Во дуќанот на бескрајните знамиња

26.02.2010 10:20
petok.jpg

 

 

 

1934 година на една минхенска изложба Хитлер застанал пред сликата на еден уважен професор на академија и рекол, подмижувајќи: „Сторете ми ја таа трева зелена, а на она бушаво момче во кошула подобро ќе му стои прописно закопчана есес-униформа. И да ми го зачешлате! Патец сакам да видам!“
Жданов исто така барал колхозните ливади и во доцна есен да бидат исти како во мај. „Затоа Сталин на сите узорни слики на Герасимов секогаш личи на некој трговски помошник во дуќанот на бескрајните црвени знамиња“, коментира маркантниот партизански поет и надреалист Оскар Давичо.
Дури и во раниот и навистина ригиден југословенски социјализам луѓето се подбиваа со нарачаната уметност. Една елитна модернистичка струја (која ја предводеше Крлежа, а во која спаѓаше и Давичо) раскрсти со соц-реализмот уште на почетокот на педесеттите години на дваесеттиот век. Истиот бран на некакво естетско ослободување тогаш ја допре и Македонија, се разбира, каде што во познатите полемики меѓу модернистите и реалистите победата ја однесоа посовремените.

Повторувам знаење од средно училиште. Се чини, многумина го заборавиле. Шокантно е што во 2010 година мораме одново да се бориме за творечките и мисловните слободи за кои сме мислеле дека се освоени уште во времето на најтврдите фази на комунизмот! Шокантно е што сета примитивна националистичка идолатрија што денес ни се сервира (исто толку примитивна како некогашниот пропагандно редуциран комунизам за масите) мошне солидно се прима во некои делови од таканаречената македонска елита!
Антиквизацијата, денес почнувам да разбирам, е освета на поразениот социјалистички реализам маскиран во националистичко кожувче. Одмазда на парохијалците и патријархалците кои мислат дека националната култура е кутија за кибрит: отвараш и затвараш кога сакаш, палиш по желба. Една нова класа над-Македонци (некои од нив самите се нарекуваат Македоноиди, пра-раса од која се’ потекнува) сакаат културна валоризација на својата величественост (набутани во кутивчето). Исто како што комунистот и фашистот сакаа да ја естетизираат импозантноста на своите идеологии (во филмот „Триумф на волјата“ на Лени Рифенштал, на пример, Хитлер се симнува од облак).

Заборавени се и други важни средношколски знаења; на пример, констатацијата на Маркс дека низ историјата трагедијата се повторува како фарса. Нам тоа ни се случува. Историјата како луна парк. Нацијата како етно парк.
Ја заборавивме и славната согледба на Бенјамин којшто, гледајќи го подемот на фашизмот, заклучи дека естетизацијата на политиката води во војна. Гебелс велеше дека политиката е ликовна уметност на државата. Мусолини бил на истата линија кога во занес се доживувал себеси како скулптор, „кога масите се како восок во моите раце или кога ќе се помешам со нив и кога речиси ќе ме здробат, тогаш најмногу чувствувам дека сум дел од нив“.
Истата проклета фарса, значи, „не’ дроби“ (како што би рекол Мусолини) и до денот денешен. Само што нашиот современ господар не се вика Мусолини туку Николамини (како божјо услишување на пораките од протесните пораки: „Пиколомини, врати се!“). Додека на неговиот плоштад се кове новиот идентитет на над-Македонецот, Николамини во својата бескрајна добрина обезбедил и лизгалиште за народот, „сме гледале на сликите на Бројгел, баратаме ние и барок и ренесанса“. (Младиот блогер Вуна деновиве се произнесе со сјаен предлог: на плоштад да се постават трибини за патриотите да седат секој ден и да уживаат во изградбата на ИДЕНТИТЕТОТ во реално време!)

Велам, несфатливо ми е како една ретроградна и потенцијално мошне опасна политика наидува на топол прием кај многумина наши академски граѓани (а, повторувам, доволно е и средношколското знаење за да ја препознаеш трагичната фарса!). Се разбира, „несфатливо“ ми е на реторички план; знам, инаку, каде живеам, и знам колку далеку може да оди себепонижувањето низ божемното себевоздигнување. Знам дека „античкото“ лудило кај нас долго време беше одржувано на дното од кутијата, во некои опскурни кругови, по кафеани и чајџилници. Гледам дека денес тоа лудило е пуштено од ланец. Најдобрите се немоќни, а најлошите се жестоки. Владее едно нецензурирано нарцистичко блаботење (ова го велам во психоаналитичарска, не во полициска смисла; оти познати ни се „метастазите на уживањето“). Се разбира, знам и дека многу често најбанален личен ќар стои зад славењето на градителските халуцинации на Николамини; ем се вградуваш во тезгите и купуваш позиции, ем си слободен непречено да бамбориш глупости за „повеќеилјадниот“ Македонец. Кај се видело: ем лудило, ем носи престиж и општествен статус! „Корисно и убаво“ во најлошата варијанта.

Да ги баталиме шегите и метафорите. Политиката не смее да се редуцира на спектакл и фантазмагоричен привид. Од просветителството навака трае борбата на политичкиот разум наспроти политичките халуцинации. Борбата меѓу одговорноста и убедувањето. Јавниот простор што во моментов е загрозен од симулакрумите на реалноста мора да биде исполнет со рационалност. Никогаш веќе не смееме да дозволиме активната јавност да биде редуцирана (во глина!) во пасивни толпи кои потоа служат за моделирање во рацете на уметникот-политичар.

 „Глобус“, 23.02.10.
слики: Комар и Меламид

ОкоБоли главаВицФото