1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 06:59
Деновиве се навршуваат шеснаесет години од убиството на познатиот српски новинар Славко Чурувија. Како основач и главен уредник на весникот „Дневен Телеграф“ и неделникот „Европљанин“, Чурувија беше остар критичар на политиките на режимот на Слободан Милошевиќ. На 11 април 1999 тој беше пронајден мртов пред влезот на неговата зграда во центарот на Белград, со 17 куршуми испукани во пределот на грбот и главата.
Со години обвинителството и новинарите во Србија безуспешно трагаа по убијците.Низ белградската чаршија кружеа многу теории, но општоприфатеното мнение беше дека убиството има политичка позадина поради критичките ставови на Чурувија против тогашната власт.
Ваквите сомнежи добија поткрепа при крајот на 2013 година, кога тогашниот вицепремиер на Србија за борба против корупцијата и организираниот криминал, Александар Вучиќ, изврши увид во тајните досиеја на српската служба за државна безбедност (СДБ). Неколку часа по отворањето на досиејата, вицепремиерот свика прес конференција на која се појави блед како крпа, со изглед на човек кој штотуку погледнал во портите на пеколот. Вицепремиерот обзнани дека Славко Чурувија е убиен од страна на СДБ и дека тоа наскоро ќе биде официјално докажано. Тој исто така сподели дека ова е само едно од ужасните злосторства извршени од страна на режимските тајни служби, и дека Србија и српското општество ќе треба јавно да се соочат со многу од овие ужаси за да можат работите конечно да тргнат кон подобро. Друг случај споменат на прес конференцијата е грозоморното убиство на пет малолетници Срби во кафе-барот Панда во Пеќ во 1998 година, за кое Вучиќ изјави дека нема никакви докази дека е извршено од страна на Албанци и западни тајни служби, како што претходно тврдеше владата на Милошевиќ.
Како резултат од истрагата покрената од специјалното обвинителство за случајот со Чурувија, на 14 јануари 2014 година се притворени тогашниот шеф на белградското одделение на СДБ и еден оперативец. Двајцата се обвинети како организатори на акцијата, а како налогодавец е наведен Радомир Марковиќ, тогашниот началник на службата. Обелоденетите информации откриваат дека Чурувија бил деноноќно следен од страна на 27 припадници на службата за државна безбедност, и дека сите тие биле повлечени од задачата за следење непосредно пред самото убиство.
Славко Чурувија е физички ликвидиран на 11 април 1999, но „првите куршуми“ во него се истрелани неколку месеци претходно, од страна на медиумите блиски до режимот на Милошевиќ, од чија страна тој е прогласен за странски платеник и непријател број еден на Србија. Само пет дена пред убиството, дневникот весник “Политика Експрес“објавува текст под насловот „Чурувија ги дочека бомбите", каде тој е прогласен за предавник, соработник на САД и западните држави, и е обвинет дека посакува Србија да биде бомбардирана. Следниот ден истот текст е прочитан на дневникот на РТС.
Чурувија денес живее во колективното сеќавање на неговиот народ како еден од најголемите и најхрабри српски новинари. Наместо да застане под закрилата на Милошевиќ и неговите служби и да ги ужива благодетите на режимски новинар, Чурувија реши да застане на страната на вистината и да се бори за тоа вистината да дојде до јавноста. Имено, заради тоа и е убиен...
Само човек со испран мозок не би можел (т.е. не би сакал) да ја забележи паралелата помеѓу морничавите методи на владеење на Милошевиќ и методите на ДПМНЕ. За првпат во нашата современа историја одредени мрачни реакционерни сили јавно повикуваат на „линчување“ на неистомисленици. Исто како и за време на последните месеци на владеењето на Милошевиќ, денешната власт во Македонија говори со јазикот на турбо фолкот, а нејзиниот дискурс со јавноста се сведува на параноична пресметка со предавници и соработници со странски служби.За предавници се прогласуваат не само политички опоненти, туку и активисти за човекови права и граѓански слободи, поборници за демократизација, новинари, уредници на весници, портали, јавни интелектуалци, итн.
Жалната вистина е дека почнувајќи од осамостојувањето па наваму, Македонија немала ниту една влада која е демократска во вистинска смисла на зборот демократија. Македонија ја немала среќата да биде водена од влада која е транспарентна и чиста од криминални дејанија. Но сепак, оваа влада успеа да направи нешто што ниедна друга не можела (или не сакала) – да ја уништи етичката супстанца на јавноста и да доведе до перверзија на општествените вредности. Односот на оваа власт кон својот народ и своето граѓанство направи од Македонија држава во која слатката лага е поважна од горката вистина. А во таквите општества, оној кој ја говори вистината е јавно распнуван на крст, а оној кој говори слатки лаги е прогласуван за идол.
Според тоа, единствениот „грев“ на оние кои власта ги прогласува за предавници е тоа што тие ја говорат вистината, онаква каква што е, дури и под услов за тоа јавно да биде распнати на крст. Нивната подготвеност во име на вистината да се исправат и директно да се соочат со диктатурата на ДПМНЕ ги прави сите овие луѓе херои на нашето време и предвесници на четвртата македонска република.
Епилог...
Актуелната политичката криза, која со огромно внимание се следи од целата македонска јавност, од Македонците во соседството, како и од оние во дијаспората, успеа на интересен начин да ја отвори нашата „Пандорина кутија“ и да го разбуди македонското општество од долгогодишната колективна летаргија.
За наша среќа, за разлика од Србија, која својата Пандорина кутија ја отвори дури по падот на режимот, нашата е веќе широко отворена и мрачните тајни за злоупотреби, рекетирања, грабежи и други криминали на власта излегуваат на виделина - во голема мера благодарејќи на слободарски настроените новинари, уредници на весници и портали, други граѓански активисти.
На еден ироничен начин, разгорот на политичката криза доведе до ослободување на потиснатото либидо на нацијата и до една вистинска ренесанса на македонската политичка и културна мисла.
Оваа криза успеа да го разбуди најдобро и највредното во нас – и кај нас Македонците, и кај нашите браќа по судбина, Албанците.
Колажи: John Stezaker