
Се ближат симит и вино, а жежок здив те смади,
си давал кога си немал — од оној свет ти се праќа.

Ги има со болка земна што и на тој век им тежи,
а тоа што нив ги крева — тајна е што во нас лежи;
и смртта им попуштила откога веќе ги зела.

Ни идат в никоја доба тие побунети жртви,
што не ни можеле живи, еве ги, ни можат мртви:
и само така се топат нивните бигорни тела.


МАЧЕЊЕТО НА МРТВИТЕ

Ним не им ја дели смртта душата од плотта мека —
така се одева таму по гревот кајшто се лачи.
И нигде ѕирка што надеж за избав ним ќе им зрачи;
во нови маки се множи она по кое се пека.

Едни што газат по пуза — се ладат во врела река;
оној што испуштил бреме — под камен мелничен јачи;
некого чакали кинат, некого ѓавол го мачи —
колточат безумно очи небаре пак смрт ги чека.

Продолжи ти така редум, оди од мака до мака
и гледај додека можеш, стравот дури ти сака,
а потем в усама најди дамарот зошто ти бие.

Не прашај кој се вратил за сево ова да каже;
тој што ги сликал на ѕидот, ги сликал без да се лаже:
ним господ и да им простил не сме им простиле ние.

Речник
се одева - се трпи, се поднесуваат последици
ѕирка - зрак
пуза - жешка пепел измешана со жарчиња
колточат очи - ококоруваат, испакнуваат...
усама - осаменост


ПОВИКОТ ДО МРТВИТЕ

Му удрија свита близна на времето право в очи
и рика грозно мракот во кој светот се фрли;
ништи до што ќе стигне, не дели чисти од врли,
таква е крајната казна за таков краен злочин.

Урвокос на сите страни. Наслепо силум ја сочи
времето смртта трома. И веќе кругот брлив
умрени меша со живи. Реа на живот трлив.
Блазе на тие што нашле место за вечен почин.

Како од едно грло милетот молежно крика
(но му се враќа назад подбивно истата вика):
Станете вие, мртви, да влеземе ние — живи.

Земјата не прима внатре: надвор ќе се реши.
Минат низ иглени уши светот пак ќе се теши
со нови подмолни лаги на тие што беа криви.

Речник
свита близна - вжарен врв
врл - лош, поган, лут, завидлив
урвокос - пакост, зло
сочи - (по)кажува, насочува
трлав - гнил
милет - народ

Од книгата „Постела од трње“; циклус „Јавете на мртвите“, 1970
Слики: Christer Karlstad

Петар Т. Бошковски, поет, романсиер, есеист, критичар, драмски автор, преведувач, антологичар. Роден е во с. Острилци, Крушевско, на 9 јануари 1936 година. Почина во Скопје, во 2006 година. Студирал право. Работел како новинар и уредник на Македонското радио. Бил претседател на Советот на „Рациновите средби“ и на СВП. Долгогодишен уредник и одговорен уредник на списанието „Разгледи“. Член на Македонскиот ПЕН центар. Член на ДПМ од 1963 година.
Автор е на книгите: Суводолица (поезија, 1962), Постела од трње (поезија, 1970), Огледи и критики (1978), Небесен камен (поезија, 1985), Критички одзиви (критики, 1986), Бел ветер (поезија, 1991), Прелеста на проѕирноста (критики, 1993), Вториот источен грев (поезија, 1994), Александар на исток (тв драма, 1994), Црниот бик (роман, 1995), Никаде место (роман, 1996), Лилјаци (роман, 1998). Составувач на антологиите Македонскиот роман (1972, коавтор) и Македонски раскази (1974). Објавил избор од неговото творештво во четири тома.
Добитник на наградите: „Браќа Миладиниовци“, „13 Ноември“, Македонска книжевна фондација, „Книжевно жезло“, „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Григор Прличев“.


Димитар Башевски: Петар Т. Бошковски не ми беше мене само колега, туку ми беше и близок пријател, еден од најблиските мои пријатели. Затоа сакам најпрвин да кажам, за него како за пријател и како за човек. Тој беше еден од најстамените луѓе што ги познавам, човек со високи морални вредности, што ги поседуваше самиот и ги очекуваше од другите. Зад него остануваат само доблести: висока чесност, широка душа и големо книжевно дело. Ако нешто човек би сакал да поседува во еден живот, тоа се оние доблести што ги поседуваше Перо. Неговата поезија, проза, критика и есеистика, ќе останат меѓу највредното што го има македонската литература. Ќе останат како пример за еден голем талент неговите сонети од „Постела од трње" и песните од другите книги, а ќе останат и како пример за еден извореден аналитичен дух, неговите есеи за одделни автори и жанри. Ретко кој ќе може да ги достигне неговите препеви. До последниот час од животот, тој работеше на препевот на сонетите од Петрарка и ги остави готови со обемен предговор и белешки.

ОкоБоли главаВицФото