Теолог и заговорник против Хитлер: 70 години од смртта на Дитрих Бонхофер

09.04.2015 14:42
Теолог и заговорник против Хитлер: 70 години од смртта на Дитрих Бонхофер

Пред точно 70 години нацистите го убиле Дитрих Бонхофер. Имал само 39 години. Денес важи за еден од најзначајните теолози на XX век, а некои го нарекуваат и евангелистички светец.

 

Биографија која нуди материјал дури и за опера. Делото „За крајот на невиноста“, парабола на животот и делото на теологот Дитрих Бонхофер, е изведена премиерно за време на Евангелистичкиот конгрес во 2013 во Хамбург. Бонхофер како протагонист на опера? Операта како банализирање на добрината? „Дитрих Бонхофер, воден од својата вера, во едно тешко и погрешно време ја направил вистинската работа. Тоа е човек кој може да служи за пример“, рече тогаш Герхард Роберс, кој претседаваше со конгресот.

„Евангелистички светец“

Концентрациониот логор Флоренсбирг на самата денешна граница со Чешка. Таму Дитрих Бонхофер е обесен на 9 април 1945, само еден месец пред крајот на Втората светска војна. Додека чекорел по скалите кон бесилката делувал „прибрано“ и „поврзан со својот Господ Бог“, забележува еден лекар во логорот. Теологот осуден за предавство на државата така станал една од последните жртви на нацистичкиот режим.

Операта „За крајот на невиноста

Бонхофер влијаел на повоената теологија како ретко кој од неговата генерација. Неговото кредо - дека црквата мора да биде тука пред сè за другите - радикално раскинува со старата доктрина во која црквата се врти околу себе и своите ритуали. Заговарал поинаква, натконфесионална црква, вера како наследничка на Христа. На тоа учење денес се повикуваат како конзервативните, така и прогресивните теолози. Тоа е оставштината на човекот роден на 4 февруари 1906.

Денес неговото дело не е спорно во протестантската црква. Но, во 1953 баварскиот бискуп Ханс Мајзер одбил да присуствува на еден помен за Дитрих Бонхофер. Објаснување: теологот не настрадал како маченик, туку затоа што подготвувал рушење на режимот. Во меѓувреме, во евангелистичката црква повеќе нема такви изговори и конспиративниот отпор на Бонхофер се вреднува сосема поинаку. Поранешниот претседател на советот на црквата, Волфганг Хубер, го нарекол настраданиот теолог „евангелистички светец“.

Од теолог до заговорник

Бонхофер пораснал во Бреслау (денешен Вроцлав) како шесто од осумте деца во семејството. Таткото, реномиран психијатар, не бил посебно религиозен. Не била ниту мајка му, иако била ќерка на локален пастор. Затоа било изненадувачки кога 17-годишниот Бонхофер во 1923 одлучил да студира теологија - и тоа од интелектуално љубопитство. Докторирал на 21 година, а на 25 станал доцент. Но, дури во 1930 година почнал да верува, за време на еден теолошки конгрес во Њујорк. „До времето во Њујорк бев теолог, но не и христијанин“, пишува тој подоцна. Теоретичарот станал активен борец за правда и слобода. Говорел дека црквата има обврска кон сите луѓе, дека откажувањето од Евреите е еднакво на откажување од Христа.

Концентрациониот логор Флосенбирг во кој е убиен Дитрих Бонхофер

Тоа не се вклопувало во црквата која тие години рапидно се прилагодувала на потребите на Хитлеровата идеологија. Затоа Бонхофер во 1933 како свештеник отишол во Лондон. Од 1935 повторно бил во Германија каде водел „опозициона“ црква во Финкенвалд, сè додека тајната полиција не ја затворила две години подоцна. Најпрво му е забрането да подучува, а од 1940 и да држи какви било говори. Истата година се придружил на движењето за отпор кое го воделе генералмајорот Ханс Остер и Ханс фон Донањи. Водел ризичен двоен живот и врбувал луѓе од црквата за пуч против Хитлер.

Уапсен е на 5 април 1943 година поради „подривање на војската“ и во затвор имал време да чита и пишува. Но, кога на 20 јули 1944 година пропаднал атентатот врз Хитлер, Гестапо пронашол документи кои ја докажуваат вмешаноста на Бонхофер во заговорот. Половина година подоцна е префрлен во концентрациониот логор Бухенвалд, а во Флоренсбирг, од каде повеќе не излегува. Од еден пријател логораш се простил со зборовите: „Ова е крајот - за мене само почеток“. Телото е запалено и неговиот гроб не постои.

Сроден прилог: Дитрих Бонхофер – За глупоста

Извор: Deutsche Welle

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото