Пет тешкотии во пишувањето на вистината (1)

08.04.2015 09:51
Бертолд Брехт: Пет тешкотии во пишувањето на вистината (1)

Оној кој денес има намера да им се спротивстави на лагите и незнаењето и да пишува вистина, мора да надмине најмалку пет тешкотии. Мора да има храброст да ја пишува вистината, иако таа секаде се потиснува, ум да ја препознае, иако таа секаде се прикрива, умешност да ја направи употреблива како оружје, промисленост да ги избере оние во чии раце вистината станува делотворна, лукавство да ја прошири меѓу нив. За оние кои пишуваат во фашистички режим овие тешкотии се големи, но тие постојат и за сите оние кои се прогонети и избегани, па дури и за оние кои пишуваат во земји со граѓански слободи.

Храброст да се пишува вистината

Изгледа поздразбирливо дека писателот треба да ја пишува вистината така што нема да ја потиснува и нема да ја премолчува и дека нема да пишува ништо што е невистинито. Не смее да се витка пред моќниците, но не смее ни да ги измамува слабите. Се разбира дека е многу тешко да не се витка пред моќниците, како што и измамувањето на слабите може да биде многу удобно. Да не им се допаѓа на поседниците значи да се откаже од поседот. Да се работи без надомест под тие околности значи и да се откаже од работата, а да се одбие признание од страна на моќните често значи и да се откаже од признанија воопшто. За тоа е потребна храброст.

Времињата на најголемите репресии главно се времиња кога многу се зборува за големи и возвишени нешта. Потребна е храброст во такви околности да се зборува за нешто ситно и приземно, како што се храната, условите за живот и работа, опкружен со насилен крик да се зборува дека смислата на жртвувањето е главно прашање. Додека селаните се опсипуваат со почести, храбро е да се зборува за фабриките и евтините прехранбени суровини, што би го олеснило нивниот ценет труд. Кога сите медиуми се бучни за тоа дека човекот без знаење и образование е подобар од оној што знае, храбро е да се запраша, подобар за кого? Кога се зборува за чисти и нечисти раси, храбро е да се праша – зарем токму гладта и незнаењето и војната не се тие кои доведуваат до малформации? Исто така, храброста е потребна за да се изрече вистината за самиот себеси, за себе како победен. Многумина од поробените ја губат способноста да ги препознаат сопствените грешки. За нив, прогонството е најголема неправда. Прогонителите, затоа што ги прогонуваат, се носители на Злото, а оние, прогонуваните се прогонети заради Доброто кое го претставуваат. Но, ова Добро е нападнато, победено и онеспособено и, како и да е, било едно слабо Добро, едно лошо, неодржливо, недоверливо Добро, затоа што на Доброто не може да му се припише слабоста онака како што на дождот му се припишува влажноста.

Да се каже дека добрите не се победени затоа што биле добри, туку затоа што биле слаби – и за тоа е потребна храброст. Се разбира дека во борбата против невистината, вистината мора да се пишува и таа не смее да личи на нешто општо, возвишено, повеќезначно. Невистината е токму од овие општи, возвишени, повеќезначни видови. Кога за некого се вели дека кажал вистина, тоа значи дека неколкумина или многумина пред него, зборувале нешто друго, некоја лага или нешто општо, но дека токму тој ја кажал вистината, нешто практично, суштинско, неспорно, нешто за што станува збор.

Не е потребно многу храброст, во дел од светот каде тоа и понатаму е дозволено, за општо да се жали заради тоа што светот е лош и заради триумфот на простаклукот да се заканува на триумфот на духот. Таму настапуваат многумина, како во нив да се вперени топови, а не само театарски двогледи. И, ги извикуваат своите барања во еден свет преполн со пријатели и безопасни луѓе. Бараат една општа правда, за која самите никогаш ништо не направиле, и една општа слобода да им припадне дел од пленот кој и онака веќе долго се дели со нив. За вистина го сметаат само она што звучи убаво. Ако вистината е нешто што може да се брои, нешто суво, фактичко, нешто за чие пронаоѓање е неопходен труд и нешто што бара проучување – тогаш тоа за нив и не е вистина, значи ништо што ги доведува до занес. Тие го имаат само надворешното однесување на оние кои ја зборуваат вистината. Проблемот со нив е: тие не ја знаат вистината.

Ум да се препознае вистината

Бидејќи вистината се потиснува насекаде заради тоа што е тешко да се напише, во тоа – дали вистината се пишува или не – повеќето гледаат прашање на став. Се верува дека за тоа е потребна само храброст. А, се заборава на друга тешкотија, на пронаоѓање на вистината. Нема збор за тоа дека е лесно да се пронајде вистината.

Пред сè, веќе е тешко и да се одреди која вистина вреди да се изрече. Така, на пример, сега пред очите на целиот свет една по друга, најголемите цивилизирани држави тонат во крајно варварство. Со тоа секој знае дека оваа внатредржавна војна, водена со најсурови средства, секој ден се заканува дека ќе се претвори во меѓународна, која можеби ќе го остави нашиот дел од светот во рушевини. Тоа несомнено е една вистина, но се разбира дека има уште многу вистини. Така, на пример, не е невистинито дека столиците имаат седла и дека дождот паѓа одозгора надолу. Многу писатели пишуваат вакви вистини. Тие се како сликарите, кои со мртва природа ги прекриваат ѕидовите на бродовите што тонат. Нашата прва тешкотија не постои за нив, и тие, згора на сè, имаат и мирна совест. Непречени од страна на моќните, но и нечувствителни на плачот на злоставуваните, тие ги сликаат своите слики. Бесмисленоста на нивниот пристап во нив самите предизвикува еден „длабок“ песимизам, а кој го продаваат по добра цена и кој, имајќи ги предвид ваквото мајсторство и добрата продажба, му бил својствен за некој друг. Притоа, не е секогаш лесно да се препознае дека нивните вистини се оние за столиците и дождот, затоа што тие обично звучат сосема поинаку, токму онака како што звучат и вистините за важните нешта. Затоа што уметничкото обликување се состои токму во тоа на некое нешто да му се додели важност. Дури со внимателно набљудување може да се препознае дека тие само велат: столицата е столица и ништо не може да се „направи“ против тоа дождот да паѓа надолу. Овие луѓе не ја пронаоѓаат вистината која вреди да биде напишана. Други, повторно се занимаваат со најитни задачи, не се плашат ниту од моќниците ниту од сиромашните, но сепак, не можат да ја пронајдат вистината. На нив им недостасуваат знаења. Полни се со стари празноверија, познати и уште во предуверувањата кои се создале во стари времиња. За нив, светот е премногу заплеткан, тие не ги познаваат фактите и не ги согледуваат односите. Покрај ставот, неопходни и освоиви им се и знаењата и научните методи. Во ова време на заплетканост и големи промени, на писателите им е потребно познавање на материјалистичката дијалектика, економијата и историјата. Ако се вложи неопходниот труд, ова знаење може да се освои од книгите и преку практични упатства.

Многу вистини можат да се откријат и на поедноставен начин, поаѓајќи од делови од вистината или состојбите на нештата кои водат до вистината. Кога постои намера да се бара добро е да се има метод, но можно е да се пронаоѓа и без методи, па дури и кога не се бара. Но, на ваков случаен начин тешко се остварува такво претставување на вистината врз основа на кое луѓето би знаеле како дејствуваат. Луѓето кои бележат само неважни факти не се во состојба нештата од овој свет да ги направат употребливи. Но, вистината ја има само оваа цел и ниедна друга. Овие луѓе не му се дораснати на предизвикот да ја пишуваат вистината. Кога некој е подготвен да ја пишува вистината и е подготвен да ја препознае, му преостануваат уште три тешкотии.

Умешност вистината да се направи употреблива како оружје

Вистината мора да се каже заради последиците кои произлегуваат од неа и влијаат на однесувањето. Како пример за вистина која не може да има последици или има погрешни последици може да ни послужи широко распространетото сфаќање дека во одредени земји владејат лоши услови кои влечат корен од варварството. Според ова сфаќање фашизмот е бран варварство кој во одредени земји избувнал како природна непогода. Според ова сфаќање фашизмот е една нова, трета сила покрај (и над) капитализмот и социјализмот; без фашизмот можат да продолжат да постојат не само социјалистичкото движење, туку и капитализмот. Се разбира, тоа е едно фашистичко тврдење, капитулација пред фашизмот. Фашизмот е историска фаза во која стапил капитализмот, нешто што е ново колку и старо. Капитализмот во фашистичките земји егзистира само уште како фашизам и пресметката со фашизмот е можна само како пресметка со капитализмот, со најсоголениот, најсуровиот, најнеспорниот и најнечесниот капитализам.

Како некој сега да ја каже вистината за фашизмот, против кој истапува, а да не каже ништо против капитализмот од кој произлегува фашизмот? Како тогаш неговата вистина да се покаже како делотворна? Оние кои се против фашизмот, а не се против капитализмот, кои жалат заради варварството кое и потекнува од варварство, личат на луѓе кои сакаат парче телешко месо, но телето да не биде заклано. Тие сакаат да јадат телешко, а да не гледаат крв. Се задоволуваат ако месарот ги измие рацете пред да го изнесе местото на маса. Тие не се против сопственичките односи кои доведуваат до варварство, туку само против варварство. Тие го креваат својот глас против варварството и тоа го прават во земјите каде владејат истите сопственички односи, но каде месарите и понатаму ги мијат рацете пред да го изнесат месото.

Гласните обвинувања против варварските мерки можат да дејствуваат само кратко, имено, додека слушателите веруваат дека во нивните земји ваквите мерки не би можеле да дојдат предвид. Некои земји се во состојба своите сопственички односи да ги одржат со помалку насилни средства отколку други. Ним демократијата и понатаму им го овозможува она за што другите мораат да посегнат по насилството, имено, гаранција за власт над средствата за производство. Монополот над фабриките, рудниците, земјиштето секаде воспоставува варварски услови, само што овие се обично помалку видливи. Варварството станува видливо оној момент кога монополот мора да се штити со отворено насилство.

Некои од земјите во кои заради варварскиот монопол сè уште не е неопходно да се укинуваат формалните гаранции на правната држава, како ни таквите придобивки какви што се уметноста, филозофијата, книжевноста, повеќе ги слушаат гостите кои заради укинувањето на таквите придобивки ги обвинуваат своите земји, затоа што со тоа стекнуваат предност во војните кои се очекуваат. Дали може да се каже дека вистината ја препознале оние кои, на пример, гласно бараат беспоштедна борба против Германија „Затоа што таа е вистинска татковина на злото на нашето време, огранок на пеколот, престојувалиште на антихристи?“ Повеќе би можело да се каже дека луѓето што го зборуваат тоа се површни, беспомошни и штетни. Затоа што од овие бесмислици следи дека треба да се уништи Германија. Целата земја со сите нејзини луѓе, затоа што додека отровниот гас убива не ги бира само виновниците.

Лекомислениот човек, оној што не ја знае вистината, се изразува воопштено, заморно и неодреден. Тој озборува за „тие“ Германци, се жали заради „тоа“ зло, а слушателите во најдобар случај не знаат што да прават со тоа. Дали треба да одлучи да не биде Германец? Ако тој биде добар, дали ќе исчезне и пеколот? Од истиот овој вид е и говорот за варварството кое потекнува од варварство. Потоа, од варварството доаѓа варварство и завршува цивилизацијата до која се доаѓа со образование. Сето тоа е изразено сосема воопштено заради никакви делотворни последици и, во основа, за никого.

Таквите претставувања ги прикажуваат само малубројните членови на причинско последичната низа и издвојуваат одредени движечки сили како несовладливи. Таквите претставувања се преполни со магла и ги прикриваат токму оние сили кои ја подготвуваат катастрофата. Малку светлина, и веќе како причини за катастрофата се забележуваат луѓето. Бидејќи живееме во време во кое човек на човека му е судбина.

Фашизмот не е природна катастрофа на која би можело да ѝ се пристапи токму од човечката „природа“. Но, и кај самите природни катастрофи има претставувања кои се вредни за човекот, затоа што се апел на целата негова расположлива сила. По еден голем земјотрес кој ја уништи Јокохама, во многу американски списанија можеа да се видат фотографии кои прикажуваа едно поле со рушевини. Под тоа пишуваше „steel stood“ (челикот издржа) и навистина, ако некој на прв поглед ги видел само рушевините, можел, откако му било свртено вниманието со овие зборови, да види одредени високи градби како останале да стојат.

Меѓу сите можни прикази на еден земјотрес неспоредлива важност имаат токму оние од страна на градежните инженери, прикази кои го земаат предвид движењето на тлото, силата на ударот, ослободената топлина, затоа што на тој начин во иднина ќе прават конструкции што ќе им одолеат на земјотресите. Оној што сака да ги опише фашизмот и војната, тие големи неприродни катастрофи, мора да создаде една практична вистина. Мора да покаже дека овие катастрофи им се приредуваат на големи маси луѓе кои работат без сопствени средства за производство, а од страна на сопствениците на овие средства. Ако некој има намера успешно да ја пишува вистината за лошите состојби, мора да пишува така што ќе можат да се препознаат нивните предупредувачки причини. А ако се препознаат предупредувачките причини, можно е и да се пресметаме со овие лоши состојби.

Промисленост да се изберат оние во чии раце вистината станува делотворна

Низ повеќевековната практика на трговијата напишана на пазарот на мислењата и соопштенијата, со тоа што е ослободен од грижата за она што го напишал, писателот стекнал впечаток дека неговиот клиент или нарачател, посредник, понатаму на сите им го испорачува напишаното. Мислел: јас зборувам, а оние што сакаат да ме слушнат, ќе ме слушнат. Во реалноста, тој зборувал, а оние што можеле да го платат, го слушнале. Она што го зборувал не го слушнале сите, а оние што го слушнале – не сакале да слушнат сè. За тоа е кажано многу, иако можеби сè уште премалку; само сакам да истакнам дека да се „пишува некому“ се претвори во да се „пишува“.

Всушност, вистината не може само да се пишува; за да може да се започне нешто со неа, таа постојано мора да се пишува некому. Препознавањето на вистината е заеднички процес и за писателите и за читателите. За некој да каже нешто добро, мора добро да слуша и да го сослуша она што е добро. Вистината мора да биде кажана промислено и да се сослуша промислено. За нас писателите е важно кому ја зборуваме и кој ни ја зборува. Вистината за лошата состојба мораме да им ја кажеме на оние кои се во најлоша состојба, а тоа мораме да го искусиме од нив самите. Мораат да се адресираат не само луѓе со одреден став, туку и луѓе на кои овој став воедно им претставува и причина за нивната положба. И ќе имате сè повеќе и повеќе слушатели!

Дури и на џелатите може да им се обрати ако веќе не добиваат надомест за бесење или ако условите за работа им станале опасни. Баварските селани не биле за никаков преврат, но кога војната потрајала доволно долго и кога синовите се вратиле во домовите не наоѓајќи ги веќе своите места на имотите, лесно било да се придобијат за преврат. За писателите е важно да го погодат тонот на вистината. Вообичаено се слуша еден нежен, страдалнички тон на некој кој не би згазил ниту мравка. Оној што живее во беда и го слуша ваквиот тон, станува уште победен. Така зборуваат луѓето кои можеби и не се непријатели, но сигурно не се соборци. Вистината е нешто воинствено, таа не се пресметува само со вистината туку и со луѓето кои ја шират невистината.

Скулптури на сликите: Tobbe Malm

Продолжува...

Кон вториот дел.

Слични содржини

Стрип / Култура / Теорија / Историја
Став / Култура / Теорија
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Став / Теорија / Историја
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото