1022 hPa
66 %
11 °C
Скопје - Пон, 08.12.2025 10:59
Сенката од јаворот
се враќа од својот пат,
полека си влегува дома.
Допирам уво врз стеблото
да чујам што станува внатре.
да, тоа е кус разговор
за висок раст, цврстина и долговечност
што го водат две јасни и сложни глави
без поим за беззаконие.
Миг потоа,
сенката излегува од другата страна,
па скокнувам небаре фатен во небрано.
Таа, пак, ја прекорува мојата скарана сенка:
Што бара овој по мене кога те има тебе?
И слушам одговор:
Ме има, но што дека
кога за беззаконските струи
јас не знам лека.
Петар Т. Бошковски, поет, романсиер, есеист, критичар, драмски автор, преведувач, антологичар. Автор е на книгите: Суводолица (поезија, 1962), Постела од трње (поезија, 1970), Огледи и критики (1978), Небесен камен (поезија, 1985), Критички одзиви (критики, 1986), Бел ветер (поезија, 1991), Прелеста на проѕирноста (критики, 1993), Вториот источен грев (поезија, 1994), Александар на исток (тв драма, 1994), Црниот бик (роман, 1995), Никаде место (роман, 1996), Лилјаци (роман, 1998).