Магаре

13.04.2015 13:20
Магаре

Една од последните прототипски реченици на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска од таканаречената „битолска бомба“ дека е подобро на местото продекан да стават магаре отколку професорката Фросина Ременски не зборува само за карактерот и методологијата на владеење на актуелните властодршци, не само за ароганцијата и неподносливата леснотија со која „се уредуваат“ човечките судбини во зависност од моменталното расположение и политичката определба, туку и за основното домашно воспитување, а најмногу за погрешниот склоп меѓу мозочните бранови и говорниот апарат.

Имено, влезени длабоко во сопствените стереотипи, бескрајно склони кон потценување на другиот, на инаквиот, со богат вокабулар на погрдни изрази („цигани за уши“, „човечиња“, „магаре“ итн.), тие (поточно, таа), тешко дека воспоставуваат врска на какво било ниво меѓу карактеристиките на термините што ги употребуваат и нивното значење во реалниот свет.

Во ред, министерката не е ни прва ни последна што го користи поимот „магаре“ во погрдна и навредлива смисла. И, секако, греши. Магарето (веројатно после кучето) е најверниот човеков пријател. Корисно е на планина и во рамница. Издржливо е и носи огромен товар. Трпеливо е, ретко се противи, а уште помалку се буни. Тврдоглаво е само поради сериозна причина. Носи товар околу боковите, напред и позади. Копитата му се прилагодени и за камен и за почва, па не мора да се потковува. Не се потребни мамузи за да се јава. Поиздржливо е и бара помалку нега од коњот, на пример. Сеедно му е дали оди пред или зад господарот. Оди угоре и удолу. Го помни патот по кој оди. Окото му е двојно поголемо од човековото, па може да гледа напред и по страна, во должина и широчина. Кога ќе ги начули ушите, слуша многу подобро од човекот. Претчувствува дожд и се вознемирува пред невреме. Кога ќе се претовари – не мрда по никоја цена. И не, не го прави тоа од тврдоглавост, туку повеќе од немоќ и од неправдата што му е сторена.

Го има на релјефите во Мемфис и на сликите во пирамидите. Се спомнува на многу места во Талмудот и во Библијата, а го има во исламските хадиси. Им помагало и на Абрахам и на Мојсие. На грбот на десет магариња и десет магарици браќата на Јосиф донеле жито од Египет за да ги нахранат гладните. И грчката и римската литература му оддаваат должна почит. Филозофот Буридан вечно го врза своето име за магарето (буриданово магаре). Кант во своите предавања не ги крие симпатиите кон него. Достоевски, преку својот кнез Мишкин („Идиот“) ќе констатира дека всушност „магарето е добар човек“.

Магарето не остана неовековечено ни во големото сликарство. Го сликаа и Ботичели и Ѓото. Дури и во посеверните краишта, каде што магарето го нема тој статус, го сликаат и Дирер и Рембрант. Верниот придружник на Дон Кихот, Санчо Панса, го јава своето магаре Дапи на спомениците во Севилја и на Плоштадот Шпанија во Мадрид. Магарето е важен јунак во приказните за Итар Пејо и Насрадин Оџа. Дури и во анимираната франшиза „Шрек“, магарето со гласот на Еди Марфи е еден од поомилените јунаци. Магарето е длабоко навлезено во поп-културата. Магарешката клупа е школската клупа, наменета за најнемирните. Магарешкиот остров во Турција (своевидна слободна територија за магариња) е туристичка атракција итн.

Што се однесува до овдешните (демо?)христијани, треба да се спомене и ова: во Стариот и во Новиот завет му се оддаваат почести на магарето за помош на караваните, за работата што ја врши, за товарот што го носи, за услугите што му ги прави на оној што го јава... Магарето му помага на Светото семејство да избега пред Херодовиот колеж на новороденчињата. Тоа со својот здив го грее новородениот Спасител во шталата во Витлеем. Исус влегува во Ерусалим јавајќи на магаре, а пророкот најавува дека токму така влегува Месијата. „Одете во селото што е пред вас. Таму ќе најдете врзано магаре. Одврзете го и донесете го ваму. Потребно му е на Господ“. Така пишуваат Свети Лука, Свети Матеј и Свети Марко во своите евангелија.

Што се однесува, пак, до овдешните барокни Македонци, ќе го додадеме и ова: во времето на барокот, омилено домашно милениче во Австро-Унгарија е - барокното магаре, своевидно албино магаре, омилено кај жените и децата од повисоките слоеви, своевиден статусен симбол на тогашната нобл класа.

Не знам какви магариња претпочита сегашната барокна нобл-класа, но, според она што го слушаме, се чини дека е далеку од префинетиот вкус што магарето навистина го заслужува.

Насловна: Vittore Carpaccio – На пат за Египет, 1515
Слики внатре: Rembrandt van Rijn - На пат за Египет, 1627; Абрахам ги испраќа Хагар и Ишмаил, 1640

ОкоБоли главаВицФото