Ѓаволска работа

17.04.2015 09:00
Ѓаволска работа

Истражувањето што го спровела „Брима Галуп“ во ноември минатата година покажало дека Македонија е најрелигиозна земја во регионот. Прашањето: „Дали себеси се сметате за религиозна личност или за атеист, независно од тоа дали посетувате место за богослужба или не?“ им било поставено на 1.204 испитаници, 88 отсто од анкетираните одговориле дека се религиозни, 8 проценти се сметаат за нерелигиозни, а 2 отсто рекле дека се атеисти.

Истражувањето многу повеќе отвора прашања, отколку што нуди одговори. На пример: Како е можно во земја со толку висок процент „религиозни личности“ да има толку многу нечесни, неморални, безбожнички, па и крајно нечовечки постапки и дела? Како се случило верниците, кои се апсолутно мнозинство, да поддржуваат и да избираат („Избери дела“), и тоа неколкупати по ред, власт која, освен што лажно се претставува како демохристијанска, нема никаква врска ни со народ, ни со какви било вредности, најмалку со христијанските? Владејачка гарнитура што не почитува ниедна од Божјите заповеди - краде, лаже, врши прељуба, го посакува туѓото и е спремна да уништува сè што мисли дека ѝ стои на патот на нејзините интереси, која не знае за совест и за покајание? Како е можно едно алчно и одмаздољубиво човече полно со омраза да го нарекува и да го промовира во Пастир?

Нема задоволителен одговор на ваквите прашања. Освен, ако анкетираните не се сметаат за религиозни поради тоа што веруваат дека само Господ може да нè спаси од сево ова.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото