Голем срам за тебе, МАНУ!

07.04.2015 00:46
Голем срам за тебе, МАНУ!

1.

Неколку дена се обидувам да не мислам на тоа, да одбијам на глупост, да ги гледам „сонцето и денот“ (како што ми порачува еден ФБ пријател), да не мислам на тие одамна неважни за нас персони… ама пусто – не може. Не можам да ги извадам од памет нивниот безобразлук и накарадната леснотија со којашто гледаат на сè наоколу, не можам да не се нервирам на нивната навистина безгранична глупост, улежаност во бенефициите и сервилност, дури и на нивни години! Ако изреагирав веднаш, пред два-три дена, од мене ќе излезеа пцовки и многу (по)грди зборови, иако токму тие можеби ќе беа најсоодветни за нив. Ќе го прегорев и компјутеров од нервоза! Едно време се понадедав дека некој, барем некој од таканареченото Одделение за уметност ќе стане и јавно ќе проговори за срамот, ќе се осмели да приговори во името на сите. Пуста надеж!

И тогаш, како човек да се изрази, што да каже за онаа импотентна тирада на „големиот“ ни естетичар Старделов во МАНУ, а по повод смртта на големиот македонски скулптор Петар Хаџи Бошков? Зарем толкав е степенот на отуѓеност од реалноста на овие луѓе, на самобендисаност до болка, на навреди кон сè друго коешто не дреме заедно со нив во „највисоката“ ни институција од науката и уметноста?

Да кажеш дека „по скопските улици (? м.з.) нема ниту едно дело на Петар Хаџи Бошков…“, а само на 200 метри од МАНУ – пред НУБ Св. Климент Охридски – стои ремек делото „Климент Охридски“, а само уште на педесеттина метри понатаму и едно прекрасно спомен обележје од НОВ, па во Велес споменикот на Панко Брашнаров (од пред неколку години), е тоа е навистина врв на безобразлукот. За да, на крајот, (можеби и со поддигнат прст?) дотичниот егзалтирано воскликне: „Голем срам за тебе, Македонијо“!

2.

Не дека мислам дека тоа што сепак може да се види од Хаџи Бошков (и) „по скопските улици“ е доволно или некакво алиби, за кој и да е. Ама сега, ние of all people да сме тие кои треба да се срамиме, ние да сме тие кои не му дозволивме на Хаџи Бошков почесто да го изнедрува неговото мајсторство токму „по скопските улици“, ние да сме биле тие кои молчеле лице в лице со злосторството наречено „Скопје 2014“ коешто ништеше сè што е модерна, современа уметничка мисла?! А Старделов и компанија, сите оние белоглави заспанковци во т.н. Одделение за уметност на МАНУ, па и целата МАНУ, е тие да ти биле, и се, борците за македонската уметност, за Хаџи Бошков како нивен повеќегодишен член, за достоинството и на други повозрасни македонски уметници? И тие (ај да не кажам што) секој ден го креваа гласот во заштита на македонските културни и уметнички вредности, ама ние не сакавме да ги слушаме и поддржиме, ние сме тие виновниците кои не му дозволија на Хаџи Бошков, и редица други реномирани македонски скулптори, да остават повеќе „траги“ на македонската уметничка почва, па и во Скопје? Каков безобразлук, каква монструозна манипулација со сопствената вина!

Па овој човек беше претседател на МАНУ 2008-2011, пред него имаше уште еден претседател – гооолем „познавач“ на уметноста (Цветан Грозданов, 2004-2007), сега во претседателството им седи уште еден од т.н. Одделението за уметност (Влада Урошевиќ), и повторно – виновна е Македонија, виновни сме сите ние за нивната поспаност, за нивната незаинтересираност за ништо освен за сопствениот џеб, за нивниот страв од сериозни творци од профилот токму на еден Петар Хаџи Бошков. Зошто, инаку, Хаџи Бошков беше „почестен“ само со почесно членство во МАНУ, нешто како љубов на далеку, како не многу сакан гостин кој и не мора да се појавува во институцијата? Зошто само Хаџи Бошков е единствениот македонски почесен член? (Знам, некој „мудрец“ ќе рече дека и Тито и Кардељ биле само почесни членови, па и Коле Чашуле. Точно, и токму тоа ми е поентата!).

Што, по ѓаволите, направи таа МАНУ за Петар Хаџи Бошков за да може „естетичарон“ така да ни плеска навреди во лице; што по ѓаволите направија и тој и сите тие излапени старци за Хаџи Бошков дури и кога тој стана нивен почесен член; што по ѓаволите направија сите тие бенефицирани до зла бога старци за македонската уметност во изминативе десетина години (да не одиме подалеку) за да сега така безобразно „пцујат“ по нас?

Ако некој навистина треба да се засрами, тогаш тоа е токму таа институција, токму тие луѓе таму, токму тој кој безочно се нафрла врз сите други и вели „држ’те ги крадците“!

3.

За Петар Хаџи Бошков може да говори и пишува само некој кој навистина го познава(л) и човекот и делото, на чесен начин, без професионална / интелектуална завист и задршка. За Перо сум пишувал многу, и заеднички сме подготвиле прилично проекти. И немам сомневања дека, од денешна перспектива, целокупното творештво на Петар Хаџи Бошков – подразбирајќи ги тука неговата скулптура, пред сè, но и монументаланата уметност и графиката – претставува драгоцено македонско уметничко наследство.

Неговата скулптура безмалу веднаш по дипломирањето на Академијата за ликовни уметности во Љубљана во 1953 година и почетните постакадемски реалистички варијации, ја започнува потрагата по нови изразни можности, надвор од веќе застарените норми на социјалистичкиот реализам. Тоа е патот на првичните редукции на деталите, стилизирањето и сведувањето на формата. Во тогашните глави видливи се влијанија од, на пример, Арп и Мур, кои Хаџи Бошков понатаму ги доразвива низ настојчиви упростувања и редукции во правецот на посегање по најелементарната форма. Овие пластични истражувања на Хаџи Бошков понатаму добиваат префикс на радикален пресврт во третманот на формата во Македонија што ќе биде прифатено и кај повеќемина други македонски скулптори во тоа време.

Многу бргу вниманието на уметникот ќе се заврти кон слични истражувања, овој пат во метал, но и со различна логика. Од крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите години на минатиот век, по специјализацијата во Лондон, скулптурата на Хаџи Бошков експериментира во асоцијативната и полуфигуративната насока. Повторно се јавуваат главите или нивните асоцијации, но овој пат со пластични акценти, отворена структура и засечени во метал партии. Очигледна е новата логика на надворешна форма и внатрешен „празен“ простор, односно решавањето на односите полно – празно. Некои од овие „глави“ се всушност само надворешна обвивка – налик на антички шлемови или маски, некогаш со декоративни решенија налик на коса. Сепак, главниот акцент во овие скулптури е на односите: полно – празно, надвор – внатре, светло-темно … Ваквите истражувања на Хаџи Бошков безмалу во целост се сообразени со во тоа време актуелната естетика на енформелот.

Тоа особено е видливо во подоцнежните големи метални структури – асамблажи од заварени метални парчиња со различни димензии и форми. Иако во старт асоцијативни и органски според концептот, овие структури се обидуваат целосно да ја напуштат антропоморфната традиција. Во овие дела уметникот заварувајќи составува, мрежесто спојува, филигрански „гради“ структури потенцирајќи ја нивната експресивна разиграна фактура. Овие дела се силни, кохерентни и најчесто темни, црни, повторно во духот на енформелот. Во овој контекст, и во сличен манир, се вклопува и циклусот дела посветен на скопскиот земјотрес во 1963 година, во кои што се отсликува целата вознемиреност и трагичност од катаклизмичкиот настан.

4.

Студискиот престој во САД во 1965/66 година и контактите со новите постенформелни и постапстрактни тенденции во скулптурата донесе видливи трансформации и во творештвото на Хаџи Бошков во насоката на минимал артот, примарните структури и слично. Со други зборови, како да настапува ново „прочистување“ во разбирањето и третирањето на формата – со нагласена линеарност и брановидна ритмика, каскадно динамизирање и барање на односите форма / простор. Малку подоцна неговите скулптури од оваа фаза наречена „скулптура на остри рабови“ постапно „растат“, се извишуваат во просторот како космичко динамички контури, монументализирани стегнати форми вертикално устремени. Овие вертикални извишувања повторно ќе се појават во малку поинаков контекст во средината на седумдесеттите години како доминантно обележје на неговата скулптура во тој период. Потенцирајќи го ритамот како основна поента, овие дела на Хаџи Бошков претставуваат вистинска „апотеоза на движењето, на судирот, на симултаните набирања и ширења на формата“!

Овие извишувања, бранувања и немир во скулптурата на Хаџи Бошков во седумдесеттите години ќе се интензивираат, но сега со особен акцент повторно на човекот, на антропоморфното. Низ циклусот наречен Вертикали уметникот го варира човечкото тело, разбрано сосема асоцијативно, како симбол на постоењето, космичкото единство, сеприсутноста на битието и ритамот на менувањата. Понатамошните инвентивни комбинации на овие скулптури низ различните групирања и прегрупирања ќе ги акцентираат актуелните размисли на уметникот за местото на човекот во просторот односно општеството, неговото битисување како единка и/или колектив, взаемните комуникации и слично. Кон овие аспекти Хаџи Бошков повторно ќе се наврати во новиот милениум, во импозантниот циклус Човекот и комуникацијата.

5.

Колку што му се блиски и својствени истражувањата на антропоморфните аспекти на скулптурата, кај Хаџи Бошков подеднакво се битни и својствени и сосема апстрактните концепти, како оние во делата по неговото враќање од Америка во средината на шеесеттите години. Така, од средината на осумдесеттите и во деведесеттите години Хаџи Бошков ќе се концентрира на големи, монументални, амбиентални, неоминималистички структури и инсталации. Тоа се чисти монолитни архитектони, силни, стамени, безмалу ѕидови од метал, со некакви далечни култно-магиски референци. Асоцијациите на митското и обредното, на Стоунхенџ или Микена се силни и јасни. И во овие геометриски блокови, исправени или легнати, во одделни детали, ќе се повтори авторовата жед за ритам, за внесување немир во мирната целост, за раздвижување на структурите.

Оваа насоченост кон движењето – симболично или конкретно – Хаџи Бошков брилијантно ќе го развие кон средината на деведесеттите години во циклусот Мир и немир. Следејќи го повеќенасочниот ритам на линијата, уметникот, низ метални брановидни ленти, ќе формира легнати или висечки инсталации, во кои што енергијата ќе ја витка линијата, ќе ја врзува или одврзува, ќе ја гмечи… ќе ја извишува или легнува… во вистински рапсодии на тензично движење. Металните бранови се мобилни и компонибилни, тактилни и звучни, а едновремено добиваат различен колорит во зависност од употребениот материјал. Врв на овој циклус претставува изложбата на Хаџи Бошков во Лондон, во угледниот Економист, во 1997 година.

6.

Од 1999 година наваму творечкиот интерес на Хаџи Бошков повторно се навраќа кон човекот, кон антропоморфната форма. Тогаш, имено, уметникот го започнува новиот циклус Човекот и комуникацијата, којшто како да се наметнува како заклучок, како резиме на сите негови дотогашни истражувања на формата и просторот, човекот, енергиите и слично. Некогашните вертикали сега се трансформирани во десетици, стотици анонимни човечки фигуринки, во најразлични односи меѓу себе. Налик на древните кинески глинени војници, низ клонирана експанзија овие безлични луѓе-фигури неконтролирано го окупират просторот, а нивната многузначна телесна гестикулација упатува на некаква процесија, на жива толпа, со чудна знаковна комуникација. Концептот овозможува различни наративи, мобилност и просторно ширење односно бескрајно „размножување“ на единките во некаков чуден, паралелен свет „од другата страна на животот“. Фактот дека овој метафизички строј на полу-луѓе е неконтролирано „размножлив“ по малку застрашува, особено заради сеприсутното чувство дека овие безполови полу-луѓе се осудени на „комуникација на глуви“, на вечно неразбирање на еден со друг. Впрочем, мислам дека таков карактер имала и „комуникацијата“ на Хаџи Бошков со нашава средина, особено со онакви типови како неговите „колеги“ во МАНУ!

Конечно, и без секакво сомнение, Петар Хаџи Бошков е најзначајниот македонски скулптор на дваесеттиот век, уметник чии творечки истражувања и авторски опус одбележаа цела една епоха во македонската скулптура. Неговото име и творештво, заедно со Јордан Грабул, се единствените вистински мајсторски репери во македонската скулптура.

7.

И што ли мисли „естетичарот“ Старделов и неговата братија МАНУ-овци: дека Хаџи Бошков ќе прифатеше да „се дружи“ со овој кич „по скопските улици“? Колку всушност малку го познавал, колку тој всушност, воопшто, малку знае!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Скулптури на сликите: Петар Хаџи Бошков

ОкоБоли главаВицФото