Балада за црниот облак

14.04.2015 11:08
Балада за црниот облак

БРАК

Имаме деца, две на број.
Најчесто гледаме различни филмови.
Пријателите зборуваат за разделен живот.
Сепак интересите Твои и мои
се допираат сè уште
на постојано истите места.
Не само прашањето за манжетните копчиња.
И за услужните работи: држи го огледалото.
Менувањето светилки.
Нешто да се однесе.
Или разговорите додека не се претресе сè.
Две радија, понекогаш
истовремено пуштени.
Да исклучам јас?
Исцрпеноста лаже за хармонијата.
Што си должиме еден на друг? Ова.
Ова не го сакам јас: Твоите прамени во тоалетот.
Но по единаесет години уште имаме задоволство во она.
Да се биде едно месо при колебливи цени.
Мислиме штедливо во дребни пари.
Во мракот ти ми веруваш сè.
Предење и одново плетење.
Растегната претпазливост.
Искажување благодарност.
Прибери се.
Твојот тревник пред нашата куќа.
Сега пак се однесуваш иронично.
Па смеј се на тоа.
Бегај, ако можеш.
Омразата ни е трајна како времето.
Но понекогаш, кога сме расеани, сме нежни.
Сведоштвата на децата
мора да се потпишат.
Меѓусебно се ослободуваме од данок.
Дури задутре е крај.
Ти. Да, Ти. Не пуши толку.


БАЛАДА ЗА ЦРНИОТ ОБЛАК

Во песокот
што ѕидарите го оставиле
една кокошка лежеше на јајца.

Од лево,
оттаму секогаш доаѓаше воз,
се влечеше еден облак црн.

Беспорочна кокошката беше
и трудољубиво јадеше вар
што ѕидарите го оставиле исто така.

Но облакот се ближеше сам,
излезе од себе
но сепак остана стуткан.

Сериозен и внимателен
е односот
меѓу кокошката и нејзините јајца.

Кога црниот облак
над беспорочната кокошка беше
се држеше тој, како што облаци се држат.

Но и кокошката се држеше
како што кокошки се држат,
кога над нив облаци стојат.

Но овој однос
го забележав јас,
што зад шупата на ѕидарот стоев.

Не, не секна молња
од облакот
и на кокошката не ѝ подаде рака.

Ниеден јастреб
не падна од облакот
во беспорочните перја.

Од лево на десно,
како што одеше возот
се одвлече облакот и се смали.
И никој никогаш нема да знае
што се случи со оние четири јајца
под кокошката, под облакот
во песокот на ѕидарот.

МОЈОТ ПРИЈАТЕЛ ВАЛТЕР ХЕН Е МРТОВ

Никогаш не сакаше да оди на спиење.
Умората негова остануваше да седи и се губеше во зборување.
Тој знаеше да направи дебелите зборови штом ќе излетаат да станат тенки.
Пред него симетријата немаше опстој;
тој ќе ја потсмееше.
Неговата леснотија ги правеше столбовите безработни.
Со чекори на гулаб
стапуваше
неговата шега.
Техниката најчесто го слушаше.
За секое чудо си пронаоѓаше тој лебдечки машини.
Зборувавме за плашила за птици;
тие требало подвижни да станат.
Тежеше повеќе од Бајројт, а помалку
од половина кило цреши.
И не сакаше да оди на спиење.
Ништо не зачувуваше долго. Сите неумоливо го сакаа.
Играше за
против
и со минути и пари.
Дури и вода пиеше тој страсно.
Од свинската потколеница
што милуваше да ја јаде
оставаше пет четвртини.
И се плашеше од заболекар
И ги обиколуваше своите проблеми:
постојано зелените дрвја, во алеата посадени лево и десно.
И успеваше да ги убеди дебелите жени
дека се моми со тенка става,
И се виореа неговите триесетиедногодишни коси.
И не сакаше да оди на спиење,
зашто сакаше уште да зборува,
зашто жедта негова беше сосем будна,
зашто театарот негов немаше крај,
зашто при секое одење му отпаѓаа три настапи,
зашто никогаш не го бараше, ниту го наоѓаше крајот:
итри извинувања
хартиени летала
кулиси помрднувани таму-ваму...
Сепак сега пријателот мој
што никогаш не сакаше да оди на спиење
е мртов.
Не. Не велете прерано починал.
Не зборувајте за боговите
што го сакале
како што обично се вели,
зборувајте за измама, за глупава
и четириаголна неправда
за полициски час,
кој вели: господо, ставете крај!
За нас, пијавиците, зборувајте
и за дупката што останува:
не може да се пополни – ѕурите в неа – бессоно.

Превод: Душан Томовски
Слики: Alejandro Pasquale

ОкоБоли главаВицФото