Илустрирана библиска етика

11.04.2015 15:22
Илустрирана библиска етика

На 09.04.15. во „Младинскиот културен центар“ во Скопје беа промовирани книгата и изложбата под наслов „Илустрирана библиска етика“. Во овој мошне интересен проект на самиот МКЦ учествуваа осум македонски уметници: Иван Ивановски, Горан Дачев, Владимир Лукаш, Андреј Анастасов, Миле Ничевски, Никола Радуловиќ, Атанас Ботев и Ѓорѓе Јовановиќ. На „Окно“ пренесуваме дел од илустрациите на четворица од нив (по ред, одозгора надолу: Ивановски, Лукаш, Радуловиќ и Јовановиќ) и дел од двата текста поместени во книгата.

Иван Ивановски

 

Владимир Лукаш

 

Никола Радуловиќ

 

Ѓорѓе Јовановиќ

***

 

Светлана Камџијаш
За потписот, за светото и профаното

(...) Библиските изреки овде се само појдовна точка за асоцијација, за сопствено доживување или отклон во сопствена парабола. Секој од овие уметници, со лично изграден ликовен јазик влегува во сопствено двојно кодирање каде самата изрека и првиот слој на нејзиното читање се во контрапункт со останатите слоеви. Категоријата возвишено или возвишувачко не може да го најде местото меѓу овие цртежи. Со нужната дистанца, тие се пред сè проблематизирање, преиспитување, а често и пародизирање на етичките насоки со што на нивниот одглас во постмодерната епоха му се дава сосем друг тон на екстремно личното, мета-ниво на содржината, кај некои од нив профанизирано, а понекогаш вулгаризирано доживување, настанато од игрите со зборови. Цртежите на Никола Радуловиќ, Ѓорѓе Јовановиќ, Иван Ивановски, Владимир Лукаш, Атанас Ботев, Миле Ничевски и Горан Дачев се едно непредвидливо и постмодерно „прередување“ и пренасочување на класичните вредности и обезвреднетости, во кое секој од овие автори има сопствен, јасно артикулиран и веднаш препознатлив потпис.

Од претходното, произлегува прашањето: што е денес свето?

Денешната уметност е на полето во кое духовните замоци од минатите епохи се раскршени, расчленети, декомпонирани, преправени и амалгамирани. Во таа сеопшта „веќе виденост“, ретко се избегнува смерницата на „иновативност по било која цена“. Па така, во име на новото и чудното, дури шокантното, се занемарува основната уметничка вредност – можноста да се искаже неискажливото, да се долови неуловливото.

За мене, светоста е онтолошки атрибут - постоењето е свето. За некого друг поетиката на приказните, а меѓу приказните има такви кои го покриваат и разоткриваат постоењето. Овие момчиња се мајстори за приказни.


Ивана Васева
Цртачки коментари на древни теми

Станува збор за книга со цртежи / илустрации насловена „Илустрирана библиска етика“. Книгата се базира на стоте морални поуки уредени во едно мало џебно издание. Намерата на цртежите не е да ја критикуваат, исмеваат или величаат содржината на оваа книга, туку да ја постават на увид и преиспитување важноста на овие не само религиски туку и човечки теми. Притоа авторите даваат и свои лични коментари сместени во сегашноста и предадени во низа детали. (...)

Оваа група творци за прв пат соработува во еден ваков поголем проект, иако речиси секој од нив, во помали групи, веќе неколку пати работеле на заедничко дело или изложба. Заеднички им е сличниот пристап кон визуелното или, поконкретно, кон цртежот којшто се манифестира во различни материјали: молив, графит, пенкало, туш па и остатоци од кафе, сок... Оваа своевидна страст за контурното и плошното е решена различно кај секој автор во зависност од неговиот сензибилитет; на тој начин се воспоставува авторството: понекогаш цртежите се врамени во елипси, понекогаш се обединети со слични детали, а понекогаш со хорор вакуи атмосфера, понекогаш имаат филмска перспектива, а понекогаш доминираат со суптилна доза на наивност....

Тоа што е карактеристично за овој проект е дека не поставува претходно зададени вредности и нема умислена цел. Таа е најпрво создадена за да ги покаже креативните цртачки вештини на оваа група автори. Таа е своевиден обид и експеримент да се направи еден вид современо „списание“ за цртеж, каде што преку древна тема – човечкото однесување – ќе се покажат современите размисли за цртежот и за неговиот развој и растеж во современиот свет.

Слични содржини

Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Општество / Графички Дизајн / Живот
Графички Дизајн / Уметност / Музика / Историја

ОкоБоли главаВицФото