Боб Дилан - бунтовниот Дедо Мраз

18.04.2015 10:01
Бунтовниот Дедо Мраз

Секоја есен, во времето кога ќе се огласи шведската Кралска академија, голем број обожаватели на американскиот кантавтор Боб Дилан (1941) се надеваат дека одлуката на жирито кое ја доделува оваа најважна светска награда за книжевност можеби и ќе ги израдува. Се надеваат на смелата одлука на жирито, иако многу добро знаат дека Дилан тешко ќе освои Нобелова награда за книжевност. А, би можел, се разбира! За сè што напишал овој бунтовник (компонирал и отпеал) од 1960 година до денес, што значи речиси половина век. Додуша, којзнае? Ќе видиме што ќе се случува по овој повод во наредните години.

Иако, жирито за Нобел сè уште не нè изненадило со одлука да го круниса Боб Дилан со ова признание, познатиот уметник уште не престанува да изненадува. Во средината на октомври, во светот излезе неговиот нов музички албум „Christmas In The Heart“ („Божиќ во срцето“), збирка главно со познати божиќни песни. Станува збор за стари песни, како и оние од мјузиклите (од златното време на мјузиклот) како и од цртаните филмови. Во толкувањето на Дилан добиваат иронично дедомразовски призвук: ги изведува шеесет и осум годишен човек (повеќепати крунисан со „титулата“ дедо) кој пееше со суров глас уште од својата дваесетта година! Дали тој глас ќе ги исплаши децата? Нивните родители секако нема! Можеби сепак повеќе ќе ја сакаат неговата верзија „Have Yourself A Merry Little Christmas“ од онаа која во 1944 година ја отпеа славната Џуди Гарланд.

Постои добро позната анегдота која зборува за тоа како во една прилика Боб Дилан присуствувал на венчавање на роднина во синагога во Минеаполис. Во одреден момент на обредот гостите запеале со рабинот. „Ох, полека ти! Малку потивко!“, му се обратила на Дилан во храмот една од неговите роднини. „Овде никој не дојде да те слуша тебе!“ Толку за тоа дека има и онакви што не им се допаѓа како звучи Дилан...

Секогаш слушав ѕвона

„Божиќ во срцето“ е добротворен потфат. Сите свирачи и пејачи, на чело со Дилан, се откажале од приходите, а заработката од продадените дискови оди во Светската програма за хранаWorld Food Programme. Дискот е снимен во Санта Моника, во Калифорнија, во студиото на Џексон Браун. Иако, дури од неодамна е на музичките листи, во скандинавските земји веќе е на водечките места. Во секој случај, извесно е дека ќе се најде во корпите преполни со божиќни подароци на многумина негови обожаватели на песните за празниците и – за Дедо – Мраз. Колку гладни ќе бидат нахранети од овој диск допрва ќе се види.

„Трагедија е што само во мојата земја има повеќе од триесет и пет милиони луѓе, од кои дванаесет милиони деца, заминуваат на спиење гладни, а се будат не знаејќи кога ќе го добијат следниот оброк. Ѝ се придружив на организацијата ’Feed America‘ со надеж дека нашите напори ќе им донесат некаква извесност во тој поглед, барем за време на празниците што следат“, рече Дилан.

„Божиќните песни ги пее еден од најкрекавите гласови на сите времиња“, напиша со нескриена наклонетост, по повод новиот албум, критичар на познатото американско списание „Њујоркер“. И останатите се сложуваат дека, иако ироничен, овој компакт диск за деца (и остарени деца) е нешто „најсентиментално и најискрено“ што Дилан некогаш го испеал. На албумот има снимки од познатите песни меѓу кои се „Here Comes Santa Claus”, „Winter Wonderland”, „Little Drummer Boy”, „Have Yourself A Merry Little Christmas”, „Must Be Santa”... Освен гласот на Дилан, слушателот ќе биде во можност да слушне интересни аранжмани кои, покрај тоа што го враќаат сеќавањето во музиката од педесеттите (тоа се пратечките вокали и таканаречените ангелски гласови), донесуваат и цела низа храбри, невообичаени музички преплетувања на различни инструменти. Покрај електричните гитари и басови, се слушаат и хавајски гитари и армоники, па и мандолини. Дали Дилан во старите денови се враќа во детството?

„Можеш да направиш многу нешта за да изгледа дека времето стои неподвижно, но, се разбира, јасно ти е дека тоа никому не оди од рака“, рече славниот кантавтор во филмот „No Direction Home“ на Мартин Скорсезе, објаснувајќи ги своите уметнички стремежи. Почнал да свири гитара на десет години, а потоа и клавир. Во средно училиште толку го изнервирал директорот за време на училишната приредба, што морал да ја спушти завесата додека младиот Роберт Цимерман свирел рокенрол на клавир.

Можеби старите божиќни песни кои го слават големиот празник, исто како и доаѓањето на Дедо Мраз (односно Божиќ Бата) го вратиле токму во времето кога и самиот бил дете?

Во првиот дел од автобиографијата која носи наслов „Хроники“, Дилан, меѓу другото, напишал како ги запаметил црквените ѕвона:

„Секогаш ги слушав и наслушував црквените ѕвона. Железни, бронзени, сребрени – ѕвоната секогаш пееја. Во недела, за време на служба, за празник. Тие одѕвонуваа кога ќе умреше некој значаен. Кога луѓето се венчаа. Секоја посебна прилика доведуваше до ѕвонење. А, кога ќе ги слушнев, ме исполнуваше пријатно чувство. Ги сакав дури и ѕвончињата на вратите и ѕвончињата на радиото Ен Би Си. Видов дури и прозорец со мали стаклени окна врамени со олово во правец на црквата. Нејзините ѕвона стивнаа, а снегот во вртлози се креваше од врвовите на покривите. Снежната бура го голташе градот додека животот се вртеше во круг на мрачното платно. Замрзнато и студено.“

Молитва која има смисла

Сепак, изгледа дека она што најмногу ги изненади новинарите е фактот дека Боб Дилан одлучил најновиот албум да му го посвети на христијанскиот празник – раѓањето Христово. Како тоа Евреин да пее за Божиќ и Дедо Мраз? Некои повторно ја извлекоа теоријата дека Роберт Цимерман (кој на Бар мицва во тринаесеттата година ѝ пристапил на верската заедница на Евреите) сепак, во седумдесеттите години од минатиот век станал христијанин. Многу корисно за оние кои се залагаат за конфликт меѓу верите. Меѓу другото, веќе сними и плоча со госпел песни.

По таткова страна, предците на Дилан се Евреи од Украина, а по мајчина – од Литванија. Но, додава Боб, имаше и такви кои се презиваа Киргиз! Затоа ни тие не треба да бидат исклучени од сложеното семејно стебло на овој музичар.

Познат по тешкиот карактер, сепак, Боб Дилан повеќепати недвосмислено одговарал на вакви прашања:

„Секогаш верував дека постојат виши сили. Во музиката ги наоѓам и филозофијата и верата. Не ги наоѓам на ниту едно друго место. Не им се обраќам ниту на рабините, ниту на свештениците. Најмногу научив од песните. Јас верувам во музиката, во песните. Слушаш музика и учиш како да живееш!“

Затоа, да го слушнеме „Божиќ во срцето“, овие нови нежни музичко-филозофско-верски пораки на Боб Дилан, и да имаме предвид дека за него самиот чин на уметничко создавање – е молитва. Молитва, но кому? Во една прилика, пред концерт, некој пријател го затекнал Боб Дилан како стои со наведната глава.

„Зошто се молиш?“, го прашал.
„Се молам за да станам подобар човек“, одговорил. „Тоа е единствената молитва која има смисла“.

Пропаста е успех

Американскиот музичар Боб Дилан е роден како Роберт Цимерман во градот Дулуту, во Минесота, на северот од САД, во мај 1941 година, во семејство трговци за електричарска опрема. Неговите протестни песни како што се „Blowin in the Wind“, „The Times They Are A-Changin“, и „A Hard Rain’s A-Gonna Fall“ од почетокот на шеесеттите години од дваесеттиот век, ќе останат запаметени како музичка врска со антивоениот протест и борбата за освојување граѓански права.

Од доцните педесетти, кога го променил презимето и како свое го земал името и презимето на велшкиот писател Дилан Томас („Јас направив повеќе за Дилан Томас, отколку што направи тој за мене“, рече повеќе години подоцна), почнал да настапува во клубовите во Минеаполис. Потоа, како дваесетгодишник дошол во Њујорк, поточно во Гринич Вилиџ, и му се придружил на тогаш многу живото уметничко движење. Продолжил да настапува инспириран од фолк песните на музичарот Вуди Гатри и делата на писателот Џек Керуак. Читал многу: на него секако влијаеле и бројни писатели и поети, меѓу кои се Рембо, Китс, Достоевски и многу други... Пеел назално, со груб глас, придружен со гитара и усна армоника. Освен протестни, Дилан се искажал и како автор на романтични, мисловни љубовни песни.

Во средината на шеесеттите, ја заменил акустичната гитара со електрична и некои негови обожаватели жестоко го критикувале заради тоа. Продолжи да свири, да снима и да настапува до ден денешен, со одредени прекини, кога доживеал сообраќајна незгода, а подоцна и срцев удар. Одредено време (од 2006 до 2009 година) ја водеше и омилената радио емисија „Theme Time Radio Hour“. На доделувањето на „Греми“ наградите за животно дело, во 1991 година, Дилан го изјави следното:

„Татко ми не ми остави ништо особено, затоа што беше многу едноставен човек. Еднаш ми рече: ’Синко, знаеш, постои можност од животот на овој свет човекот толку да се извалка што и родените татко и мајка ќе го напуштат... Ако се случи нешто такво, знај дека Бог секогаш ќе верува дека ќе успееш да се воздигнеш и да се исчистиш, и да го најдеш својот пат‘.“

Доколку некогаш го изгубил, Дилан очигледно секогаш успевал да го најде својот пат.

„Нема таков успех каква што е пропаста, а пропаста не е баш никаков успех...“, напиша Боб Дилан во една своја славна љубовна песна.

13.11.2009

Извор: http://politikin-zabavnik.rs

Слични содржини

Книжевност / Култура / Теорија / Музика
Уметност / Музика
Музика

ОкоБоли главаВицФото