Поуки за функционални велосипедски патеки од Карлсруе, Германија

07.04.2015 08:12
Поуки за функционални велосипедски патеки од Карлсруе, Германија

Инспириран од градот во кој живее, Карлсруе, Германија, Александар Иванов, ни испрати фотографии од велосипедските патеки со негов коментар. Ги проследуваме и се надеваме дека Скопје ќе примени некои од искуствата.

Фотографија 1 и 2: ниски рабници, без ударни препреки. Овде е битно да се каже дека тротоарот и улицата се слеани. Кај нас (се мисли на Скопје, н.з.) сè уште се користи еден елемент за да се надмине голема висина.

Фотографија 3 и 4: на патеките нема знаци, столбови, корпи за отпадоци и слично. Најчесто се на средина помеѓу пешачката и велосипедската зона, но ако веќе мора да биде на една страна, тогаш е на страна на пешаците (но ова решение е доста ретко). Патем кажано, столбовите и знаците се обележани со црвено-бели ленти.

Фотографија 5 и 6: семафори за велосипеди. Велосипедите не смеат да поминуват преку пешачки семафори на кои нема означено велосипедски знак. Во тој случај преминувањето на раскрсницата е решено како на фотографијата 6.


Фотографија 7: велосипедот најчесто има предност кога вкрстува со споредни улици а тоа е соодветно означено со испрекината бела линија.

Фотографија 8: оваа фотографија се однесува на квалитетот на површината но и ШИРИНАТА на велосипедските патеки. Ширината е многу битен момент зашто дава чуство на слободно движење и остава простор за маневар.

Како споредба, на фотографија 9 е даден дел од булеварот кој се наоѓа паралелно со патеката на фотографија 8. Може да се забележи дека велосипедската патека на моменти е дури и поширока од онаа за автомобилите иако се работи за булевар. Патем, на фотографираниот дел од булеварот е дозволено и паркирање на автомобили.

За крај го оставив вашиот коментар дека патеките треба да бидат со препреки одвоени од останатиот сообраќај. Со оваа констатација не се согласувам во целост. Јасно ми е дека во моментов нашата сообраќајна култура е на ниско ниво, но сепак мислам дека решението е во подигањето на сообраќајната култура место подигање на препреки. Како пример за интегрирани велосипедски патеки (поточно ленти, н.з.) се фотографиите 10, 11 и 12.

На последната фотографија 13 можеби и најдобро се гледа статусот кој велосипедот го има во сообраќајот. Се работи за решение за вртење на лево на семафор. Ова решение не е возможно ако велосипедот не се интегрира со улицата. Патем кажано, со овие решенија покрај другото се регулира и моторниот сообраќај, затоа што велосипедите по автоматизам значат и поголема будност на останатите учесници во сообраќајот.

Се надевам дека преку фотографиите успеав и сликовито да ги претставам вашите денешни барања за подобри патеки. Кога ќе имам време ќе направам и фотографии од централното градско подрачје. Решенија кои според мене треба да се применат и во Скопје. Се надевам дека на овој начин успевам да помогнам во заложбите за повелосипедско Скопје. Секое добро и срдечни поздрави!

Александар

Извор: natochak.blogspot.com