Надвор од реалното време

24.02.2010 13:29
Minas_korica_2.jpg

интервју со Минас Бакалчев, архитект

Постои една приказна дека вие и Митко Хаџи-Пуља сте интервенирале во заштитата од пропаѓање на макетата на Скопје, правена според урбанистичкиот план на Кензо Танге... Каде се сега тие макети?

- Макетите од проектот за централното градско подрачје на Скопје во историска и уметничка смисла се значаен документ за историјата на планирањето на градот. Цела генерација архитекти беа фасцинирани од виртуозноста на прикажаните просторни концепти. Макетатите од поединечните урбанистичко архитектонските композиции на клучните елементи од овој проект се во Музејот на град Скопје. Не ми е познато каде е интегралната макета. Во секој случај тоа е вреден материјал што треба да биде повод за формирање на Архитектонски центар на Скопје, кој, се надевам, ќе ја објаснува и изложува архитектурата независно од политичките поларизации во општеството.

Се исплаќа ли воопшто да се чуваат овие макети, зашто и до сега перманентно се отстапуваше од овој урбанистички план? Сепак, се чини дека сега со проектот „Скопје 2014“ е направена сериозна ревизија, барем за делот на скопскиот плоштад.

- Културата е негување на сопствените вредности. Макетите не се само документи на едно време, туку и пример за методата на обнова на еден град. Она што денеска недостасува е методичноста на размислувањето за градот, а со тоа и начините на репрезентација на архитектонската идеја. Парадоксално е дека недостасуваат елементарните нивоа и сукцесивни чекори на архитектонска репрезентација во проектот „Скопје 2014“. Што се однесува за ревизијата на проектот на К.Танге, таа е веќе претходно промовирана со проектот за Малиот ринг од деведесетите години од минатот век, но она што го прави проект „Скопје 2014“ посебен, тоа е екстремноста во анти-модерниот просторен исказ.

Парите за изведба на овој проект („Скопје 2014“) очигледно не се проблем. По 1963 година, урбанистичкиот план на Скопје се правеше преку меѓународни конкурси, со учество на светската архитектонска елита. Во овој контекст, сметате ли дека процедурата е запазена и дека целиот проект доволно транспарентно се спроведува? Како ви се чини начинот на кој е направен планот за скопскиот плоштад?

- Планирањето за послеземјотресната реконструкција на градот е парадигма за обнова на еден град. Скопје е град на солидарноста, за планирањето на неговата урбана обнова е употребен посебен фонд при Обединетите нации. За централното подрачје на градот е распишан повикан меѓународен конкурс. На него учествуваат осум архитектонски фирми од Скопје, Белград, Загреб, Љубљана, Рим, Ротердам, Њујорк, Токио. Резултатот се осум верзии на просторниот концепт на Скопје, осум модели на централното подрачје. На база на избраниот проект на К.Танге се прави деветтиот проект. Последната фаза е изработка на урбанистичко-архитектонските целини на клучните теми на планот во мерило 1:500 и макети на тие фрагменти на планот во мерило 1:500 (оние кои се во депоата на Музејот на град Скопје). Фасцинантно! Прво се планира, потоа се гради. Ако го споредиме последователните чекори на проектната постапка на Скопје 1966 и Скопје 2014, Скопје 2014 изгледа ретрогардно. Ние гледаме синтетичка слика како “видео игра” отпосле, кога поединечни елементи се веќе во градба. Во таа смисла овој предлог е како резиме на низа паралелни инциденти и во него нема проектирано системско мислење што е предуслов кога се мисли за еден град. Не се работи само за процедурално прашање, туку за недостиг на суштествени чекори во проектот. Прво интегрално да се замисли, а потоа да се разработи.

Според сите енциклопедии што успеав да ги разгледам, подготвувајќи го овој текст, поимот плоштад се дефинира како „отворен простор“. Ќе имаме ли ние плоштад и по 2014 година, ако се реализира оваа идеја.

- Плоштадот е отворен простор, но отворен простор кој е просторно дефиниран. Како и во случајот на секоја просторен тип, потребен е хоризонтален, но и вертикален план. На пример за дефинирање на една соба, потребна е површина, но и ѕидови што ја дефинираат таа соба. Така и во случајот на плоштадот потребен е вертикален план за да се создаде чувство на затвореност и одреденост на отворениот простор кој го наведувате. Меѓутоа прашањето за количината и видот на затворањето е отворено. Не е нужно секогаш да бидат артифициелни структури, зграда... Често и природните агрегати во градовите ја имат истата функција. Особено со постепеното згуснување на околината на плоштадот во Скопје зелената површина на западниот агол на плоштадот станува многу важен биоклиматски ресурс на целото ова подрачје и можеби повреден факт од било која градба. Секој оној кој во летниот период минува или застанува во таа зона може да ја почувствува таа благодет. Прашањето за отворениот простор станува навистина критично со планираната колонизација од скулптурите на плоштадот. Ако се има предвид ова количество елементи во него, крајниот ефект на овој проект е своевидна агорафобичност (страв од празен простор).

Кој е контекстот на Трговскиот центар во Скопје и Триумфалната капија што се планира да биде изградена пред него. Вашиот колега Вангел Божиновски вели дека стилското мешање во современата архитектура не е проблем. Проблем ли е?

- Токму Скопје 2014 е доказ за спротивното! Во него хипохондрично се избегнува секакво претпоставено стилско мешање. Како град на „надлуѓе“, на идеални „над-згради“ од кои се тргнати сите сомнителни или „дегенерирани“ стилски формации. Како инаку да се разбере облекувањето на постојните згради со нова историска облека? Или формирање линија на левиот брег од историски „сувенири“ кои директно го негираат сложениот просторен концепт на културниот центар (Македонската опера и балет)? Во овој план реалното време е избришано со бришењето на реалните траги на различните просторни концепти и изрази.

Очигледно е дека прашањето на плоштадот стана горливо политичко прашање. Колкава е улогата, или одговорноста на архитектонскиот еснаф околу ова што ни се случува?

- Одговорноста е секогаш лична. Но, ова прашање ја отвора темата на перцепцијата и употребата на архитектурата во општеството, односно станува евидентна маргиналната положба на архитектура, како една пасивна позадина. Токму крајноста како долготрајната индиферентност кон архитектурата и неразбирањето на културно-социјалниот и економски потенцијал ја има за последица другата крајност - хиперактивноста и физичката конгестија во еден мал просторен отсечок на градот.

И, на крајот: не само како архитект, туку и како граѓанин на Скопје, па и на Македонија, ви се допаѓа ли вам решението „Скопје 2014“?

- Во 1914 е датиран првиот генерален регулационен план на Скопје, потпишан од Димитрије Т. Леко. Со него започнува процесот на модернизација на градот во XX век. Несомнено тој план има клучно влијание за европеизацијата на градот и воспоставувањето на одредени просторни теми по принципите на уметничко обликување на градот на Камило Зите. Но, тој ја отпочнува серијата планови во кои постојното се гледа како една празнина, табула раса. Се надевав дека XXI век ќе биде век на препознавање и поврзување на различните фрагменти на градот. Но, „Скопје 2014“, еден век по првиот регулационен план на Скопје, ја повторува истата матрица, како град кој почнува од ново, град издвоен од време и простор. Категоријата на допаѓање ми се чини не е доволна како критериум за проект на еден град. Затоа што не се работи за предмет, ниту за презентација која трае десет минути. Се работи за просторна организација која долго време ќе го детерминира животот на граѓаните во него.

МИНАС БАКАЛЧЕВ - БИОГРАФИЈА
Роден во Скопје, МК, 1956
Дипломирал на Архитектонскиот факултет, Универзитет Свети Кирил и Методиј, 1981
Постдипломски студии на Архитектонскиот факултет, Универзитет во Београд, 1991
Докторирал на Архитектонскиот факултет, Универзитет Свети Кирил и Методиј, 2004
Академска титула: д-р професор на Архитектонско проектирање, Архитектонскиот факултет, Универзитет Свети Кирил и Методиј, Скопје

награди:
2009 прва награда на архитектонски конкурс, Македонски Народен Театар, Скопје
2008 голема награда за архитектура на град скопје (архитектонска реализација), Македонско-Италјански едукативен центар, Универзитет Свети Кирил и Методиј, - Скопје, АСК ,Архитектура Скопје (заедно со М.Хаџи Пуља)
2007 втора награда на архитектонски конкурс, Музеј на Архитектонската борба, Скопје ( заедно со М.Хаџи Пуља)
2006 mentioned proekt, Град на Можни светови (City of Possible Worlds), 10 Интернационална Архитектонска изложба, Венециско Биенале, Куратор на Македонскиот Павиљон (заедно со М.Хаџи Пуља и В.П.Коробар)
2005 специјална награда за архитектонски проект, семејна куќа, Орешани, Скопје, - БИМАС 2006 ,Биенале на Македонска архитектура ( заедно со М.Хаџи Пуља)
2000 прва награда за архитектонска реализација, Станбено-деловен објект, Скопје, БИМАС 2000,Биенале на Македонска архитектура ( заедно со М.Хаџи Пуља)
2000 прва награда за архитектонска реализација, Станбено-деловен објект, Скопје - АСК ,Архитектура Скопје (заедно со М.Хаџи Пуља)
1999 прва награда за архитектонски проект, Пешачки мост на река Вардар, Скопје - АСК,Архитектура Скопје (заедно со М.Хаџи Пуља)

изложби:
2008 BRAVE NEW WORLD, IFA Institut fur Auslandsbeziehungen, Berlin, proect, brave
new world Imprints - Towards the Face (заедно со М.Хаџи Пуља)
2007 House in Transition / Habitat at Ypenburg, Den Hague, The Netherlands, project, The blinded House 7x11 (заедно со М.Хаџи Пуља, С.Тасиќ, Д.Папастеревски)
2006 City of Possible Worlds, 10 International Architecture Exsibition, La Biennale di Venezia (заедно со М.Хаџи Пуља и В.П.Коробар)
2004 Metamorphosis From Hyper Solid to Invers Perspective, 9 International Architecture Exibition, La Biennale di Venezia (заедно со М.Хаџи Пуља)

пренесено од „Глобус“, 16.02.10.

Слики: Joseba Elorza

Да се врати планот на Кензо

Да се врати планот на Кензо Танге во игра!!! Импровизираното од таму да се коригира, нереализираното да се реализира и да се продолжи со логичка доградба и развој на градот. Да се лустрираат сите своевремени опструктори на тој план.
Сите недокажани архитекти да заборават на Скопје како простор за вежбање и стекнување инстант кариера и пари.Тоа кај нив во бафча нека ставаат “лабудови, лавови“ и “гипсани радови“ што вели песмицата со која ги поздравувам: http://www.youtube.com/watch?v=qnPZy3vHmsA
А да, и едно линкче за оние што не виделе како Кензо го замислил Скопје: http://www.ktaweb.com/works/en_scopje.html

Интервенцијата за "cпаcување"

Интервенцијата за "cпаcување" на макетата на К.Танге ја направи архитектот Иван Мирковcки,кога иcтражуваше по депоата и подрумитена музеите,за потребите на неговата магиcтерcка работа "Име без град" , поcветена на Cкопје, а ја работеше под менторcтво на неговиот профеcор од Виена Еrich Right

Слични содржини

Општество / Јавни простори
Општество / Јавни простори
Општество / Јавни простори
Општество / Јавни простори
Општество / Јавни простори / Теорија
Општество / Активизам / Култура
Општество / Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото