Мелодрамата ја парализира левицата

14.04.2015 11:27
Мелодрамата ја парализира левицата

Во Грција Сириза се мачи, во Шпанија Подемос се подготвува, кај нас нема левичарска партија. Зошто? Не само зашто левицата ја изеде национализмот, ниту затоа што истата е демонизирана од Брисел. Левицата е оптоварена и со сопствената мелодрамска меланхолична носталгија како парализирачки жанр на сеќавањето. Од тоа левицата треба да се ослободи. За тоа скоро пишуваше Елизабет Анкер, американски политолог, критикувајќи ги современите теоретичари на левицата. И кај нас титосталгичните сеќавања на обичниот човек ја кријат парализирачката меланхолија по некогашниот мир и сигурност. Мелодрамата како жанр на сеќавање е дел од носталгијата, која го намалува дејствувачкиот потенцијал на левицата.

Кај десницата мелодрамата е поприродна бидејќи таа секогаш им се враќа на узорите од минатото и на „златното доба“ на заокружената национална историја. Секој национализам е полегитимен колку што е постар, по оттаму десницата бара континуитет и длабоко свраќа во историјата. За разлика од десницата, левицата порано беше свртена кон иднината. Нејзе не ѝ беше потребно златно доба, туку конкретна утопија. Десничарските патриоти секогаш ја комбинираат мелодрамата со конзервативноста. Ја величаат жртвата на сопствената вера и нација. Ја критикуваат сегашноста поради неправдата спрема својата нација. На депозитот на пролеаната национална крв во минатото националните книговодители му ја припишуваат моралната камата на доброто и злото.

Наспроти тоа, левицата се држеше до Марксовото предупредување дека секогаш кога од минатото се црпи визијата за идното, слабее можноста за радикална измена на постојното. Додека го правеше тоа, левицата беше успешна.

Работите се изменија кога меланхоличната носталгија на левицата почна да се гради околу жалењето по исчезнатата социјална држава на социјализмот. Ваквото сеќавање денес не е дејствително туку испразнето и инертно придвижувачко јадро, пасивен изгубен објект на љубовта. Бидејќи, секоја меланхолија е пасивна. Според Фројд, тоа е одбивање на сознанието дека објектот на љубовта е изгубен. Не треба опсесивно да се сеќаваме на исчезнувањето на социјализмот. „Вашето сеќавање е вашиот гроб“, ја предупреди левицата Тони Негри. Тоа значи дека сломот на европскиот социјализам не е дефинитивна катастрофа. Поразно е тоа што нацијата насекаде ја изеде класата. Затоа денес не е ни актуелен Марксовиот „Манифест“ со тезата за неизбежната еманципација на класата, кој некогаш ги галванизираше енергиите на милиони обесправени. Марксовиот „Манифест“ е денес шупливо и мртво јадро на бунтот бидејќи не постои наднационална солидарност.

За да ја оживее, левицата треба да се ослободи од мелодрамата која ги драматизира и морализира нееднаквостите и ги поврзува сиромаштијата со доблеста, а богатството со неморалот. Во минатиот век околу оваа приказна беа центрирани наративите на работничката класа и свеста за општествената неправда. Долго виктимизацијата на пролетеријатот беше поврзувана со револуционерниот хероизам и со верата дека правдата ќе победи. Ваквото судбинско мислење е денес анахроно. Но не е анахрон Марксовиот „Манифест“, бидејќи не меланхолично туку футуристички тој го згусна антагонизмот на светската историја во историја на класните борби. Тој не се вртеше по изгубените идеали на Француската револуција. За разлика од десницата, тој гледаше напред.

Може ли Маркс да ѝ помогне на левицата во нашиот век, кој е посложен и дигитално поповрзан отколку векот пред него? Може, иако левицата треба да ѝ пружи поинаков отпор на денешната вмрежена репресија на капитализмот. А не да го намалува потенцијалот за дејствување на сопствената критика мелодрамски барајќи парадигма и архетип во минатото. Тоа е предуслов за самокритиката и саморефлексијата на левицата. Иако во титоизмот некои работи беа подобри, тој режим не може да биде упориште за критиката на капитализмот во 21 век.

Не треба ни догматски да се враќаме кон содржината на „Манифестот“ од 19 век, но од него нешто може да се научи. Што? Антиносталгијата. Кај Маркс нема ниту меланхолија ниту пропишана иднина. Нема ни идеали од минатото. „Манифестот“ ја толкува историјата како циклус од насилства, но без носталгија по некое идилично доба. И денес визијата за иднината на левицата треба да биде отворена. Во нејзе треба да има место и за утопијата, помалку реалната алтернатива на идното. Важно е да се руши мелодрамата во сеќавањето, за сеќавањето на поразот во минатото да не ги деморализира поинаквите визии за иднината. Носталгичната меланхолија бега од одговорноста. Тоа често е приказна како никогаш не било и за тоа како сакаме дека некогаш било.

Дали тоа значи дека левицата треба да учи да заборава? Не. Но кај барањето образец за сеќавањето треба да го промислува она минато коешто и порано го игнорирало минатото како извор на визијата за посакувано општество. Не е одвишно повторно да се прочита „Манифестот“, кој не го монументализира туку го детронизира минатото. Како од него да учат левиците во Грција и Шпанија.

Авторот е социолог и професор на Филозофскиот факултет во Белград

Илустрации: Зоран Кардула
Извор: Политика, 10.04.15.

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет
Општество / Балкан / Историја
Општество / Европа

ОкоБоли главаВицФото