Десет кратки зен приказни

10.04.2015 08:27
Десет кратки зен приказни

Излишен живот

Некој фармер толку остарел што веќе не можел да работи на нивите. По цел ден само седел на тремот. Син му, сѐ уште работејќи на фармата, одвреме-навреме ќе му се опулел и ќе го видел кај си седи.

„Нема аир од него“, си мислел, „ништо не работи!“ Еден ден синот толку се огорчил, што изделкал дрвен ковчег, го довлечкал до тремот и му рекол на татка си да влезе внатре.

Без збор, таткото се пикнал внатре. Откако го затворил капакот, синот го довлечкал до крајот на фармата каде имало една длабока провалија.

Како што наближувал до работ, слушнал слабо потчукнување одвнатре од капакот од ковчегот. Го отворил. Мирно лежејќи си внатре, таткото му се опулил на сина си. „Знаев дека ќе ме фрлиш во провалијава, само пред да го сториш тоа, може нешто да ти предложам?“ „Што?“ –запрашал синот. „Фрли ме во провалијава, ако сакаш,“ рекол таткото, „но зачувај го овој здрав дрвен ковчег. Може ќе им притреба на твоите деца“.

Напорна работа

Ученик во боречки вештини отишол кај својот учител и самоуверено му рекол: „Јас сум посветен на учење на твојот систем. Колку ќе ми треба да станам мајстор?“

Одговорот на учителот бил ноншалантен: „Десет години“. Нестрпливо, ученикот одговорил: „Но јас сакам да станам мајстор побрзо од тоа. Ќе се трудам многу напорно. Секој ден ќе вежбам. Ако треба и десет или повеќе часа дневно. Колку време ќе ми треба тогаш?“

Учителот за момент се помислил: „Дваесет години“.

Месечината не може да се украде

Риокан, зен – учител, живеел многу едноставно во мала колиба во подножјето на планината. Една вечер, крадец отишол во неговата колиба само за да открие дека нема што да се украде.

Риокан се вратил и го фатил. „Многу пат си поминал за да дојдеш овде“, му рекол на провалникот, „и не треба да си одиш со празни раце. Те молам, земи ги алиштава како подарок“.

Крадецот бил збунет. Ги зел алиштата и се искрадoл.

Риокан седнал гол, гледајќи ја месечината. „Кутриот“, рекол замислено, „би сакал да можев да му ја дадам оваа прекрасна месечина“.

Шолја чај

Нан-ин, јапонски учител од Меиџи периодот (1868-1912), примил во посета универзитетски професор кој сакал да го истражува зенот.

Нан-ин послужил чај. Ја наполнил шолјата на гостинот, и потоа продолжил да става.

Професорот гледал како се прелева сè додека не можел повеќе да се воздржи. „Преполна е. Не собира повеќе“.

„Исто како оваа шолја“, му одговорил Нан – ин, „ти си полн со свои сопствени мислења и спекулации. Како можам да ти го покажам зенот ако прво не ја испразниш твојата шолја?“

Вратите на рајот

Воин по име Нобушиге отишол кај Хакуин и прашал: „Дали навистина има рај и пекол?“

„Кој си ти?“, прашал Хакуин. „Јас сум самурај“ одговорил воинот.

„Ти, воин“, извикал Хакуин. Каков е тој владетел што тебе те зел да го чуваш. Лицето ти е како на некој питач“. Нобушиге толку се разгневил што посегнал по катаната, но Хакуин продолжил „Значи и меч си имал. Оружјево ти е претапо за да ми ја пресече главата“

Кога Нобушиге го извлекол мечот Хакуин рекол:„Сега си на портите од пеколот“. На тие зборови самурајот, увидувајќи ја уката на учителот, го прибрал мечот и се поклонил.

„Сега си на портите од рајот“, рекол Хакуин.

Другата страна

Еден ден, млад будист на патот кон дома стигнал до брегот на некоја широка река. Беспомошно зјапаќи во големата пречка пред него, со часови се думал како да најде начин даја помине.

Само што решил да се откаже од понатамошниот пат, видел Голем учител на другата страна од реката. Младиот будист викнал колку го држи гласот „Мудрецу, можеш ли да ми кажеш како да стасам до другата страна на рекава?“

Учителот се подумал, ја изгледал реката убаво и му одговорил со викање: „Синко, веќе си на другата страна“.

Време за умирање

Зен мајсторот Икио бил многу умен уште како дете. Неговиот учител имал скапоцен филџан за чај, редок антиквитет. Икио случајно го скршил овој филџан, та се сторил парампарче. Слушајќи како доаѓа учителот, ги скрил срчите од филџанот зад себе. Кога мајсторот пристигнал, Икио прашал:

„Зошто луѓето мораат да умрат?“

„Тоа е природно“, објаснил старецот, „сѐ мора да умре и дотогаш мора да живее“

Икио, покажувајќи го скршениот филџан, додал „На твојов филџан му дошло време да умре“

Мислење што мрда

Двајца се расправале околу едно знаме кое се веело на ветрот.

„Ветрот е она што се движи“, тврдел едниот. „Не, знамето е она што се движи“, му одговарал вториот.

Некој зен учител случајно си врвел оттука, па ја чул расправијата и ги прекинал: „ниту ветрот, ниту знамето, туку само мислењето“.

Ќе помине

Ученик отишол кај својот учител по медитација и рекол „Моето медитирање е за никаде. Толку сум расеан, или ме болат нозете, или цело време ми се спие. Просто за никаде!“

„Ќе помине“, му рекол учителот ладнокрвно.

По една седмица, ученикот се вратил кај учителот. „Моето медитирање е извонредно. Се чувствувам толку свесен, толку жив. Просто извонредно.“

„Ќе помине“, му одговорил учителот ладнокрвно.

Висење од провалија

Еден ден дури одел низ дивина, некој човек наишол на бесен тигар. Бегал што бегал, наскоро стигнал до работ на длабока провалија. Очаен да се куртули, се изјазил на едeн лилјан и останал да виси над страшниот понор.

Како што висел, се појавиле два глувци од едно дупче во карпата и почнале да го гризаат лилјанот.

Одеднаш, забележал на лилјанот сочна дива јаготка. Ја скинал и ја ставил в уста. Била неверојатно вкусна.

Извор: akindin.com и theunboundedspirit.com/10-short-zen-stories/

Превод: Кирил Бисероски
Слики: Андо Хирошиге

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност / Живот
Графички Дизајн / Книжевност / Психологија / Стрип
Пандалф Вулкански
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото