Двата „турски мандати“ на ВМРО-ДПМНЕ

07.04.2015 00:17
Двата „турски мандати“ на ВМРО-ДПМНЕ

„Кога еднаш ќе ја добиеме власта, тогаш, Бог да ми е на помош, никому нема да дозволиме да ни ја земе!“. Вака јавно се заколнал, во еден од многуте свои запењавени говори, Адолф Хитлер во изборната 1932 година. Човекот бил искрен и доследен, зашто кога година дена подоцна се здобил со власт (на последните демократски избори во Германија до нeјзиното уништување и безусловна капитулација во 1945), првото што го направил било да ја укине демократијата и сите институционални можности да биде сменет од власта. Впрочем, неговите визии за илјадагодишниот Трет Рајх не би биле сериозна предизборна понуда, доколку неговата реализација зависеше од некакви четиригодишни мандати, кои, згора, би морало да се освојуваат во сосем неизвесни и непредвидливи демократски натпревари. Колку траеше Хитлеровиот илјадагодишен мандат знаеме сите, но читајќи ги овие негови зборови што ја навестуваа најголемата артефициелна несреќа во историјата, се потсетив на зборовите на мнозина егзалтирани вмровци во дамнешната 98-ма година, кога ВМРО-ДПМНЕ на чело со Љубчо Георгиевски ја освои власта во библиската земја. Ни се смееја нам – на губитниците, со нездраво голема доза на злорадост: „Ќе владееме два „турски мандати“! Колку и да беше шеговита и несериозна заканата за двата „турски мандати“ (ако Османлиите владееле во Македонија од 1392 до 1912 година, тогаш еден „турски мандат“ ќе да трае цели 520 години!), јасно е дека длабоко недемократскиот сон за несменливото и неограничено илјадагодишно владеење бил и Хитлеровата и вмровската генетска детерминанта.

Вмровската приказна за неограниченото илјадагодишно владеење со Македонија и Македонците, деновиве е особено актуелна во вознемирената престолничка чаршија, а и во целата „органска држава“ Македоња, зашто единственото прашање што го пелтечат жителите на библиската земја е кога и како Груевски „ќе се тргне“ од власта? Прашањето добива софистички димензии – небаре се работи за некоја од нерешливите Зенонови апории од пред два и пол милениума, зашто токму Груевски во потполност ги беше укинал – како и Хитлер - сите системски и институционални претпоставки со кои би можело да биде сменет од власта. Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ од Македонија направија држава која е институционално и политички во потполност аналогна со нацистичка Германија. Всушност, патријархалната структура на едно затворено тоталитарно општество, какво што е денес македонското, на една во својата суштина племенска партија-држава, е современата провинциска изведба на оригиналниот урнек за фашистичките тоталитаризми од 20 век. Македонија под власта на Груевски стана токму тоа: ако го наречеме фашизам, имаме голем збор за мала, самодеструктивна провинциска гротеска. Ако го наречеме груевизам, имаме реципрочен проблем: употребуваме мало име за голема општествена несреќа. Како и да е, фактот што јавноста се плетка во мистифицираниот проблем за институционалната смена на Груевски, што тој претходно институционално ја направи невозможна, зашто ги окупира, партизира и мафијализира институциите на државата; самиот факт што институционалната смена на Груевски изгледа невозможна исто како што и Ахилеј – во Зеноновата апорија – не може да ја стаса желката, укажува на најсуштинската суштина на деспотијата и тоталитаризмот – нивната институционална несменливост!

Ако ја анализира човек нашата ситуација со ладен и бистар мозок, ќе дојде до апсурдни сознанија за самиот себе и за своите блиски. Елем, со нас владее еден нелегален режим, што нелегално се дограбил до власта и нелегално се одржува на власт, за да врши незапаметен грабеж на граѓаните на Македонија и отуѓување и девастирање на природните и културните национални богатства. Но, како се одржува во стабилен мир и спокој овој злосторнички режим? Со неограничената граѓанска толеранција на жителите на библиската земја, жртвите на културното силување и на економското поробување! Само нашата толеранција го одржува овој криминален режим на власт, ништо друго. Апсурдот се состои во тоа што во услови кога власта и институциите на државата се криминални во својата суштина и извршуваат криминални цели, законитоста како концепт и почитувањето на институциите како идеја и пракса се одржува само во умовите на питомите македонски жртви, во нашето неограничено и бесконечно толерирање на насилството што се врши врз самите нас.

Големиот Карл Попер, филозофот на „отвореното општество“, сменливоста на власта ја смета за својство што ја дефинира демократијата. Тој пишува дека „можете да изберете кои сакате имиња за двата (клучни и спротивставени) вида на власт. Видот на владеење што може да се смени без насилство, јас лично би го нарекол „демократија“, а спротивното „тиранија“.“ Попер го има дефинирано, со прецизност на генијален логичар, и излезот од ситуацијата како нашата, кога со земјата владее тоталитарна тиранија што не може да се смени без насилство. Ова решение Попер го нарече „парадокс на толеранцијата“. Парадоксот гласи: „Неограничената толеранција мора да води кон исчезнувањето на толеранцијата. Ако ја рашириме толеранцијата и на оние што се нетолерантни (тирани, деспоти, диктатори и криминалци), ако не сме подготвени да го браниме толерантното општество од агресијата на нетолерантните, тогаш толерантните ќе бидат уништени, а и толеранцијата со нив. (...) Затоа, во името на толеранцијата, мораме да инсистираме на правото да не ги толерираме нетолерантните.“

Попер нуди јасно и едноставно решение за измачувачката апорија за ненасилната институционална смена на криминалниот режим на Груевски. Власта која ги укинала демократските институции за нејзиното ненасилно сменување, треба да се смени насилно. Зашто, во името на толеранцијата и благосостојбата на добрите, на оние што сакаат да владеат два „турски мандати“ не треба да им се дозволи никогаш да ѝ се доближат на власта. Тие, според теоретичарот на отвореното толерантно општество и неговите непријатели, треба да се третираат како опасни криминалци од коишто отвореното општество мора да се заштити со сите средства.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото