Гинтер Грас (1927-2015)

14.04.2015 10:51
Гинтер Грас (1927-2015)

Животот преполн со подеми и падови, ѕвездени мигови и пресврти, започнал на 16 октомври 1927. Гинтер Грас растел во скромни услови. Неговите родители во Гдањск имале продавница со колонијална стока. Купувачите биле сиромашни, станот - мал, опкружувањето - католичко. Тоа било „детство помеѓу Светиот дух и Хитер“, како што пишува подоцна Михаел Јиргс, биографот на Грас. Кога почнала Втората светска војна, Грас имал 17 години. Во 1944 опслужувал противавионски топ, а потоа станал СС-овец. За тоа проговорил дури неколку децении подоцна - предизвикувајќи скандал.

Почетоците на успешниот писател

1952 година. Сојузна Република Германија е млада, Грас - исто така. Почнал да се занимава со уметност, студирал сликарство и уметничка графика, свирел и во еден џез состав, патувал, и во 1956 некое време се скрасил во Париз. Таму со својата прва сопруга водел скромен живот и почнал да се занимава со пишување. Неговиот прв роман „Лимениот барабан“ објавен 1959, го разбранувал зачмаениот дух на Германија во тие години, и станал познат во светски рамки, а повеќе пати е и екранизиран. Во 1999 година Грас за него - и за своето животно дело - ја добива Нобеловата награда за книжевност.

Филмот „Лимениот барабан“ на Фолкер Шлендорф од 1980 првпат ѝ донесе Оскар на Германија

Креативен и продуктивен

Грас пишува драми, песни и пред сè белетристика. Долга е листата на неговите дела. „Мачка и глушец“, „Кучешки години“, „Локална анестезија“, „Раков од“ се само некои од познатите наслови; во нив тој главно ги тематизира политичките односи и општествените преломи, на пример, улогата на интелектуалците во побуната во ДДР во 1953, студентските побуни од 1968, изборите за Бундестагот... многу важно му било и помирувањето со Полска, земјата со која останува врзан со раѓањето.

Романите кои ги објавил по „Лимениот барабан“ ни оддалеку не предизвикале одушевување во светот како приказната за малиот Оскар Мацерат, но сепак имале голем успех. Имало и читатели кои сметале дека во нив има премногу политика, а премалку уметност.

Моралот и политиката

Гинтер Грас бил уметнички мултиталент и често самиот ги илустрирал своите книги. Големо внимание во јавноста предизвикал со својот политички ангажман - со години во Германија важел за угледна морална инстанца. Во 1961 станал поддржувач на социјалдемократите, во 1969 го поддржал Вили Брант во предизборната кампања, неколку години подоцна и самиот се зачленил во таа партија, за најпосле да ја врати својата партиска книшка, поради спор околу новиот закон за азил.

Гинтер Грас со Вили Брант (десно) и Хајнрих Бел (лево), 1970 година

Секогаш бил релативно гласен и критичен проследувач на своето време и независен левичар кој го користел своето реноме за да влијае на дискусијата за протерувањето на Курдите од Германија и се залагал за поранешните принудни работници, човековите права, прогонетите писатели... и зборувал против војните, но и во нивен прилог, за да признае во 2006 дека и самиот бил „воен грешник“. Кога во својата автобиографија откри дека како 17-годишник бил член на вооружените СС единици, во Германија и во светот започнаа големи дискусии за неговата личност. На неговиот углед падна сенка и писателот кој постојано се залгаше за беспоштедно соочување на Германија со своето нацистичко минато - е обвинет за лицемерие.

Песната како провокација

Во 2012, кога неговиот ореол на морална инстанца веќе беше избледнат, Грас објави текст под наслов „Мораше да се каже“ и со него уште еднаш предизвика скандал за кој се расправаше далеку надвор од границите на Германија. Текстот е објавен во вид на песна во која е изнесена отворена критика на сметка на политиката на Израел. Грас во неа предупредува на опасноста од атомски напад на Израел врз Иран и ја нарекува израелската држава, нејзините нуклеарни капацитети и политиката кон Палестинците опасност за светскиот мир.

Памфлетот предизвика огорчување, а Гинтер Грас во Израел стана персона нон грата. Обвинет е за антисемитизам. Но, овој писател за многумина остана голем пример. Уве Телкамп го окарактеризира како „една од најголемите раскажувачки сили во германската книжевност“, а за Мориц Ринке, Грас беше „можеби најинтересниот и најразновидниот диносаурус“.

Гинтер Грас на Окно:

Однапред отсонувано
Точно

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото