Во Пустец контра-референдум за промена на изгледот на ГТЦ

07.04.2015 08:48
Во Пустец контра-референдум за промена на изгледот на ГТЦ

Скопје, 7 април 2015

По најавениот референдум за зачувување на оригиналниот изглед на Градскиот трговски центар во Скопје, претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, откри дека при посетата на Пустец со тамошните жители било договорено организирање на контра-референдум за барокен изглед на овој објект.

„Идејата дојде сосема спонтано, додека разгледував две-три стракчиња киселец во една бавча. Помислив дека може да се организира тематска питијада со пити со киселец, кога одеднаш - оп! - ми текна на нашите верни гласачи од Пустец и нивните потреби во Општина Центар“, рече Иванов.

Тој објасни дека за идејата веќе разговарал и со премиерот Никола Груевски, кој иако бил многу зафатен со отворање нови работни места, реагирал прилично позитивно.

„И премиерот ја поддржа идејата за менување на ликот на ГТЦ, според визиите на Жарко Чаушевски. Имавме мало недоразбирање околу некои орнаменти со Хунза-мотиви, но тоа сега е надминато“, објаснува претседателот на Македонија.

Право на глас на контра-референдумот имаат сите жители на Пустец кои уредно ќе се пријават во штабовите на ДПМНЕ, без оглед на возраста и полот.

Иванов открива дека доколку опозицијата продолжи да објавува „бомби“ со истото темпо, најверојатно во барокниот ГТЦ ќе има и орнаменти изработени од златото што ќе се вади од Анска Река, од рудникот кој, кај и да е, ќе се отвори.

Инаку, ова не е прв архитектонски зафат што ги спојува ВМРО-ДПМНЕ и Пустец. Во април 2014 година, Никола Груевски ја доби првата награда на Биеналето за архитектура во Пустец за неговото дело „Невидливи катови“.