За штетноста на оценувањето и рангирањето на учениците и наставниците

17.04.2015 09:59
За штетноста на оценувањето и рангирањето на учениците и наставниците

Погледнете што се случува со образованието. Во последно време, нагласокот е на оценувањето на децата и наставниците, па учењето се сведува на подготовка за тестови. А тестирањата влијаат како на судбината на ученикот, така и на наставникот.

Тоа гарантирано го уништува секој образовен процес кој има смисла. Наставникот не може да биде креативен, имагинативен, ниту да ги зема предвид различните потреби на учениците. Учениците, од друга страна, не можат да ги следат своите интереси, зашто мораат да учат за утрешната контролна задача. А од резултатот на тестовите зависи и иднината на учениците и наставниците.

Бирократите кои седат по канцелариите не се лоши луѓе, туку работат во систем чија идеологија и доктрини се исклучително штетни.

За почеток, не морате цело време да ги оценувате луѓето... Тие не мораат постојано да бидат рангирани според некои вештачки стандарди. Самиот систем на вреднување е сосема вештачки. Наставниците не се рангираат според својата способност да им помогнат на децата да ги остварат своите потенцијали и да ги истражат своите креативни интереси. Тие работи не подлежат на тестови.

Вие рангирате, но тоа е главно бесмислено и само по себе штетно. Нè претвора во луѓе кои ги посветуваат своите животи на подобро рангирање, наместо да правиме работи кои се вредни и важни.

Во основно училиште тоа е многу разорно, што го увидов кога моите деца беа основци. Уште кога ќе стигнат во трето одделение, се создава поделба на глупави и паметни. Ако си вброен меѓу глупавите, тогаш училиштето те третира на сосема поинаков начин отколку кога си меѓу паметните.

Замислете што им прави тоа на децата. Тие го сфаќаат тоа многу сериозно, што е погубно за нив, а притоа нема никаква врска со образованието.

Образование - тоа е развивање на сопствените потенцијали и сопствената креативност. Можеби нема да бидете сјајни на училиште, но ќе бидете одличен уметник. Што е лошо во тоа? Тоа е само поинаков начин да живеете исполнет живот, да се облагородите и себеси и оние околу вас.

Самата идеја за рангирање е штетна. Таа е дел од системот кој треба да создаде т.н. „економски човек“. Тоа е некој кој рационално калкулира како да го подобри сопствениот статус и да го зголеми своето богатство, не обрнувајќи внимание на ништо друго. Кој теженее да трупа материјални добра, зашто тоа е она што може да се измери. Ако сте добри во тоа, тогаш сте рационална личност која донесува одлуки врз основа на факти. Го зголемувате својот „човечки капитал“ кој можете да го продадете на пазарот.

За каков тоа човек зборуваме? Дали е тоа човечкото суштество кое сакаме да го создадеме? Сите тие механизми - тестирањето, проценувањето, мерењето, вреднувањето - ги присилуваат луѓето да развијат такви особини... А таквите идеи имаат свои последици...

(Транскрипт од дел од интервју на Ноам Чомски за The Progressive Magazine)

Слики: Shaun Tan

Слични содржини

Балкан / Живот

ОкоБоли главаВицФото